Што точно значи вонредна состојба, објаснува проф. Оливер Бакрески

Што точно значи вонредна состојба, објаснува проф. Оливер Бакрески

Кога станува збор за здравјето на граѓаните, не треба да има никаква импровизација, парцијализам или политичко тактизирање затоа што здравјето е врвен приоритет и стои највисоко на агендата на државата

Пишува: Проф. д-р Оливер Бакрески - Институт за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет

Со прогласувањето на вонредната состојба поради сериозноста на заканата од вирусот Ковид-19, со кој се соочува нашата држава, а и речиси сите држави во светот, основното прашање што си го поставуваме денес е што претставува вонредната состојба, што ќе значи за граѓаните оваа состојба, а што за целокупното општество.

Нема дилема и по прогласување на вонредната состојба и претходно, пред да се воведе и за време на прогласена кризна состојба во општините Дебар и во Центар Жупа, централната улога за справување со вирусот ја има Владата, затоа што таа единствено има ингеренции и е задолжена за оперативно дејствување и мобилизирање на сите форми на организација и дејствување, како и обезбедување координација за кризно раководење со државата. Овој структурен изоморфизам симплифицира оперативност во извршување на преземените мерки за надминување на состојбата со вирусот.

Оливер Бакрески

Секако, вонредната состојба во која се наoѓа државата е прво искуство за нас, и Владата во ваква ситуација веќе добива екстра ингеренции и поголема моќ, но ќе нагласам - тоа не треба да се разбере дека се прави центар на моќ кој ќе ја загрози позицијата на другите органи, пред сè, претседателот на Републиката и другите политички субјекти. Во никој случај кога станува збор за здравјето на граѓаните, не треба да има никаква импровизација, парцијализам или политичко тактизирање затоа што здравјето е врвен приоритет и стои највисоко на агендата на државата.

Во поинаква ситуација, ако не се прогласеше вонредна состојба, особено при извршување на законите, во оваа тешка ситуација Владата ќе беше врзана за тесни законски рамки со кои се регулира работењето на многубројни институции, органи и тела и секое излегување од нив консеквентно ќе значи свесно кршење на прописите. Но, од друга страна, ситуацијата налага поради непредвидливоста, да се излезе од законските рамки затоа што тие не се доволни, особено кога сме во ситуација од час во час да се менуваат работите на терен, а влошувањето по автоматизам ќе значи и поголема мобилизација, ангажирање повеќе ресурси (човечки, материјални, финансиски итн.), што ќе значи и менаџирање надвор од пропишаните правила.

Во основа, Уставот во член 125 строго пропишува во кои услови може да се прогласи вонредна состојба. Во согласност со овој член, вонредна состојба може да се прогласи на дел или на цела територија во услови на големи природни непогоди и епидемии. Понатаму строго е пропишана постапката за прогласување, односно ова ингерирано право му е дадено на Собранието на предлог од претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници. Во нашиот случај, кога реално Собранието е распуштено, во интерес на времето и сериозноста на ситуацијата Владата како еден од предлагачите, како што веќе го направи тоа, достави предлог до претседателот на Републиката за прогласување вонредна состојба. По разгледување на оправданоста, претседателот прогласи вонредна состојба.

Со прогласување вонредна состојба, Уставот ѝ дава право на Владата да донесува уредби со законска сила и тие се од времен карактер во точно определени услови и траат до завршување на вонредната состојба, односно 30 дена. Мора да се нагласи дека уредбите со законска сила се општи акти и со нив може да се уредува материја која веќе претходно била уредена со закон на поинаков начин, но и да се уредува материја која не е уредена со закон. Секако, во вакви околности одредени закони ќе претрпат одредени промени кои се суштински и важни за справување со самата ситуација предизвикана од вирусот.

Она што Уставот го дефинира како вонредна состојба не е случајно, затоа што тој е важен инструмент во демократските општества, односно ограничување на клучните институции на власта да не можат да воведуваат вонредни мерки, со што можат да ги суспендираат човековите права, туку така да добиваат екстра ингеренции. Затоа постапката е специјална, се бара 2/3 мнозинство, потоа Уставот ги дефинира околностите, па ако не може да се состане Собранието, тогаш прогласувањето го прави претседателот. Сето тоа е така пропишано за да не се злоупотребува моќта на одредени носители на власт. Тоа е заштита на демократијата.



За разлика од вонредната состојба, долго се дискутираше и за воведување кризна состојба. Прво мора да се знае дека ние немаме во Уставот дефинирано што е криза. Практичарите сметаат дека оваа дилема делумно е надмината со решението од Уставниот суд, по покрената претставка до истиот, дека воведувањето уште една состојба (кризна) во која може да се најде државата, покрај воената и вонредната, не е спротивна на Уставот, односно ја потврдува така како што е дефинирана во Законот за управување со кризи. Сепак, деликатно е ова прашање ако се знае дека во одредени ситуации кога се прогласува кризна ситуација во одредени делови од територијата или на цела територија, се суспендираат човековите права и затоа прогласување воена или вонредна состојба е специфично токму поради овие околности.

Што ќе значи вонредната состојба за граѓаните. Граѓаните не треба да стравуваат од можна злоупотреба и загрозување на човековите права, со тоа што се ограничува времетраењето на прогласената вонредна состојба (на максимум 30 дена) и предвидува задолжително информирање на граѓаните за чекорите што се преземаат, односно дека тие се оправдани и неодложни заради заштита на човечките животи. Аналогно на тоа, суштината на прашањето со вонредната состојба првенствено е израз на објективната нужност поради сериозната закана од вирусот, а не на субјективната потреба дека ќе се злоупотреби инструментот со тоа што во некоја фаза може и дополнително да се ограничи движењето на граѓаните или други злоупотреби. При такви ситуации, улогата на претседателот на државата како иконосен орган е со реално политичко влијание на процесите. Исто така, вонредната состојба не значи по автоматизам излегување на војската од касарните на улиците. Во одредени држави што прогласија вонредна состојба имаше и такви ситуации, но сето тоа зависи и од самата ситуација. Ако ние како граѓани не ги почитуваме мерките, тогаш веројатноста да излезе војската е неизбежна и ќе биде повеќе од оправдана, затоа што сето тоа ќе влијае директно на имплементирачката процедура на заштитните мерки од страна на Владата.

Што ќе значи вонредната состојба за Владата. За Владата, вонредната состојба ќе значи подобра организирана структурална поврзаност за заокружување на потребната рамка за превенирање на состојбата, давање адекватна заштита на граѓаните, а ќе овозможи и да се обезбеди целисходност и применливост на конкретни решенија во практика за ефикасно справување со вирусот.