Скопјанката Ана Стојановиќ студира во Русија: „Цела недела сме ангажирани на факултет, а обезбеден е психолог за вознемирените од војната“

Скопјанката Ана Стојановиќ студира во Русија: „Цела недела сме ангажирани на факултет, а обезбеден е психолог за вознемирените од војната“

Подготвил: Јована Трајковска

Лектор: Ивана Кузманоска

На факултетите има бесплатен психолог за сите што се вознемирени од војната, студентскиот дом е софистициран, може да се користат машините за перење со плаќање преку мобилна апликација, оценувањето е со оценки од 1 до 5, притоа со 2 не се положува, вели Ана Стојановиќ

Ана Стојановиќ е студент во трета година на рускиот Универзитет за кино и телевизија во Санкт Петербург. Студира актерство, а желбата да се оствари како актер и се појавила уште во раните школски денови. Таа аплицирала за насоката актерска игра и на македонскиот Факултет за драмски уметности, но, за жал, не била примена, што ја мотивирало среќата да си ја побара на друго место, поточно во Санкт Петербург.

Во февруари 2022 година почнаа воените немири помеѓу Русија и Украина со огромни штети на страната на Украина, кои, за жал, сѐ уште траат. Ја прашавме Ана како влијае војната врз студентите, дали чувствуваат страв, дали имаат некакви ограничувања или забрани?

- Кога се случува вакво нешто во светот, без разлика каде и да си, влијанието е големо. Се разбира дека тоа никој не го посакува. На нашиот универзитет има бесплатен психолог за сите студенти што се вознемирени. Нема никакви забрани, тоа што јас го почувствував најмногу како ограничување, како странец во друга земја, е намалениот број на авиони и наглото растење на цените на авионските карти - вели Ана.

Една од специфичностите што го издвојуваат овој универзитет е предусловот студентите да земат подготвителна година во која ќе можат да го научат рускиот јазик.
 
- Во Русија има закон секој странец што сака да студира, да помине една година на подготвителен курс, каде што најмногу се става акцент на рускиот јазик, но се учат и многу други работи, на пример, каков е животот во Русија, какви закони имаат, традиции, за културата, историјата... Полагав приемни на неколку факултети - раскажува Ана.


Ана е студент со целосна стипендија и студира на руски јазик

Процесот на запишување на факултетот за неа бил навистина стресен со оглед на тоа што повеќето од активностите и задачите што ги имале при уписот морале да ги изведуваат онлајн. Таа ни раскажа како изгледал тој процес:

- Откако го завршив подготвителниот курс, полагав приемни испити за актерка. Можам да кажам дека процесот низ кој поминав беше напорен и стресен. Уште од почетокот знаев дека ќе биде многу понапорно и потешко, руската школа е сосема поинаква од нашата и многу добро знаеме дека се познати по строгоста и дисциплината. Процесот на запишување на факултет дополнително ми го отежна и пандемијата, па сите приемни морав да ги полагам онлајн. Сепак, тоа не е теорија, туку практика. Успеав да се запишам со целосна стипендија - споделува Ана.


Фото:Елизавета Столбова

Предавања од понеделник до сабота, а во недела проби

Ако ги споредиме македонскиот и рускиот образовен систем, можеме да забележиме енормни разлики. Како што спомена Ана, главни особености на рускиот образовен систем се строгоста и дисциплината. Тоа може да се забележи и по начинот на одвивање на нивните предавања, организираноста и оценувањето.

- Затоа што професијата е таква, повеќе внимание се обрнува на практика. Имаме предавања од понеделник до сабота, а во недела ја користиме салата за проби затоа што само тој ден немаме предавања. Обично предавањата ни почнуваат во 9:00. Во првата половина од денот имаме балет, сценско движење, вокал, сценски говор, а во втората половина актерска игра. Има денови кога остануваме таму до 22:30 часот. Оценките се од 1 до 5 како во средно школо, со 2 немаш положено - вели Ана.


Фото: Елизавета Столбова

Студентскиот дом функционира по правила, а градот има што да им понуди на студентите, кои имаат попусти за театри и музеи, за храна, чај и кафе.

- На почетокот живеев во студентски дом, а потоа се преселив во стан. Во студентскиот дом делев соба со две цимерки, на секој кат имавме кујна што ја делевме со сите соби, кабините за туширање беа на приземје и ако сакаш да се тушираш, оставаш картичка и ти даваат клуч, исто така, машините за перење алишта беа на приземје и се плаќаше преку апликација на телефон. Сѐ си имаше свои правила. Не смеевме да излегуваме од домот по полноќ, а ако бевме претходно излезени, можевме да се вратиме во кое било време во ноќта. Генерално студентскиот живот е многу интересен. Има преголем избор каде да се отиде и што да се види. Има премногу музеи, театри, изложби, огромни паркови со историско наследство. Како студенти имаме многу попусти, имаме картички посебно за во метро, попуст за во театри и музеи, за храна, за кафе и чај раскажува Ана.

Актерската професија е многу ценета

Покрај многубројните поволности што ги ужива Ана на нејзиниот факултет, таа добива и многу шанси за професионално издигнување преку нејзиниот факултет.

- Во класа сме 20 студенти, а веќе 10 од групата учествуваме во претстави кои се надвор од универзитетот. Можам да кажам дека тоа многу ми се допаѓа затоа што ни се дава шанса и ни се отвораат некои нови врати. Имаме можност да се покажеме пред некои режисери што доаѓаат на нашите испити да нѐ гледаат. Во Петербург има театри на секој чекор, тука нашата професија ја ценат на друго ниво, за жал, некое непознато за нас во Македонија – вели Ана.



Ана е сѐ уште неодлучна во врска со својата иднина, дали ќе ја продолжи кариерата во Македонија или ќе се надградува во странство. Како што вели таа: „Се разбира дека би сакала да глумам и на мојот мајчин јазик затоа што сметам дека тоа дава посебно чувство, меѓутоа, ќе видиме што ќе покаже времето“.