Коронавирусот ги откри недостатоците во образованието – и системски и лични, вели професорката Тамара Ќупева

Коронавирусот ги откри недостатоците во образованието – и системски и лични, вели професорката Тамара Ќупева

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Во ера на интернет и достапни ресурси, речиси е неправедно и неоправдано да се биде пасивен и нељубопитен за новините што ги носат времето и генерациите. Ако сакаме да бидеме целосно објективни, фер е да се прашаме и ние самите, наставниците, колку сме направиле личен исчекор за тие посакувани промени навистина да се случат?

Затворањето на училиштата и на сите други образовни институции ја отвори Пандорината кутија за македонското образование. Освен листата со онлајн-платформи и неформалната програма „ТВ училница“, наменета за помалите деца, МОН не понуди системско решение.
За слабостите што ги покажуваме во нашето образование поразговаравме со д-р Тамара Ќупева, професорка во средното училиште „Орце Николов“ во Скопје. Таа е долгогодишен истражувач во областа на образованието и комуникациите, доктор на филолошки науки, автор на десетици стручни трудови и книги. Во 2018 година заврши студиски престој во САД. 

Додека некои земји од регионот веќе применуваат онлајн-настава со наставници кои предаваат и им се достапни на учениците, кај нас тоа е сведено на ентузијазам и на праќање материјали по родителите. Има ли МОН систем за реагирање во вакви ситуации?

- Развиените земји што обично ги земаме како модел за организиран пристап во образованието, а особено во вакви искуства од поширок карактер, покажуваат поголема подготвеност за овој нов предизвик. Ова е системско прашање и ги повикува на одговорност институциите за образование. Тие треба да понудат конкретни акции и форми на однесување.

Од она што можевме да го видиме деновиве, МОН презентира неколку едукативни платформи и еден нов медиумски производ – „ТВ училница“. Дел од понудените дигитални материјали се боенки и игри со едукативен карактер, визуелни и аудиосликовници, вежби за учење англиски јазик, дигитална библиотека и слични содржини наменети за помалите ученици. Сами по себе, тие се интерактивни и мултимедијални, што е доволно за активно вклучување на децата. Проектот „ТВ училница“ се покажа како интересен телевизиски производ, наменет за децата од пониските одделенија.
Но, ова се ресурси што не можат да бидат целосно системско решение затоа што не нудат материјали или платформи за вклучување и на повозрасните ученици. Уште повеќе, овој тип наставни материјали се активности за работа дома (боење, гледање, слушање) без директно вклучување на наставникот во процесот на интеракција со овој материјал.

Во сосема поинакви услови, онлајн-наставата е организиран и квалитетно осмислен процес што може да биде замена за училишната настава. Таа подразбира мисловно и практично ангажирање на ученикот во комуникација со наставникот, што е клучна задача на образовниот процес, но вклучува и форми на социјализација и размена на мислења, најважни во таа фаза на развој.

Д-р Тамара Ќупева

Во нашиот контекст, новонастанатата состојба само ги покажа пропустите и импровизациите што со години наназад го обликуваат македонското образование. На најилустративен начин, само уште еднаш се потврди недостигот на човечки потенцијал за иницирање и спроведување реформи, недоволно знаење од областа на новите пристапи во комуникацијата и дигиталното образование, отсуство на пошироки, системски решенија за ваков тип настава и сл. Тоа е наша колективна слабост и институционална неодговорност.

Какви услови треба да се исполнат за да се реализира онлајн-настава? 

- Формално и технички, не треба многу. Еден лаптоп или компјутер со соодветни алатки за комуникација. Но, сепак, голем број дебати деновиве укажуваат на тоа дека последиците од пандемијата со коронавирусот направија пресвртница и во начинот на функционирање на училиштата, особено во пристапот на училиштето до учениците. Дури и технолошки поразвиените земји се соочуваат со предизвиците на овој тип образование, особено во услови на сериозна општествена, социјална и секако, психолошка криза на човештвото. И тие првпат се соочуваат со овие искуства во еден ваков специфичен контекст. Сепак, не станува збор за нормален општествен амбиент и не можеме да ги споредуваме параметрите на овој модел.

Во наши национални рамки, најголемите проблеми за овој тип настава се од социјална и технолошка природа. Според последните извештаи на Агенцијата за електронски комуникации, 84% од домаќинствата имаат пристап до интернет, што е висок просек на поширок план.
Но, исто така, ова значи дека онлајн-наставата не може да ги вклучи сите деца, особено децата од ранливите социјални групи. Дел од нив немаат ни соодветни технички уреди за интеракција од ваков тип. Дополнително, во вакво системско решение потребни се поединечни пристапи и алатки и за интеракција со децата со посебни потреби што се вклучени во образовниот процес.

Уште посериозен проблем се неопходните вештини на наставниците за користење на овие дигитални алатки и платформи. Технички, не може да се организира онлајн-настава ако наставникот не е технолошки, дигитално писмен и подготвен за вклучување во оваа интеракциска зона. Дел од проблемите се и од сосема лична природа - недостиг на ентузијазам за учење и промена во пристапот кон наставната содржина и психолошка несигурност за виртуелна комуникација со учениците. Онлајн-наставата, сепак, подразбира и поинаков тип (електронска и визуелна) комуникација, па наставникот може и да не биде подготвен за ваква „неприродна“ комуникациска улога на соговорник пред камера. 

Моделот на онлајн-настава во некои македонски училишта може да има и еден друг ,,комуникациски“ проблем, а тоа е бројот на ученици што еден наставник треба да ги координира во дигиталната интеракција. Сѐ уште има училишта каде што бројот на ученици во паралелка е голем (34 ученици во еден клас), па еден наставник во услови на онлајн-настава треба да координира повеќе од 300 профили, коментари, е-пораки, одговори на задачи и сл. А тоа технички може да создаде дополнителни тешкотии. 

Во услови на помали групи и во училишта со помал број ученици, тоа секако е многу полесен и попристапен процес.

Сметате ли дека барем средношколците, кои многу повеќе ги користат технологиите, периодов можат да учат и да комуницираат со своите наставници на дневна база?

- Ќе се обидам да ви одговорам на ова прашање со една духовита поента. Има еден податок што најилустративно ја одразува психологијата на средношколците и нивниот однос кон учењето и кон технологијата. Во првите денови од кризата со коронавирусот во Кина веднаш беа вклучени и најпознатите компании во насока на креирање услови за организирање онлајн-настава за кинеските ученици.
„Алибаба групацијата“ ја понуди својата најдобра платформа DingTalk, со сите потврдени технолошки признаци за подобност. Таа беше прифатена и интегрирана во националниот систем на образование. Кинеските ученици, лути поради тоа што брзо беа вклучени во секојдневните школски активности, ѝ се „одмаздија“ на „Алибаба“, тенденциозно оценувајќи ја апликацијата со најниски оцени во прегледите. Од пет, за кратко време оваа апликација спадна на оцена од само две и пол ѕвезди. Повеќе од 800.000 илјади млади корисници на овој начин се обиделе да создадат лоша слика за перформансите на оваа платформа, за апликацијата да го изгуби статусот во поширокиот технолошки бизнис.
„Алибаба групацијата“ им одговори на кинеските ученици преку персонализирано, анимирано сатирично видео и во нивен стил, со зборовите: ,,Знам, млади херои, вие не очекувавте ваков исполнет одмор и знам, тешко ви е!“
Македонските ученици не се далеку од кинеските. И по дигитална писменост и по културата на созревањето и растењето. Тоа е таа типична, универзална детска природа.
На нас, возрасните, останува да ги потсетиме дека тие се дел од организиран систем кој очекува работа и знаење. Ние, возрасните, треба да им покажеме дека заедно можеме да направиме повеќе, за доброто на заедницата!


Треба ли од оваа ситуација да научиме важна лекција, дека не треба да си играме со најважните сектори – образование и здравство?

 

- Многу светски лидери потврдија дека оваа криза прерасна во вистински предизвик и за образованието на глобално ниво. Таа самата создава нови образовни модели што се адаптираат на актуелните општествените мерки и забрани. Во нашиот случај, имаме целосен одраз на севкупните состојби во училиштата, на потребата од итна реформа на учебниците и наставните програми и вклучување различни технолошки помагала во реализацијата на наставата.

Оваа состојба ги откри сите наши недостатоци – и системски и лични. Најважната поука е дека политиката конечно треба да ги тргне рацете од образованието.
Токму во вакви предизвици носителите на функции треба да покажат храброст за нови чекори и интегритет и знаење за она што го застапуваат. Тие треба да бидат носители на одлуки, иницијатори на реформи и креатори на решенија.

Родителите веќе алармираат за потребата од вклучување на децата во некаков неформален образовен процес. Дел од наставниците самоиницијативно или преку училиштата се обидуваат да најдат некаков модел на настава според реалните услови и личните познавања на технолошките алатки и модели на дигиталната комуникација. Токму тие ретки, вредни и посветени наставници нужно му се потребни на образованието. Тие се, всушност, очекуваниот развој и процес на промена. Исклучителни педагози кои и во оваа состојба и услови се пример за одговорност, ентузијазам и лидерство. Оваа актуелна состојба уште еднаш потврди дека наставниците треба да покажат желба за лична промена и професионален развој. Во ера на интернет и достапни ресурси, речиси е неправедно и неоправдано да се биде пасивен и нељубопитен за новините што ги носат времето и генерациите. Ако сакаме да бидеме целосно објективни, фер е да се прашаме колку ние како поединци сме направиле личен исчекор за тие посакувани промени навистина да се случат? 

Општествената мобилизација со која сме соочени деновиве ни покажа дека сите, независно од околностите, имаме и лична, и професионална, и граѓанска обврска да покажеме општествена одговорност!

Проф. Ќупева со своите ученици во гимназијата „Орце Николов“

Како во Вашето училиште се решава оваа ситуација? Дали повеќето колеги реализираат некаква настава, преку е-пошта или слично?

- Засега се користат најдостапните платформи и социјалните мрежи, со одредување насоки за реализација на одредени задачи и споделени материјали. Она на што посебно сакам да укажам е дека во вакви услови и во крајно неизвесна состојба - не е толку важно дали ќе ја реализираме наставната програма одредена со планот за работа. И не е прашање дали сме успеале да обезбедиме секојдневна онлајн-настава, затоа што во вистинска смисла, таа реално и не е возможна поради горенаведените услови. 

Но, навистина е важно училиштето да биде во контакт со децата и да им одредува барем минимални, неделни училишни активности. Во моментов, навистина образованието има сосема поинаква компонента. Во ваков контекст на сериозна епидемија и општествена изолација, времето на децата мора да се осмисли со зададени задачи, на кои ќе работат како на цели што треба да се постигнат. Тоа е неопходно за нивниот развој бидејќи и тие треба да имаат чувство дека се дел од општата мобилизирана заедница. 

Тие се исклучителни креативци, покажуваат неверојатна духовитост и оригиналност во комуникацијата, различни се во погледите и истовремено се најавтентичен ресурс за учење на технолошките алатки за соочување со новото време. Најлесно е да се откажеме и да наоѓаме оправданија за нашата немоќ. Најтешко е да се обидеме да го најдеме пристапот до нив за да го откриеме тој нивен непроценлив потенцијал. Дури и во вакви, вонредни услови. Треба само да поттикнеме дијалог. И да знаеме како. Во оваа социјална и емоционална криза, тоа е и единствениот модел што ќе го сочува најдрагоцениот сегмент на нивната личност – нивното ментално здравје! Во моментов, тоа е врвен национален приоритет!