Огромен јаз во математиката меѓу основно и средно: „И приватни часови и вежбање дома, и не можев да стигнам до тројка“

Огромен јаз во математиката меѓу основно и средно: „И приватни часови и вежбање дома, и не можев да стигнам до тројка“

Подготвил: Жанета Здравковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Слабости во знаењето и тешкотии во совладувањето на содржините по математика покажуваат добар дел од учениците кои во основно образование го изучувале предметот по „Кембриџ“, а во средно училиште учат по стара наставна програма. Ученици, родители и наставници се жалат дека недостигаат предзнаења по одредени содржини кои требало да ги совладаат во основно за во средно да ги применат. На пример, подетални знаења од темите множества, прави, признаци за складност, конструкции и друго. Проблем е и таканаречената математичка писменост во однос на користење термини за изразување при решавање задачи и проблеми. Иако слабостите се уочливи, наставата во средно училиште, особено во изминатиот период преку онлајн часови и скратени наставни програми поради пандемијата, ретко кога даде простор за навраќање назад низ материјалот и надминување на слабостите и пропустите во знаењето.

Сите петки, математика тројка

Ваквата ситуација на терен се отсликува со примери каде што ученици постигнуваат солиден успех по другите предмети, а и покрај вложениот труд да ја совладаат математиката, не постигнуваат висок резултат. Има примери каде што цели класови имаат проблем со математика иако повеќето ученици по другите предмети се доста солидни.



- Во прва и втора година средно вложував голем напор за да ја совладам математиката. Од подготвителни часови, вежбање дома, активност на час, за да успеам да стигнам до тројка на крајот од годината. Вложував еднакво напор како и за другите предмети за кои добивав петки. Точно е дека математиката е сериозна дисциплина, но забележав дека ми недостигаат одредени предзнаења, од начини на пресметување, решавање задачи и проблеми кои ние никогаш претходно не сме ги работеле, а професорката се однесуваше како да ги знаеме - вели Аница Миленковска, средношколка од Битола.

Теона Б. (17) од Охрид вели дека била збунета кога професорката почнала на табла да пишува кратенки ССС, САС, АСА.

- Од каде да знаеме дека тие се признаци за складност по геометрија. Никогаш претходно не сме ги виделе. Потоа имавме докази со конструкции, професорката рече дека тоа мора да сме го учеле во основно, а ние поим немаме - вели таа.

Исто се бара и за јазичарите и за математичарите

Дел од родителите се револтирани. Сметаат дека со Кембриџ-програмата образованието ги осакати нивните деца по математика.

- Не се работи за незнаење или немање волја да се работи, туку се користи целиот можен капацитет и пак не се успева да се стигне до очекуваниот резултат. Плаќаме подготвителни часови, дома се работи, се учи. Не мора тестот да е петка, но да не може да се стигне до четворка? - вели Маја Николоска, родител на средношколец од Струга.

Има родители кои реагираат дека во гимназиите, иако децата им учат на општествена или јазична насока, програмата по математика, физика и хемија е речиси иста како во природно-математичките насоки. Иако постојат насоки, професорите бараат еднакво знаење без разлика на која насока е ученикот.
 


- Ни велат дека иако ученикот е на јазична насока, можеби ќе се премислел и ќе студирал математика. Кој ученик со тројки или послаби оценки во средно оди да студира математика. Ако наставните програми се исти, не треба да постојат насоките - реагираат родители.

Некои родители раскажуваат дека во основно образование нивните деца имале наставници во училиште или каде оделе на приватни часови кои по лична иницијатива внесувале содржини од старата наставна програма. Образложението било дека тоа ќе им треба во средно.

Професори велат дека е нарушен принципот на надоврзување во наставните содржини

Проблемот многу добро на своја кожа го чувствуваат и професорите по математика. Наташа Петровска, поранешна градоначалничка на Битола, која се врати да работи како професорка по математика, вели дека наставните програми не треба често и брзопотезно да претрпуваат измени бидејќи наместо подобрување, може да се постигне обратен ефект. Еден од проблемите што се јавуваат при преминот од едно во друго ниво на образование е токму нарушувањето на принципот на надоврзување и надградување на содржините, што се случи во изминатиот период.

- Тоа е особено забележително во наставните програми по математика. Така, цели наставни содржини од основно образование не се опфатени според новите програми, додека во средно образование постојат содржини на кои треба да им се подредени токму овие изоставени содржини. Дополнително, постојат содржини кои во основно се обработуваат повеќе пати, а чија повторливост воопшто не е заради спирален ефект на надградување на знаење, туку едноставно е без ефект, залудно. И за едното и за другото има доста примери во наставните програми по математика. Оваа неусогласеност особено се создаде по воведувањето на Кембриџ-програмата во основното образование. Сето ова ја отежнува работата и на наставниот кадар при постигнувањето на целите, но и на самите ученици во стекнувањето знаења - вели Петровска.

Наставничката по математика Ирена Додевска од Скопје посочува дека главниот проблем се родителите, кои не обрнуваат доволно внимание на своите деца, и петките кои во последните години многу лесно и често незаслужено ги добиваат децата. Таа вели дека децата се навикнаа на крај да имаат петка и тоа им дава слобода да не учат доволно.

Ретки се професорите што имаат храброст јавно да проговорат, повеќето коментираат на „Фејсбук“
Иако контактиравме со многу професори по математика на темата, ретко кои се охрабрија јавно да зборуваат за проблемот. На некои полесно им е да коментираат на „Фејсбук“ дека кога ќе им дојдат учениците во средно, не ја знаат ни таблицата, но кога побаравме јавно да проговорат за проблемот, со цел изнаоѓање начини за негово решавање, тие замолкнаа.

И во збирката „Математички омнибус“ од 2021 година авторите Јасмина Вета и Елица Буралевски пишуваат за недостатоците во учебниците по математика по адаптираната настава „Кембриџ“ од 2015 година. Тие констатираа дека има конфузен пристап кон темата броеви, отсуство од потреба за дефинирање на множеството цели и рационални броеви, конфузни пристапи кон некои основни операции во множествата на природни, цели и рационални броеви, како и отсуство на математички пристап кон определување квадратен корен.

Фото: приватна архива