Поради пандемијата, сѐ повеќе млади Израелци сакаат да студираат

Поради пандемијата, сѐ повеќе млади Израелци сакаат да студираат

Подготвил: Драгана Петрушевска

Многу универзитети во Израел забележуваат зголемен интерес за упис за следната академска година. Забележан е пораст и кај домашните и странските кандидати за студирање.

Универзитетите сметаат дека порастот на апликации за студирање се должи на повеќе фактори поврзани со пандемијата.
Еврејскиот универзитет во Ерусалим примил 20% повеќе апликации од домашни студенти, додека апликациите за некои меѓународни курсеви се зголемиле за 45%. Според Офра Аш, претставник на универзитетот, порастот во апликации од домашни студенти веројатно се должи на откажувањето на вообичаеното патување кое младите Израелци го прават по служење на воениот рок, но и недостатокот на слободни работни места.


Фото: Pixabay

Според Аш, друг тренд е и подобрувањето на резултатите на универзитетите и промоцијата на високото образование во земјата. Кога станува збор за странските студенти, универзитетот ќе го одржи првиот виртуелен отворен ден за да привлече студенти од странство. За некои магистерски програми, веќе има повеќе апликации од порано.

- Израел веројатно се смета за безбедна земја кога станува збор за коронавирусот, па тоа им дава доверба на студентите дека ќе се чувствуваат побезбедни тука - вели Орон Шагрир од универзитетот во Ерусалим.

Освен тоа, академската година во Израел започнува подоцна отколку во Европа и САД, па можеби и тоа игра улога. Годинава, 80% од меѓународните студенти се одлучиле да останат во Израел за време на пандемијата наместо да се вратат дома.


Фото: Pixabay

Сепак, властите велат дека е рано да се види целата слика. Сè уште ситуацијата е несигурна, па дури и идните методи за учење. Во меѓувреме, местата веќе се пополнети за 8 додипломски програми на универзитетот во Тел Авив, вклучувајќи и на програмите за медицина, архитектура, право и психологија.

- Големиот пораст во апликациите покажува дека младите луѓе гледаат на академските студии како на најдобар пат за професионален и личен развој - изјавил Јарон Оз, ректор на универзитетот во Тел Авив.

Извор: jpost.com