Сингапур и коронавирусот: Се живее без паника, а политичарите се откажаа од платите во корист на медицинските лица и чистачите
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Во Сингапур животот се одвива нормално, и покрај пандемијата. Авторитарниот град-држава во Источна Азија презеде мерки навреме: со повикување на солидарност и остри казни за кршење на правилата. А помага и музиката, пишува
Дојче веле.
„Се бориме против вирусот“ е името на песната која со познатата мелодија на „Саунд оф сајленс“ на „Сајмон & Гарфанкел“. Постои и корона-рап на кој се игра во училиштата во Сингапур.
- Измијте ги рацете, не допирајте го лицето - така се чистиме од вирусот - вака звучат песните во заедничката битка во која сите можат да се потпрат еден над друг.
Тоа е духот на Сингапур на кој апелираше и премиерот Ли Хсиен Лонг:
- Секој има своја задача во оваа криза и никого нема да го оставиме сам. Ова е обединет Сингапур!
И звукот од клиничкиот термометар е дел од новиот звук на Сингапур - на аеродром, во подземна железница, пред јавните згради и трговските центри.
Маските отсекогаш биле дел од градскиот пејзаж
Во понеделникот во Сингапур, град со помалку од 6 милиони жители, беа потврдени 121 случај на коронавирус. Но, клучната работа е што речиси исто толку пациенти се излекувани и отпуштени од болница. Сите заразени лица беа изолирани во краток рок, контактите на заболените со други лица се идентификувани и ставени во карантин со помош на системот „Контакт-трејсинг-менаџмент“, развиен по епидемијата со вирусот САРС пред 17 години.
Ситуацијата во Сингапур е под контрола, објаснува шефот на владата, и градот нема да биде затворен како што е случајот во Кина, Јужна Кореја или во Италија. Животот во оваа метропола се одвива нормално. Децата одат на училиште и во градинка, рестораните и продавниците се отворени. Луѓето носат маски, но тоа е вообичаена глетка. Кога некој во Азија има настинка, секогаш носи маска на лицето - не заради себеси, туку за да ги заштити другите.
Биди внимателен, но не паничи - тоа е мотото. Секако, градот е попразен од вообичаено затоа што доаѓаат помалку туристи. Откако беше забранет влез во Сингапур за Кинезите, Јужнокорејците и Италијанците, сега забраната важи и за Германците. Германија се смета за земја со висок ризик и се критикува дека е една од оние што предолго не го сфаќаа коронавирусот сериозно.
- Светската здравствена организација тоа го нарекува алармантно ниво на неактивност. Ние во Сингапур уште од почетокот го сфативме Ковид-19 крајно сериозно - изјави премиерот.
Политичарите се откажаа од една плата
Како и сите министри и парламентарци, и шефот на државата се откажа од едномесечната плата во корист на хероите на фронтот: медицинските сестри и лекарите, чистачите, таксистите... Тоа не го убива вирусот, но создава солидарност. Вирусот тука се смета за закана за егзистенцијата - општеството и економијата.
Поради тоа, властите реагираа и одлучно воспоставија кризни штабови. Карантинот почнува со самоизолација дома - како превентивна мерка. Во болниците има повеќе од 400 кревети во изолираните оддели.
Кршењето на правилата за карантин строго се казнуваат: на пример, четири странци со работни дозволи беа избркани од земјата поради кршење на правилата. Веднаш беа депортирани.
Луѓето ѝ веруваат на владата
Се разбира,
Сингапур не може да се спореди со другите земји: географската положба на островот овозможува контрола на сообраќајот и лесно затворање на границите во вонредни ситуации. Покрај тоа, градот-држава не е демократија во западна смисла. Медиумите ги контролира влада - за короната речиси сите идентично известуваат.
Покрај тоа, Сингапурците се неверојатно послушни. Се разбира, ова го олеснува управувањето со кризи: луѓето ѝ веруваат на својата влада, веруваат дека работи правилно и ги следат нејзините инструкции. Ова е уште една причина поради која паниката е непознат збор во Сингапур.
Извор:
Deutsche Welle
Фото: Pixabay