Череп стар 30 милиони години открива мистериозен предатор
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Во денешната пустина Фајум во Египет некогаш се простирала бујна шума, преполна со живот. Но, за приматите, нилските коњи и слоновите што живееле таму пред 30 милиони години, оваа средина не била никаков рај.
Тие биле плен на еден моќен предатор – ѕвер со големина на леопард, со разорни вилици и многу остри заби.
Ова го знаеме благодарение на најновото сензационално откритие на палеонтолозите: речиси целосен череп на новооткриен хиперхищник, кој припаѓа на изумрен вид месојади наречени хиенодонта.
Тимот предводен од палеонтологот Шорук Ал-Ашкар од Универзитетот во Мансура и Американскиот универзитет во Египет го нарече овој застрашувачки ѕвер „бастетодон сиртос“, во чест на египетската божица со глава на лавица – Бастет, заштитничката на домот и семејството.
- Со денови ископувавме слоеви карпи стари околу 30 милиони години. Токму кога помисливме да ја завршиме работата, еден член на тимот забележа нешто неверојатно – големи заби што излегуваа од земјата. Со тоа беше означен почетокот на едно извонредно откритие - речиси целосен череп на древен врвен предатор, што е сон за секој палеонтолог што проучува 'рбетници - се присетува Ал-Ашкар.
Фајумската депресија е еден од најбогатите фосилни региони во Африка бидејќи открива суштински детали за период од 15 милиони години во историјата на Земјата. Ова време, познато како палеоген, било клучно за подемот на цицачите.
Повеќе од еден век палеонтолозите работат во оваа област, откривајќи фосили кои раскажуваат приказна за некогашниот богат екосистем.
- Без Фајум, немаше да знаеме многу за потеклото на африканските екосистеми и за еволуцијата на животните како слоновите, приматите и хиенодонтите - објаснува палеонтологот Мет Борс од Универзитетот Дјук, САД.
Черепот на „бастетодон сиртос“ открива многу за начинот на живот на овој предатор.
Како и дивите мачки, крокодилите и другите врвни месојади, ова животно било хиперкарнивор – неговата исхрана се состоела од над 70 отсто месо.
Неговото откритие не само што додаде нова ѕверка на листата со древните предатори, туку и помогна да се разјаснат фосили пронајдени пред повеќе од 120 години.
Тие коски, проучени уште во 1904 година, припаѓале на хиенодонти со големина на лав кои некогаш живееле во Фајум. Првично биле поврзани со европските хиенодонти, но Ал-Ашкар заедно со тимот утврдил дека овие ѕверови потекнуваат од Африка и припаѓаат на посебен род наречен „сехметопс“ (по египетската божица на војната Сехмет).
Истражувањата покажуваат дека бастетодон и неговите роднини започнале од Африка и потоа се прошириле низ северната хемисфера – кон Азија, Европа, Индија и Северна Америка. Но, нивното владеење во Африка било прекинато од драматични климатски и еколошки промени, кои довеле до нивно исчезнување и создале нови можности за други предатори.
- Откривањето на бастетодон е значаен чекор во разбирањето на разновидноста и еволуцијата на хиенодонтите и нивното глобално ширење. Со нетрпение очекуваме да продолжиме со истражувањата и да ги откриеме сложените односи меѓу овие древни предатори и нивната животна средина низ времето и континентите - вели Ал-Ашкар.
Извор:
Science Alert
Фото:
Paleontol