Интервју со Орнела Гани, младински активист: „Кога младите се гледаат себеси како лидери, тогаш е голема веројатноста да станат двигатели за промена“
Орнела Гани е дипломиран социјален работник и иден магистер по меѓународни односи, граѓанска активистка која вложува напори да ги вклучи младите да инвестираат во своето формално и неформално образование и да бидат активни во своите заедници, да учат едни од други и заедно да се стремат кон позитивни општествени промени.
За себе вели дека има силна желба да промовира мултикултурализам, не сака да прави никакви поделби, а особено сака да ги едуцира оние што имаат погрешно мислење за Ромите поради недоволна неинформираност.
Смета дека граѓанскиот активизам е платформа за зајакнување поинклузивно општество, особено за младите кои стануваат посвесни за предизвиците во општеството.
Што те поттикна да почнеш со граѓански активизам?
- Најверојатно тоа што уште од мала реагирав на секаков вид неправди без разлика дали било лично или не. Сонував да бидам дел од иницијативи, настани, случувања каде што ќе помагам да се смени одредена ситуација кога станува збор за неправда, но и природно сум филантроп и наклонета сум кон општествените науки. Почнав со граѓанскиот активизам поради тоа што сакав да ја спречам секоја дискриминација со која се соочував и сакав да покажам дека сум способна да направам разлика. Се работеше за истакнување на правилните вредности и залагање за промени, не само за себе, туку и за другите кои би можеле да се соочат со слични предизвици.Граѓанскиот активизам е платформа за зајакнување поинклузивно општество, особено за младите кои стануваат посвесни за предизвиците во општеството. Неформалното образование кое го нуди граѓанскиот сектор е неопходен за секој академски граѓанин.
Локалниот младински совет слави пет години постоење. Успеавте ли да ги вмрежите младите да се вклучат во решавањето на проблемите во општината?
- Апсолутно. Минатата година додека работев како советник за образование во Општината Шуто Оризари имавме посета од страна на „Хабитат“ каде што при запознавање и краток разговор ја претставивме идната мисија и визија што ја имавме за локалниот младински совет (ЛМС), односно да ја активираме младината да дејствува во заедницата. Благодарение на Рик Хатавеј, потпретседателот на ,,Habitat for humanity” за Европа и Блискиот Исток, кој беше заинтересиран да ја даде својата поддршка за заедничка соработка, започнавме со средби со средношколци. Ги вклучивме средните училишта: ,,Шаип Јусуф”, ,,Марија Кири Склодовска”, НВО СОС Детско село и невладините Романо Чачипе, ИРИЗ и МЦМС.
Од мала идеја дојдовме до реализација. По дводневниот тренинг за младинско лидерство во септември 2023 година, 27 средношколци се стекнаа со нови вештини и компетенции да станат лидери. По академијата за лидерство учесниците волонтираа во невладини организации каде што имаа задача да реализираат младински акции поврзани со проблеми во заедницата со предвиден буџет за потребни ресурси. Кога младите се гледаат себеси како лидери, тогаш е голема веројатноста да станат двигатели за промена, да развијат конкретни идеи за тоа како да ги користат нивните лидерски вештини со кои ќе се постигне позитивна разлика во нивната заедница.Би сакала да напроменам дека често присуствуваме и на младински размени од програмата на Еразмус. Како пример би го споменала присуството на студиската сесија во Европскиот младински центар во Будимпешта со цел да се отвори дискусија за важни прашања поврзани со вклучување на младите Роми и другите маргинализирани групи со посебен фокус на нивно активно учество во процесот на носење одлуки на локално и на национално ниво.Најскорашна активност на советот е снимањето на поткастот ,,Да се запознаеме подобро“, кој има цел да ја запознае пошироката јавност со ромската култура и идентитет.
Исто така, учествувавме на семинарот ,,Roma youth Together“ во Европскиот младински центар во Стразбур. Негова цел беше да ги поврзе младите лидери со процесите на европската политика и Советот на Европа за справување со меѓусекторската дискриминација како дел од стратегиите за зајакнување на младинското учество.
Со што се соочивте овие пет години, што им недостигаше на младите во Шуто Оризари, што придонесовте да се промени?
- Главно недостигаше информираност на самите млади за нивниот личен идентитет и култура како и познавање на работите на кои младите можат да дејствуваат при донесување одлуки на локално ниво. На сите средби што ги имавме со младите лица, дојдовме до заклучок дека еден од главните предизвици е тоа што немаме збирно место за млади.
Дали твојата работа како младински активист придонесе да се разбијат некои од стереотипите во општеството?
- Како млад активист во мојата заедница и меѓу моите блиски сум препознатлива по мојот придонес низ годините. За жал, околината сѐ уште не е толку свесна за напредокот на Ромите и покрај мојот или напредокот на моите пријатели и колеги. Другите етникуми кои се недоволно информирани сѐ уште гледаат на Ромите како на уназаден народ и време е да се смени наративот околу тоа. Би ги поттикнала медиумите да бидат поприсутни на различен број настани што ја промовираат вистинската култура и идентитет на Ромите, политичката присутност, успешните приказни на млади Роми, безброј иницијативи и протести, а не онаа слика што е наметната сега.
Дали сметаш дека ги зближуваш различностите, без разлика дали се социјални, родови, етнички?
- Секако дека да, уште од мала пораснав во мултикултурна околина и можам да кажам дека тоа имаше влијание врз мене, а исто и јас врз другите. Кога сте билингвални, вие природно сте промотор на различни култури. Едно од најпозитивните искуства се младинските размени на кои учествував. Тие се издвојуваат како неспоредливи промотори за ширење на придобивките од културната различност преку патување и значајни интеракции со врсниците од различно потекло кои поттикнуваат разбирање, емпатија и ценење за различни култури.
И не само што го збогатуваат личниот и персонален развој, туку и создаваат мрежи за идни соработки, глобално разбирање и пријателства за цел живот. Зближувањето на различностите е клучно без разлика дали тие биле социјални, родови или етнички и сметам дека со учење за другите народи се зголемува стапката на прифаќање на различните култури. Инклузијата е важна работа за општество. Од друга страна, не сите сме на ист начин воспитани, секој од нас поседува различни вредности, во моето искуство сум сретнала и доста расисти.
Колкаво е учеството на жените како младински активисти во ромската заедница?
- Во граѓанскиот сектор постојат голем број Ромки кои активно дејствуваат во нивните заедници, а некои од нив имаат долги години искуство. Познавам доста Ромки вработени на високи функции или генерално во државни институции, но немаат никаква презентација во медиумите и затоа изгледа како да не постојат. Доколку би биле присутни на настани каде што тие се говорници, верувајте ми, би биле фасцинирани и воодушевени од нивниот потенцијал.
Комитетот на министри издаде нова препорака до 46 земји членки на Советот на Европа за да се обезбеди суштинско учество, застапеност и вклучување на младите Роми во сите сфери на општеството, како и за борба против структурниот расизам. Што од ова е обезбедено досега во Македонија?
- Препораката за инклузија на ромската младина во сите сфери на општеството и во процесот на донесување одлуки не е имплементирана и покрај тоа што сите надлежни институции се известени за тоа. Генерално, државата е онаа што треба да донесе правилници и упатства за постапување по препораката.
Се слуша ли гласот на младите во земјава генерално?
- За жал, гласот на младите во Македонија не е слушан колку што треба да биде. Сѐ уште постојат бариери и предизвици кои ги попречуваат младите целосно да учествуваат во процесот на донесување одлуки, како што се: недостиг на претставници и систематска дискриминација базирана на возраст и социо-економски статус.
Што би им препорачала на младите, на учениците и на студентите, вреди ли да го следат твојот пат?
- Секој човек е своја приказна и во овој дел сите имаме различни визии. Моја топла препорака е да инвестираат во своето формално и неформално образование.
Би препорачала сите млади да ја приоретизираат едукацијата, да се информираат на теми како што се човекови права, говор на омраза, социјална инклузија, мултикултурализам, лидерство и сите оние што се важни за општеството. Денес сите сурфаме на „Инстаграм“ и други социјални мрежи, тие што се заинтересирани нека ги заследат сите национални и интернационални младински организации. Ако има повици, ги охрабрувам да се пријават. Исто така, да аплицираат на секаков вид волонтерство, обуки, тренинзи или младински размени преку програмата Еразмус. Преку оваа програма би имале многу позитивни бенефити каде што ќе научат многу за себе и за другите култури, а воедно ќе ја промовираат и нивната култура. Исто така, ќе стекнат трајни пријателства со поединци од цел свет. Научете да лобирате за своите права, но и да ги браните туѓите. Бидете хумани и солидарни. Вештините и искуството што ќе го стекнете од страна на неформалното образование останува за цел живот. Бидете индивидуи со отворен ум и промовирајте мултикултурализам. Поставете си јасни цели во животот. Предизвици ќе има постојано, но секогаш верувајте во себе и запрашајте се зошто воопшто сте ја започнале таа цел и искористете ги максимално сите можности што ви се нудат. И нешто што е многу важно, не споредувајте се со другите, најважната борба што ја имате е против вас самите.
Фотографија: Иван Наунов
Текстот е подготвен во рамките на проектот „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“, финансиран од Фондот за мир на Обединетите нации и спроведуван од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), УНЕСКО и UN Woman.