Приказната за Џејн Гудал и нејзините соништа за џунглата

Приказната за Џејн Гудал и нејзините соништа за џунглата

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Доколку треба да издвоиме еден современ научник кој би бил пример за истражувачкиот дух, упорноста, знаењето, авантурата и етиката - сето она што ја прави науката привлечна - тоа секако би била Џејн Гудал.

Таа е една од најинспиративните жени-научници на денешницата. Гудал работи како приматолог, антрополог и активист што се бори за зачувување на природата и природното живеалиште на мајмуните. Како девојче, Џејн ги обожавала животните и сонувала дека ќе живее сама во џунглата како Тарзан и ќе ги набљудува животните.

Во дваесеттите години, без соодветно образование и доволно финансии, заедно со нејзината мајка, која била писателка, се упатила кон Африка. Стигнала во Кенија, а потоа во Танзанија, каде што го остварила својот сон.


Фото: Wikipedia

Започнала да ги проучува шимпанзата. Таа поминувала денови во џунглата набљудувајќи и запишувајќи го она што го научила. Во периодот кога стигнала во Африка не се знаело многу за шимпанзата, па нејзините белешки биле и повеќе од интересни. Меѓутоа, бидејќи немала никакво формално образование за приматите, научната заедница не ги прифатила нејзините заклучоци.

Мајмуните што ги набљудувала Џејн користеле алатки, исто како луѓето. Тоа нејзино откритие предизвикало неверување и потсмев. Таа тврдела дека мајмуните користат јазик со знаци, покажуваат широк спектар на емоции, дека се способни да сакаат, страдаат и одржуваат силни семејни врски. Сите овие тврдења биле контроверзни за тоа време. Џејн открила и дека мајмуните покажувале и бруталност и агресија.

Џејн набргу се вратила во родната Англија и добила можност да докторира на Универзитетот „Кембриџ“, прескокнувајќи голем дел од студиите. Го завршила докторатот во 1965, кога имала 31 година, а тој бил за однесувањето на слободните шимпанза и во него се зборувало за сознанијата што ги стекнала Џејн во текот на неколкугодишниот престој во Танзанија. Тоа помогнало колегите да почнат посериозно да ја сфаќаат Џејн.

Џејн поминала многу години набљудувајќи ги мајмуните оддалеку. Тие долго време не ѝ приоѓале, а кога конечно биле доволно слободни да стапат во контакт со неа, таа им пружила рака и се однесувала како да е една од нив. Играла со нив и им дозволувала да скокаат врз неа, спиела со нив. Се случувало и да ја нападнат и да ја повредат.


Фото: Wikipedia

Некои од тие мајмуни Џејн ги знае од нивното раѓање, со децении, дури и по 40 години. Таа е уверена дека и тие се свесни дека тоа е долготрајно пријателство. Од нејзината децениска работа произлегле многу книги и документарни филмови за шимпанзата.

Приказната на Џејн е бајка за остварените детски соништа, за љубовта кон науката, етиката, упорноста и успехот. Дури и на 86-годишна возраст таа со страст, мирно и живописно зборува за животот со мајмуните и за тоа зошто е важно секој од нас да биде активист. Секој поединец што е подготвен да се вклучи во таа борба, вели Џејн, е и повеќе од важен. Го немаме тој луксуз да се откажеме сметајќи дека не сме доволно моќни.

Како што одминувале годините, Џејн повеќе се фокусирала на активизмот отколку на науката. Луѓето ја уништувале џунглата. Живеалиштата на шимпанзата драстично се намалувале, како и бројот на животни. Кон крајот на 70-тите години таа го основала институтот „Џејн Гудал“, чија цел е да се зачува природното живеалиште на шимпанзата и да се поддржат истражувањата во резерватот Гомбе во Танзанија. Истовремено се бори и за подобри услови за живот на мајмуните во зоолошките градини и во заробеништво.

Извор: naukakrozprice.rs