Дамјан Цветановски, актер: Татко ми беше многу среќен што решив да студирам во Нови Сад
Многу се радувам на можноста да работам за и со деца, особено во проект каков што е „Светот на Биби“. Ми се допаѓаат лекциите од секоја епизода и чест ми е што некако придонесувам децата да ги научат тие важни животни лекции, вели младиот актер кој го позајмува гласот за Боби во српската верзија на „Светот на Биби“
Дамјан Цветановски е надежен актер од помладата генерација кој умее многу вешто да се трансформира и умешно да го користи гласот како моќно актерско орудие. „Несоодветно за на работа“, „Пантаглез“, „Човек перница“ се претставите што во моментов се играат на сцената на Драмскиот театар, во чиј ансамбл е една година. Во Македонскиот народен театар гостува во претставите „Еден месец на село“ и „Галеб“.
Дамјан Цветановски (фото: Борче Поповски)
Заедно со групата актери и режисери е дел од импров-групата „Настап“, која постои две години. Станува збор за комична, непосредна, но комплексно структурирана театарска група која критикува, демистифицира и образова, а притоа не се подбива со публиката.
Од неодамна Цветановски стана и дел од тимот на „Светот на Биби“ позајмувајќи го гласот на Боби во српската верзија.
Студиравте во Нови Сад. Како падна изборот за таа академија, со оглед на тоа дека на Факултетот за драмски уметности во Скопје предаваше и Вашиот татко Владо Цветановски?
- Па, токму тоа што предаваше на факултетот беше причината што се одлучив за Академијата во Нови Сад. Сакав да бидам сигурен дека заслугата за запишувањето на глума е моја, нешто на што секогаш можам да се потсетам ако почнам да се сомневам во моите способности. А, исто така, се сеќавам дека тој беше многу среќен затоа што имав таков став. По тоа прашање бевме слични.
Дамјан Цветановски (фото: Борче Поповски)
Сега сте дел од ансамблот на Драмскиот театар, каде што веќе имате неколку претстави на репертоар. Какви искуства беа соработките со Доналд Ворен Мофет, Владимир Милчин, Јане Спасиќ минатата година?
- Драго ми е што имам свој театарски дом, отсекогаш сакав да припаѓам во една таква фамилија и еве ме сега стекнувам нови пријателства и искуства, работам за мојата куќа и се радувам на секој нејзин успех. Мофет, Милчин и Спасиќ ми се последните проекти на кој сум работел во Драмски и од трите ќе понесам искуства и спомени. Инаку, во Драмски досега имам сработено пет претстави, од кои две не се играат повеќе - „Венецијанскиот трговец“ и „Папагалот Историко“.
Го позајмувате гласот на Боби во српската верзија на „Светот на Биби“. Се радувате ли на новиот предизвик, особено што ѝ се обраќате на детската публика и дали беше проблем да се совлада српскиот јазик?
- Многу се радувам на можноста да работам за и со деца, особено во проект каков што е „Светот на Биби“. Ми се допаѓаат лекциите од секоја епизода и чест ми е што некако придонесувам децата да ги научат тие важни животни лекции. Истовремено чувствувам одговорност од таквата задача. Времето во кое живееме е брзо и преплавено со секакви содржини и информации и на детето му се достапни сите со само еден допир на прстот. Ретки се тие што го задржуваат вниманието, а истовремено нудат содржина исполнета со пораки за морал, етика, чесност и добрина како што е „Светот на Биби“. За моето совладување на српскиот јазик имам чувство дека беше многу мачно и долго, а истовремено како да го совладав јазикот преку ноќ. Веќе не се сеќавам кое од овие чувства е повистинито. Ако додадам дека мајка ми е Србинка, претпоставувам дека отсекогаш ми бил мајчин токму тој јазик.
Какво беше студирањето во Нови Сад? Дали има големи разлики со пристапот кон театарската уметност во однос на нашиот Драмски факултет?
- Пристапот кон уметноста е прилично сличен, но пристапот кон образованието беше на далеку подобро ниво. Дел поради многу поисполнетите денови со часови од практична содржина (мечување, акробатика, сценски борби, современи танцови, класични танцови, невербален театар и сл.), а дел поради парите што ги вложува државата со цел да ги подобри условите на студентите. Ѝ посакувам нешто слично и на академијата во нашата земја.
Цветановски (втор од десно) во сцена од претставата „Несоодветно за на работа“, заедно со Сања Арсовска, Стефан Вујовиќ и Зоран Љутков (фото: Никола Јакимов)
Потекнувате од театарска фамилија. Дали тоа некогаш Ви создавало тешкотија? Барало ли од Вас дополнително да се докажувате?
- Претпоставам дека има два типа луѓе што одлучуваат да се занимаваат со „фамилијарната“ професија. Едниот тип се ориентира така чисто поради инерција или можеби гледа за себе веќе истрасиран пат кој лесно може да го вози. Другиот тип нема избор и ништо друго за него нема смисла. Тоа што професијата е „фамилијарна“ е само незгодна ситуација, нешто што само им го отежнува животот бидејќи сакаат самите да бидат заслужни за својата кариера, а не да се вечно нечии ќерки и синови… Јас сакам да сметам дека сум од вторите. Ќе видиме што ќе покаже времето.
Дамјан Цветановски во „Пантаглез“ (фото: Филип Кондовски)
Кој е Вашиот најискрен критичар?
- Моите колеги секогаш се искрени во однос на тоа како сум ја завршил работата на некоја улога, но сепак мислам дека мојот најискрен критичар отсекогаш сум бил и ќе бидам јас. Просто многу ми треба да сум задоволен од мојата работа, некако секогаш мислам дека можело подобро. Често им одам на нерви на моите блиски поради самокритичноста...
Дамјан две години е дел од импров-групата „Настап“
Што работите периодов? Во што ќе може да Ве гледа публиката?
- Периодов додека чекав да излезе националната програма од Министерството за да дознам што сѐ ќе работам се занимавав со импров-групата „Настап“ и многу сум среќен поради развојот на оваа група и публиката, која во овие две години постојано се зголемува. Нашата следна играрија е на 24 февруари во 20 часот во киното „Фросина“ во МКЦ. Резервирајте си ги местата со време и се гледаме таму.
Дамјан Цветановски (фото: Борче Поповски)