Европските обуки за наставниците подостапни, Еразмус+ ќе добие поголема поддршка

Европските обуки за наставниците подостапни, Еразмус+ ќе добие поголема поддршка

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Што ќе му донесе препораката за ЕУ на македонското образование? Факултети.мк разговараше со експерти во европското право

Фото: Колектиф Прес

Крајно позитивни се искуствата во областа на образованието на земјите што ги отпочнале преговорите со ЕУ, а подоцна станале земји-членки и се слични на Македонија, вели Александар Јованоски од Институтот за европска политика од Скопје. Тој додава дека преку фондовите на ЕУ, Македонија ќе може да ги кофинансира образовните програми, вклучително и обуки за градење вештини и капацитети.

Најголем предизвик останува инфраструктурата, особено студентската, и овој приоритет треба да биде високо на политичката агенда.
- Искуствата покажуваат дека инвестициите во образовниот сектор се зголемиле, како и нивото на професионалност од страна на образовниот кадар. Иако Македонија е релативно далеку од членство, препораката треба да ја ефектуира преку отворање на реформскиот процес кон македонската јавност со активно учество на учениците и студентите во градењето на јавните политики. Треба доста умешно да се стават во функција ИПА-фондовите, да се зголеми буџетот за образование и да се координира донаторски пристап за испорачување на првите конкретни резултати до крајот на следната учебна година – вели Јованоски.

Александар Јованоски


Повеќе странски пари за образованието

Образовниот систем може да има корист од Инструментот за претпристапна помош или познат како ИПА.
- Реформата на образовниот систем не само што претставува стратегиска определба на Владата туку исто така може да има и корист од Инструментот за претпристапна помош (ИПА). Образованието е еден од секторите што се предмет на финансиска поддршка особено во делот на јакнење на квалитетот, обуки и поддршка во образовната инфраструктура. Успешното програмирање на централно ниво, секако во координација со единиците на локалната самоуправа, треба да доведе до модернизација на севкупната образовна инфраструктура – нагласува Јованоски.

ЕУ Еразмус+ за размена и мобилност на нашите студенти е една од поуспешните програми што и досега се спроведуваат во Македонија, во образовниот процес.
- Во Извештајот позитивно се оценува искуството со државата и се укажува постепено зголемување на мобилноста од страна на Македонија. Во рамките на берлинскиот совет беше формирана и Регионалната младинска канцеларија за соработка (РИКО) за зајакнување на учеството на младите во демократските процеси преку финансирање на иновативни проекти. Со продлабочувањето на интегративните процеси, придобивките за младите постепено ќе се зголемуваат, што директно ќе придонесе за унапредување на образовните процеси во државата – вели Јованоски.


Она што процесот на пристапување го нуди како алатка на земјата е учество во сите образовни вежби и програми кои се спроведуваат на европско ниво и со тоа постепено адаптирање на образовната програма за унапредување на квалитетот и знаењето на нашите ученици/студенти, продолжува експертот.
- Исто така, веќе неколку години по ред се укажува за ризикот од корупција и политичко мешање во вработување и/или отпуштање на образовниот кадар. Доколку се отворат преговорите во оваа област, тоа ќе значи зголемена контрола од страна на општеството, вклучително граѓанските организации и самите родителски совети.

Да се подобри опфатот на деца во претшколско образование


Александар Колекески

Според Александар Колекески од Центарот за европски стратегии ЕВРОТИНК, Македонија е умерено подготвена во оваа област. Постигнат е одреден напредок со усвојувањето на Стратегијата за сеопфатно образование 2018-2025. Бидејќи препораките за 2016 година во голема мера не се имплементирани, препораките за наредната година се следни:
- Имплементирање на новата стратешка рамка за образование; Зголемување на поддршката за обука на наставници, професионален развој на наставниците и ефективен процес на евалуација; Да се подобри пристапот до квалитетно образование за сите, особено опфатот на предучилишно запишување, за децата со посебни потреби и децата од ромски заедници. Во однос на нови фондови за образование, преку Стратегијата за Западен Балкан на ЕУ најавено е удвојување на средствата за Еразмус+. Македонија е единствена земја во регионот на Западен Балкан што има акредитирана национална агенција за Еразмус + фондовите – вели Колекески.