Сите црногорски училишта забранија мобилни телефони за време на наставата

Сите црногорски училишта забранија мобилни телефони за време на наставата

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

По иницијатива на Министерството за образование, наука и иновации, училишните одбори на основните и средните училишта во Црна Гора донесоа одлука за забрана за користење мобилни телефони во текот на наставата, освен во случаите кога нивната употреба е предвидена како наставна алатка, за реализација на одредени наставни единици при секојдневна подготовка. 

- Во одлуката се предвидуваат и посебни околности (итни случаи, здравствени причини и сл.) во кои учениците со одобрение од предметниот наставник или од управата на училиштето можат да користат мобилен телефон - се наведува во соопштението.

Додаваат дека во наредните денови во соработка со училиштата ќе ги создадат потребните предуслови за донесената одлука целосно да се спроведе.

- Компаративната практика во голем број земји покажа дека укинувањето на мобилните телефони во училиштата дава позитивни ефекти врз резултатите што ги постигнуваат учениците во образовниот процес, така што сосема е очекувано и евидентирано дека се зголемува бројот на земји кои воведуваат различни форми на делумна или целосна забрана за употреба на мобилни телефони во училиштата - додаваат од Министерството.

Напоменуваат дека во Црна Гора има училишта кои веќе имаат донесено прописи со кои се забранува користењето на мобилните телефони за време на наставата и велат дека позитивните ефекти од оваа одлука ги потврдиле и наставниците и родителите, но и самите ученици.

- Потсетуваме дека во претходниот период Министерството набави компјутерска опрема за сите образовни институции во Црна Гора вредна околу 7 милиони евра, со што процесот на дигитализација ќе се спроведува непречено, а во наредниот период се планира и набавка на нова информатичка опрема - известиле од Министерството.

Оттаму наведуваат дека преку многубројните начини на соработка што Министерството ги воспоставува со учениците, наставниците и родителите, јасно се дефинирани заедничките приоритети на сите учесници во воспитно-образовниот процес и се рефлектираат во потребата од создавање услови за поквалитетно образование и поприсутна образовна компонента на училиштето како институција.

Извор: s-medijicg.com

Фото: Freepik