Тим од ФЕИТ победи и на балкански инженерски натпревар

Тим од ФЕИТ победи и на балкански инженерски натпревар

Тимот Space Divers, составен од студентите на Факултетот за електротехника и информациски технологии: Александра Мирческа, Марија Алексовска, Тијана Спировска и Бојан Страчковски, победи во категоријата Case Study на инженерскиот натпревар EBEC (European Best Engineering Competition). Case Study e интензивна анализа која дава конкретно решение на некој технолошки или менаџерски проблем.

Со ова, тимот на ФЕИТ се пласира за учество на европска финална рунда во Торино, Италија, која ќе се одржи во текот на летово. Тимот Space Divers ја претставуваше нашата земја на EBEC Balkan, на кој учествуваа седум различни тима од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и од Бугарија.


Студентите со деканот професор д-р Димитар Ташковски

„Како претставници на државата и на ФЕИТ, со знаење и тимски дух и благодарение на она што сме го научиле и добиле од факултетот, заслужено го освоивме првото место и обезбедивме понатамошен пласман на европско ниво. Успехот што го постигнавме е и успех на самиот факултет“, вели Бојан Страчковски, лидер на Spice Divers во име на тимот.

За деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски, и оваа победа на студентите претставува доказ за вистинската едукација во рамките на факултетот.

„Огромна чест и задоволство е да се примаат студенти што освоиле прво место на меѓународен натпревар. Ова за нас претставува само потврда дека како факултет успешно и правилно ги едуцираме студентите и освен теоретски, тие добиваат и практични знаења. Секако, им посакувам уште многу успеси на нашите студенти“, рече Ташковски.

EBEC (Европски БЕСТ инженерски натпревар) е наменет за поттикнување на креативното размислување за решавање комплексни проблеми. Натпреварот се одржува во три рунди: локална, регионална и финална рунда.

„Победниците на локалната рунда беа испратени како наши претставници на регионалниот натпревар во Нови Сад“, велат од БЕСТ Скопје. Во Македонија се натпреваруваа шест тима во категоријата Case Study, додека во Team Design категоријата се натпреваруваа пет различни тима. Ова е десетта година како наши тимови учествуваат на овој натпревар.