Светот го одбегна најлошото сценарио за трговијата за време на пандемијата
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Економистите од Светската трговска организација велат дека светот го одбегна најлошото сценарио за глобалната трговија за време на пандемијата на коронавирусот. Обемот на трговската размена се намалил за 3% во првиот квартал од 2020, во споредба со истиот период минатата година. Процената за вториот квартал покажува пад од 18,5%.
Фото: Pixabay
Според Светската трговска
организација, овие падови се историски големи, но можеле да бидат полоши. Според прогноза на организацијата, трговската размена можела да падне до 32% во април во најлошо сценарио. Сепак, постојат ризици за обемот во следните месеци, особено во случај на втор бран, послаб економски раст и трговски ограничувања што би ги вовеле владите.
Според организацијата, фискалните, монетарните и трговските правила треба да се менуваат во иста насока за трговската размена и производството да се вратат во нормала во 2021. Следуваат графикони на кои се покажува влијанието на коронавирусот врз светската трговија.
Трговската размена била најниска во вториот квартал
На првиот графикон се гледаат две сценарија што биле очекувани од Светската трговска организација. Едното е оптимистично, во кое глобалната трговија би паднала за 13% во 2020, а второто е песимистично, во кое трговијата би паднала за 32% годинава. Според организацијата, се одбегнало песимистичното сценарио, а трговската размена треба да расте за 2,5% по квартал до крајот на годината за да се реализира оптимистичното сценарио.
Комерцијалните летови што носат карго се зголемуваат
Бројот на летови се намалил за 74% од 5 јануари до 18 април, но сепак се зголемил оттогаш. Овие зголемувања се во однос на историски ниски падови, но индустријата се подобрува.
Се пренесуваат повеќе стоки со контејнери
Има подобрување во транспортот на стоки со контејнери на глобално ниво, но Светската трговска организација предупредува дека е рано да се донесуваат заклучоци.
Индексите за нови нарачки за извоз се подобриле во мај
По рекордни падови, индексите покажуваат дека нарачките за извоз почнале да се зголемуваат во мај.
Повеќе продажби на автомобили
Продажбата на автомобили покажува знаци на подобрување. Продажбата на автомобили во Кина се намалила за речиси 80% во февруари во споредба со истиот месец минатата година, но пораснала за 5% во мај. Се забележува подобрување и во Западна Европа и САД во мај.
Автор: Ема Чарлтон
Извор:
weforum.org