Опасната и честа форма на депресија за која луѓето не зборуваат доволно

Опасната и честа форма на депресија за која луѓето не зборуваат доволно

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Терминот „насмеана депресија“ - кога човек изгледа среќен пред другите, додека внатрешно страда од депресивни симптоми, стана многу популарен. Постојат статии на оваа тема, а бројот на пребарувања на „Гугл“ за оваа состојба драматично се зголеми годинава.

Некои луѓе го доведуваат во прашање терминот, дали воопшто станува збор за вистинска, патолошка состојба.

Иако „насмеана депресија“ не е технички термин што го користат психолозите, секако е можно човек да биде депресивен и успешно да ги маскира симптомите. Најблизок технички термин за оваа состојба е „атипична депресија“.

Всушност, значителен дел од луѓето што се соочуваат со лошо расположение и губење на задоволството во активностите успеваат да ја сокријат нивната состојба на овој начин. А овие луѓе би можеле да бидат особено склони кон самоубиство.

Може да биде многу тешко да се открие кои луѓе страдаат од ваков вид депресија. Можеби изгледаат како да немаат причина да бидат тажни - имаат работа, стан, деца, партнер. Се насмевнуваат кога ги поздравувате и со нив можете да водите пријатни разговори. Накратко, овие луѓе ставаат маска за надворешниот свет додека водат навидум нормален и активен живот. Но, се чувствуваат безнадежно, понекогаш имаат и самоубиствени мисли. Силата што им вели дека мора да продолжат со нивниот секојдневен живот може да ги направи особено ранливи и да го зголеми ризикот за самоубиство.

Ова е спротивно на другите форми на депресија, во кои луѓето имаат идеи за самоубиство, но немаат доволно енергија за да дејствуваат. Иако луѓето со ваков вид депресија ставаат маска на среќни луѓе за надворешниот свет, тие можат да доживеат позитивно расположение како резултат на позитивните настани во нивниот живот. На пример, добивање текстуална порака од некој што би сакале да го слушнат или пофалба на работното место би можела да направи да се чувствуваат подобро пред повторно да паднат во депресија. Други симптоми на оваа состојба вклучуваат прејадување, чувство на тежина во рацете и во нозете и лесно навредување од критики или одбивање.

Луѓето со „насмеана депресија“ исто така почесто се депресивни во вечерните часови и чувствуваат потреба да спијат подолго од вообичаено. Но, кај другите форми на депресија расположението може да биде полошо наутро и човек може да почувствува потреба да спие помалку отколку што обично спие. „Насмеаната депресија“ е почеста кај луѓето со одреден темперамент. Особено е поврзана со предвидување неуспех, тешкотии во надминувањето срамни или понижувачки ситуации и стремеж претерано да размислуваат за негативните ситуации што се случиле.

Тешко е да се одреди што точно ја предизвикува оваа депресија, но ниското расположение може да потекнува од голем број нешта, како што се проблемите на работа, раскинување или чувството дека животот нема смисла и значење. Оваа форма на депресија е прилично честа. 1 од 10 луѓе се депресивни, а помеѓу 15 и 40 отсто од овие луѓе страдаат од атипична форма што потсетува на „насмеана депресија“. Ваквата депресија започнува рано во животот и може да трае долго.

Истражувањата покажуваат дека медитацијата и физичката активност имаат огромни придобивки за менталното здравје. Освен тоа, резултатите покажуваат и когнитивната бихевиорална терапија, како и учењето да ги промените вашите модели на размислување и однесување.

Наоѓањето цел во животот е од најголема важност. Австрискиот невролог Виктор Франкл напишал дека камен-темелник на доброто ментално здравје е кога човек има цел во животот. Можете да пронајдете цел ако го одвлечете вниманието од себе и го насочите кон нешто друго. Пронајдете цел што вреди и обидете се да имате редовен напредок. Можете да најдете цел ако се грижите за некого. Кога ќе ставите друга личност во центарот на вниманието, ќе почнете да размислувате за туѓите потреби и желби, па ќе започнете да чувствувате дека вашите животи се важни.

Чувството дека вашиот живот е важен во крајна линија е она што ни дава цел и значење - тоа може да направи значајна разлика за нашето ментално здравје и благосостојба.