Комбинацијата на реалноста и апстрактноста резултира со уметност, вели Иван Ајнштајн за неговиот прв албум „Муабети“

Комбинацијата на реалноста и апстрактноста резултира со уметност, вели Иван Ајнштајн за неговиот прв албум „Муабети“

Подготвил: Билјана Арсовска

Факултети.мк ги поддржува и промовира младите талентирани и креативни луѓе и со објава на содржина посветена на нивните активности. Да им помогнеме да го добијат заслуженото место во земјава и во светот. Ги охрабруваме сите млади таленти да се обратат во нашата редакција за да можеме да го покажеме нивниот труд пред пошироката јавност.

Иван Ајнштајн, еден од најпознатите јутјубери во земјава, неодамна го издаде својот прв албум насловен „Муабети“. Резултатот на долгогодишната желба на Иван, но и трудот вложен како во музиката, така и во себе, е една приказна од 13 глави која му донела и совладување на стравовите.

- Ова ми е првпат да се осмелам на волку голем проект. Не дека е нешто страшно, ама е прилично изискувачка работа за да се спојат 12 песни + интро кои ќе раскажуваат една целосна приказна во 13 глави. На песните работеше целото мое опкружување во тој период. Многумина биле и несвесно вклучени во процесот на креирање, со самото нивно постоење, ширење енергија, споделување случки и мислења. Комбинацијата на реалноста и апстрактноста резултира со уметност. Човекот што беше присутен од почеток до крај при создавањето на ова дело е David Black, кој освен што стои продукциски позади најголем дел од песните, видно придонесе и во креативниот и социјалниот дел – вели Иван.



Во однос на предизвиците во освојувањето на македонската сцена и публика, тој потенцира дека луѓето во ова поднебје тешко прифаќаат нови нешта, па борбата за привлекување внимание нема крај.

- Задачата на уметникот е да го погоди вајбот на мнозинството во одреден период. Тој исто така одлучува во колкава мера е спремен да компензира со својот стил на креација и изведба во однос на неговите цели. Карактеристично за народот во ова подрачје е што тешко прифаќа да даде шанса на нешто на кое не е навикнат, така што се работи за константна борба за привлекување внимание, каде што границата помеѓу фасцинантно и апсурдно е многу тенка, но токму тоа отвара можности за проширување на некоја нова култура – објаснува младиот артист.

Фото: Антонио Ѓуровски

Веројатно првата помисла на сите би им била дека тоа што Иван има повеќе од 60 илјади следбеници на „Јутјуб“ го носи можеби чекор понапред пред многу македонски артисти. Сепак, Иван вели дека онлајн светот функционира слично како и реалниот, но она што можеби му дава предност се искуството и пријателствата.

- Ова е аргумент што веќе на премногу наврати се покажал неточен. Алгоритмите на социјалните мрежи не ги фаворизираат оние кои успеале во текот на многу години да достигнат некаква бројка на следбеници, туку оние кои се актуелни во моментот. Што значи, доколку нечии следачи не се заинтересирани за креаторот, нема да ја проверат неговата креација, а уште помалку да ја споделат некому друг. Всушност, онлајн светот функционира прилично слично како и реалниот свет, со тоа што најдобриот начин за промоција сè уште е од уста на уста. Она што можеби ми дава некаква предност е само искуството и долгогодишното оформување и одржување на пријателства – вели Иван.



Додава и дека требало да се направат многу повеќе жртви отколку што мислел за да издаде албум. Сепак, процесот резултирал со лични победи и подобрување на благосостојбата.

- Потребно е да се дадат многу повеќе жртви отколку мислев дека ќе биде потребно кога почнав да работам на албумов. Во меѓувреме сфатив дека времето што се одвојува за преточувањето на инспирацијата во стихови е само мал дел од сè што е важно за ваква креација. Меѓутоа, која било работа на која сме одлучиле да се посветиме наложува одложување или промена на моменталниот стил на живот. Во мојот случај, дури престанав да правам работи за кои години наназад се покажало дека навистина ме бива, само за да станам подобар во она што го сакам од дете. Најблагодарен од сè сум што во текот на овој процес успеав да го совладам стравот од неуспех, а неодамна и стравот од успех. Се стекнав со нови позитивни карактеристики, што глобално ја подобрија мојата благосостојба – истакнува Иван.

Насловна фотографија: Петар Тутунџиев