Како се добива Ковид-19? Постои сѐ поголем консензус за ова прашање
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Пандемијата на коронавирусот трае повеќе од шест месеци, а има сè поголем консензус за основното прашање - како се заразуваат луѓето?
Научниците велат дека се мали шансите за заразување преку заразени површини, а коронавирусот веројатно не се шири ниту преку кратките средби со луѓето на отворено. Најголема улога во ширењето играат подолгите разговори со другите. Најголем е ризикот за време на настани на кои има многу луѓе, особено во места што се слабо вентилирани и во кои луѓето мора гласно да зборуваат.
Фото: Pixabay
Овие заклучоци од научниците им помагаат на бизнисите и владите низ светот да создадат соодветни стратегии за враќање во нормала, со кои ќе се заштити здравјето на јавноста, притоа оживувајќи ја економијата. Затоа се користат заштитни методи, од луѓето се бара да носат маски во продавниците, се користат добри системи за вентилација и се отвораат прозорците кога тоа е можно.
Две неодамнешни големи истражувања покажуваат дека ограничувањата за движењето, како забранети настани, забрането излегување надвор од домот и затворање на канцелариите, спречило милиони нови заразени и смртни случаи низ светот.
Според експертите, градовите и државите сега може да применат соодветни стратегии за да го спречат ширењето на вирусот. Тоа значи подобро заштитување на лицата во старските домови и семејствата што живеат во домови со многу други лица, а значи и зголемено физичко дистанцирање и намалување на бројот на собири на затворени места.
Според Том Фриден, извршен директор на непрофитна агенција за јавно здравје, не треба да се размислува за целосно заклучување дома, односно полициски часови, туку на начини на кои ќе се поттикне физичкото дистанцирање. Стратегиите може да вклучуваат дозволени активности надвор, дозволено пешачење и возење велосипед до работа, но задржување на физичкото растојание помеѓу луѓето во канцелариите и некои иновативни методи со кои може да се продолжи со активностите без да се зголемат шансите за ширење на коронавирусот.
Според него, треба да се зголеми и бројот на тестирање, да се следат контактите на заразените и да се изолираат лицата што се заразени или биле изложени на коронавирусот. Еден важен фактор во пренесувањето на
коронавирусот е дека со навидум безопасните активности, како зборувањето и дишењето, се исфрлаат мали заразени честички во воздухот кои може да ги заразат луѓето во близина.
Фото: Pixabay
Според здравствените организации, честичките што се исфрлаат со дишењето или зборувањето доведуваат до значаен број заразени случаи. Овие капки може да го пренесат вирусот од едно лице на друго доколку дојдат во допир со очите, носот или устата. Но, тие најчесто паѓаат на подот или на други површини.
Некои истражувачи велат дека новиот коронавирус може да се пренесува со аеросоли, односно мали капки што лебдат во воздухот подолго од поголемите капки. Овие аеросоли може директно да се вдишат. Се претпоставува дека имало ваков случај во ресторан во Гуангџоу, Кина, во кој гостин кој сè уште немал симптоми им го пренел вирусот на петмина што седеле на соседните маси. Вентилацијата во ресторанот била слаба и вентилаторите биле исклучени, покажува истражувањето.
Вирусот присутен во аеросолите може да остане во воздухот и да се пренесе во други делови од ресторанот преку струењето на воздухот од клима-уредот, велат авторите во истражувањето. Затоа, добрата вентилација во затворените места е важна во спречувањето на ширењето на коронавирусот. Друг фактор е и долгата изложеност. Тоа генерално се дефинира како 15 минути или повеќе незаштитен контакт со некој на помалку од 1 метар. Но, дури и тоа е генерално правило и вирусот може да се пренесе за многу помал период при кивање или интимен контакт.
Коронавирусот се шири и преку таканаречените „суперзаразувачи“. На еден музички настан во САД одржан во март 87% од посетителите се заразиле со коронавирусот, а едно истражување покажало дека е можно еден суперзаразувач да ги заразил сите.
Фото: Pixabay
Според едно истражување, околу 10% од луѓе со Ковид-19 се одговорни за околу 80% од сите заразени случаи. Експертите се согласни дека е побезбедно да се биде на отворено бидејќи честичките побрзо се разредуваат. Но малите и големите капки претставуваат ризик дури и на отворено, кога луѓето имаат близок контакт подолг период.
Никој не знае точно колку вирусни честички се потребни за некој да се зарази. Затоа, стандардната процедура за некој што има позитивен тест е да остане во карантин во својот дом. Се препорачува носење маски и задржување физичко растојание од другите лица.
Во канцелариите, најголем ризик од заразување има во места каде што се собираат повеќе луѓе, како групни кујни и влезови. Компаниите треба да се погрижат да се задржи физичкото растојание помеѓу вработените во овие места.
Автори: Даниела Хернандез, Сара Тој и Бетси Мекеј
Извор:
wsj.com