Забрането е собирање на повеќе од 5 луѓе на јавни места, редари пред маркетите и аптеките... Нови ограничувања во борбата со коронавирусот
Подготвил:
В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk
Забрането е собирање на повеќе од 5 луѓе во паркови, на други јавни места и површини, забрането одење на Водно секоја вечер од 18 часот до 6 наутро, сите маркети, аптеки, банки и пошти задолжително да обезбедат редарска служба при влез и во внатрешноста во објектите, одлучи Владата на 23. седница.
Ова се најновите забрани од усвоените заклучоци:
- Се забранува собирање во група на повеќе од пет лица, во паркови и на други јавни места и јавни површини. МВР и Армијата ќе ги разбиваат овие групи и ќе ги интензивираат теренските контроли.
- Се забранува пристап на луѓе и возила во парк-шумата Водно, секој ден од 18 до 6 часот наредниот ден. Министерството за внатрешни работи со патролни возила ќе го затвори пристапот кон Водно.
- Се забранува одржување на наставата и спроведувањето на обуките и испитите во испитните центри од страна на школите за обука за возачи во наредните 14 дена. Ако е потребно, МВР ова правно ќе го нормира во Уредба со законска сила.
- Се препорачува сите работодавци, односно секое раководно лице на институцијата, во зависност од типот на работата и можностите, да ја организира работата и начинот на работа на вработените лица преку работа од дома, без да се наруши редовното и нормалното функционирање на институцијата.
- Исклучок од оваа мерка се вработените во министерствата за внатрешни работи, за здравство, за одбрана, Армијата, противпожарните територијални единици, Царинската управа и домовите за нега на стари лица и мали групни домови.
- Владата ќе разгледува само материјали поврзани со постоењето на вонредна состојба на територијата на Македонија.
- Сите маркети, аптеки, банки и објекти што даваат поштенски услуги задолжително да обезбедат редарска служба при влез и во внатрешноста во објектите за да се контролира влезот и бројот на лица во нив. Да се обезбеди минималното потребно растојание од два метра помеѓу лицата пред и во објектите.
- МВР ќе ги интензивира контролите во приватните куќи и вили во кои се организираат забави и собири (во општина Сопиште и во Соње) за да се преземат мерки за спречување на ваквите собири. Кон сопственикот на објектот и присутните лица затечени во објектите ќе се преземат соодветни законски мерки поради непочитување на мерките и препораките на Владата.
- Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство ќе оствари работна средба со здруженијата на сточари и Федерацијата на фармери, во врска со извозот на јагниња, како и утврдување мерки што треба да се преземат во овој период.
- Ограничен е извозот на пченица, наполица и брашно од пченица или наполица со тарифните ознаки 1001 19 00 00, 1001 91 90 00 и 1001 99 00 00 и 1101 00. Ограничувањето на извозот ќе се применува до 30 април 2020 година, со можност за продолжување доколку состојбата со пандемијата го бара тоа. Оваа одлука е усвоена за да не се нарушат состојбите на пазарот во земјата и да се обезбедат доволни количини на брашно во Македонија во услови на зголемена побарувачка на пазарот за овие производи, и поради донесената одлука на Србија за забрана на извоз на брашно и други производи.
- Одлука за определување на највисоките цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало на: леб, сол, шеќер, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови, лична заштитна опрема, средства за лична хигиена и дезинфекциски средства. Не смеат да се зголемат од цените на 11 март, кога Светската здравствена организација е прогласи пандемија на коронавирусот. Овие цени ќе важат до 30 април.
- Со уредби е одложено полагање на испитот за вештаци, правосудниот испит, испитот за медијатори и испитот за нотари за време на траењето на вонредната состојба.
- Прифатена е информацијата за економски мерки за справување со последици од коронавирус, кои предвидуваат директна финансиска поддршка на ликвидноста кај микро, мали и средни компании од страна на Развојната банка на Македонија. Секоја компанија, во зависност од бројот на вработени, ќе може да добие од 3 до 30 илјади евра. Микрокомпаниите, до 10 вработени, ќе може да подигнат кредит од 3 до 5 илјади евра, малите компании со 10 до 50 вработени ќе може да подигнат кредит од 10 до 15 илјади евра и средните компании со 50 до 250 вработени ќе може да подигнат кредит од 15 до 30 илјади евра. Кредитите се бескаматни, со каматна стапка од 0 проценти со грејс-период од 6 месеци и рок на отплата од 2 години.
- Втората мерка се однесува на поддршка за компаниите во делот на исплатата на плати со субвенционирање придонеси за вработените во компании од секторите туризам, транспорт, угостителство и други погодени компании, за месеците април, мај и јуни од 2020 година, со субвенција на придонеси по вработен во висина до 50% од просечна плата исплатена во 2019 година, под услов компанијата да не го намали бројот на вработените под бројот на вработени во месец февруари 2020 година. Ова да важи од денот на користење на мерката. Компанијата да не исплати дивиденда во текот на 2020 година, до денот на поднесувањето на годишна сметка, односно финансиски извештаи за 2020 година и компанијата да нема исплатено награда-бонус по влегување во сила на мерката. Само компаниите што имаат остварено добивка како финансиски резултат од работењето во 2020 ќе вратат субвенции за придонес во износ од 50% од добивката пред оданочување, што значи дека мерката директно е насочена да им помогне на компаниите што оствариле послаби финансиски резултати во 2020 поради коронавирусот.
- Забранета е продажба на масло за горење екстра лесно масло за домаќинство ЕЛ-1 со содржина на сулфур најмногу до 0,1% (m/m), на бензинските станици во периодот од 15 aприл до 15 oктомври 2020 година. Оваа одлука е поради завршувањето на грејната сезона на 15 април и тој вид гориво исклучиво е наменето за затоплување на просториите на домаќинствата и на другите деловни простории. Неговата натамошна продажба по 15 април се забранува за да не се користи за погон на моторни возила и за другите видови мотори.