Дали се чувствувате побогати отколку што навистина сте? Можеби страдате од финансиска дисморфија

Дали се чувствувате побогати отколку што навистина сте? Можеби страдате од финансиска дисморфија

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Финансиската дисморфија е поим што го опишува јазот меѓу реалната финансиска состојба на човекот и неговото субјективно чувство за тоа колку е богат. Пребарувањата на оваа фраза на интернет во изминатата година драстично се зголемиле, и тоа за 136 отсто.

Иако не е официјално призната како медицинска состојба, луѓето што ја искусуваат финансиската дисморфија можат да развијат нездрави навики на трошење.

Двете страни на финансиската дисморфија


Некои луѓе имаат чувство дека имаат помалку пари отколку што навистина имаат, што може да доведе до непотребна паника и анксиозност во врска со финансиите. Финансиската експертка Кристи Кук од „Хоџ бенк“ вели дека некои луѓе, поради страв од финансиска несигурност, избегнуваат дури и ситни трошоци, како што се оброци во ресторани, иако реално можат да си ги дозволат.

Од друга страна, постојат луѓе што мислат дека имаат повеќе пари отколку што навистина имаат, што може да доведе до прекумерно трошење и финансиски проблеми.

- Социјалните мрежи дополнително ја зголемуваат оваа искривена перцепција бидејќи создаваат нереални споредби и постојано шират негативни вести за економската криза - вели Кук.

Истражувањето на „Хоџ бенк“ било поттикнато од личното искуство на една од нивните вработени, Ема Хол. 29-годишната сопственичка на стан, која има значителни заштеди и инвестиции, признава дека и покрај тоа, често се чувствува несигурно.

- Пред некое време добив казна за брзо возење. Иако можев финансиски да ја поднесам, тоа целосно ми го расипа денот бидејќи значеше дека нема да можам да заштедам колку што планирав. Штедењето е за непредвидени ситуации, но ако моите заштеди паднат под одредено ниво, почнувам да се грижам. Сите ние се плашиме да го провериме салдото на сметката по излегување навечер, но дури и кога внимавам на трошоците, секогаш ќе се појави некој неочекуван трошок - вели таа.

Дури и богатите можат да ја искусат оваа состојба


Компанијата за управување со богатство „Сикс дигрис“, исто така, забележала дека нејзините клиенти се соочуваат со слични предизвици. Дури и оние што имаат огромно богатство.

- Често се среќаваме со луѓе кои имаат повеќе пари отколку што би можеле да потрошат за неколку животи, но сепак се чувствуваат несигурно - вели Оли Сајмен, коосновач на компанијата.

Тој објаснува дека проблемот лежи во психологијата.

- Рационалната лева хемисфера на мозокот знае дека имаат доволно капитал за живот, но емоционалната десна страна сепак се грижи дали ќе има доволно за иднината - вели тој.

Зошто се појавува финансиската дисморфија?


Иако не постои еден конкретен одговор, експертите посочуваат три главни фактори што можат да ја предизвикаат:

Кризата на трошоците за живот – Непредвидливоста на економијата ги тера луѓето да штедат панично, дури и ако веќе имаат стабилни заштеди.

Финансиското опкружување во детството – Луѓето што растеле во финансиски несигурни семејства имаат поголема веројатност да развијат страв од трошење подоцна кога ќе бидат возрасни.

Претходни финансиски трауми – Лоши искуства како банкрот или финансиски измами можат да создадат траен страв од финансиска нестабилност, дури и кога состојбата е стабилна.

Како да ја препознаете финансиската дисморфија?


Според Кук, неколку знаци може да укажуваат на тоа дека страдате од оваа состојба:

Ако постојано сте загрижени за пари, иако немате реална причина за тоа, ако проверувањето на банкарската сметка ви создава стрес или паника, ако се чувствувате виновни за тоа колку заработувате или штедите, ако избегнувате да се соочите со вашите финансии, на пример, не ги отворате извештаите од банката.

Како да ја надминете финансиската дисморфија?

Доколку овие симптоми ви звучат познато, можеби е добро да истражувате повеќе за проблемот или да побарате совет од финансиски експерт или терапевт. Експертите препорачуваат:

Следете ја вашата потрошувачка – Водете евиденција за најчестите трошоци за да видите дали навистина трошите премногу или имате повеќе финансиска флексибилност отколку што мислите.

Не споредувајте се со другите
– Особено не со инфлуенсерите на социјалните мрежи бидејќи нивната финансиска реалност е често искривена.

Поставете си планови за штедење и финансиски цели
– Дефинирањето конкретни цели за штедење може да ви помогне да се чувствувате посигурно во однос на вашите финансии.

Извор: Forbes.vijesti.me
Фото: Freepik