Жените во Авганистан сега мора да го уништат сето она што го постигнале

Жените во Авганистан сега мора да го уништат сето она што го постигнале

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Студентка од Кабул раскажува за „исплашените лица на жените и грдите лица на мажите што ги мразат жените“ откако талибанците влегле во Кабул

Во неделата рано наутро одев на факултет кога група жени истрчаа од студентскиот дом. Ги прашав што се случува, а една од нив ми рече дека полицијата го евакуира домот затоа што талибанците влегле во Кабул и ќе напаѓаат жени што немаат бурка. Веднаш заминавме дома, но не бевме во можност да користиме јавен превоз.

Ситуацијата беше исклучително тешка за жените од студентскиот дом што живеат надвор од границите на Кабул. Тие беа исплашени и збунети за тоа што треба да направат следно.

Во меѓувреме, мажите што беа сведоци на настанот ги исмејуваа девојките и жените, смеејќи се на нивниот хорор. „Одете и облечете бурки“, „Ова се вашите последни денови на слобода“, „Ќе се оженам со вас четири во еден ден“, беа некои од коментарите.

Поради затворањето на јавните објекти, мојата сестра трчаше со километри за да се врати дома.

- Со огромна тага го напуштам моето работно место, каде што четири години им помагам на многу луѓе во мојата заедница. Ја напуштив мојата канцеларија со солзи во очите и се збогував со колегите. Знаев дека тоа е мојот последен ден на работа - рече таа.

Бев на прагот да завршам два факултети, на престижни универзитети во Авганистан. Во ноември требаше да добијам диплома од американски факултет во Авганистан и од кабулскиот универзитет, но ова утро работите одеднаш се променија.

Вложив многу напор да станам личност на која сум горда денес. Но, кога се вратив дома, јас и моите сестри во паника ги криевме сите докази за нашите достигнувања, како и нашите лични документи.

Тоа беше поразително. Зошто би криеле работи со кои треба да се гордееме? Во Авганистан, сега сме лишени од правото да бидеме она што навистина сме. Како жена, јас сум жртва на политичка војна започната од мажи.

Одеднаш веќе немам право да се забавувам, да слушам музика, да се дружам со пријателите во нашите омилени кафулиња или да го носам мојот омилен жолт фустан и розов кармин. Веќе немам можност да одам на работа, ниту да завршам факултет на кој сум посветила години од мојот живот.

Обожавав да одам на маникир. Денес наидов на салонот за убавина каде што редовно одев на маникир. Прозорецот на салонот, кој беше украсен со слики од атрактивни девојки, беше променет преку ноќ.

zeni
Фото: Screenshot/YouTube

Сѐ што можев да видам околу мене беа исплашените лица на жените и грдите лица на мажите кои мразат жени, кои не сакаат жените да се образоваат, да работат и да имаат слобода. Најпоразителни за мене беа оние што изгледаа среќни и ги исмејуваа жените. Наместо да се на наша страна, тие се на страната на талибанците и им даваат уште поголема моќ.

Авганистанките жртвуваа многу за малата слобода што ја имаа. Како сираче, плетев теписи само за да се стекнам со образование. Се соочив со многу финансиски предизвици, но имав многу планови за мојата иднина. Не очекував дека сѐ ќе заврши вака.

Сега ќе треба да уништам сѐ што постигнав во 24 години од мојот живот. Личната карта и наградите од американскиот универзитет се ризични; дури и да ги чуваме, не можеме да ги користиме. Во Авганистан нема работа за нас.

Кога провинциите пропаднаа еднаподруга, јас и моите сестри не можевме да спиеме цела ноќ, сеќавајќи се на приказните што мајка ми порано ни ги раскажуваше за ерата на талибанците и начинот на кој тие се однесувале кон жените.

Не очекував дека повторно ќе ни бидат одземени сите основни права и ќе се вратиме назад, како што било пред 20 години. Дека по 20 години борба за нашите права и слобода, треба да бараме бурки и да го криеме идентитетот.

Во текот на последните месеци, кога талибанците ја презедоа контролата во провинциите, стотици луѓе ги напуштија своите куќи и дојдоа во Кабул за да ги спасат своите девојки и жени. Живеат во паркови или на отворено. Бев дел од група студенти на Американскиот универзитет што се обидоа да им помогнат собирајќи донации во готовина, храна и други потреби.

Не можев да ги сопрам солзите кога ги слушнав приказните за некои семејства. Еден човек го загуби синот во војната и немаше пари да плати такси за Кабул, па ја дал снаата во замена за превоз. Како може вредноста на жената да биде еднаква на трошоците за патување?

А кога слушнав дека талибанците стигнале до Кабул, почувствував дека ќе станам роб. Можат да си играат со мојот живот како што сакаат.

Работев и како наставник во образовен центар за англиски јазик. Не можам да ја поднесам помислата дека повеќе не можам да застанам пред мојот клас, учејќи ги да ја пеат англиската азбука. Секојпат кога ќе се сетам дека моите прекрасни ученички треба да го прекинат нивното образование и да останат дома, ми навираат солзи на очите.

Автор: Жителка на Кабул
Извор: The Guardian
Фото: Screenshot/YouTube