Студентите од Факултетот за бизнис и економија протестираат зашто не им почна наставата, велат дека се оставени на цедило

Студентите од Факултетот за бизнис и економија протестираат зашто не им почна наставата, велат дека се оставени на цедило

Подготвил: J.T.

Денеска во 10 часот студентите на приватниот Факултет за бизнис и економија излегоа на протест пред Општина Центар односно, пред Трудовиот инспекторат. Тие протестираат бидејќи нивната в.д. директорка неосновано ги отпуштила сите професори и моментално на факултетот има само еден вработен.

Целта на нивниот протест е да бидат донесени професори за наставата да продолжи континуирано.

- Ја започнавме академската година со еден професор, и тоа беше в.д. директорката. Во изјавите на отпуштените професори се вели дека неосновано добиле отказни решенија, додека в.д. директорката вели дека тие самите дале отказ. Поради оваа конфузија, ние моментално немаме кадар - вели член на студентското собрание на ФБЕ.

Меѓу студентите на факултетот владее гнев и револт поради неодговорноста на управата и поради тоа што 400 студенти не го добиваат своето академско образование за кое веќе имаат платена партиципација.

- Ова претставува проблем за сите студенти, а особено за оние на кои им остана само да ја одбранат дипломската работа, или имаат уште 1-2 испити да дипломираат. Ниеден факултет не може да се ангажира само за одбрана на дипломскиот труд, или пак оние што имаат 1-2 испити ако се префрлат на друг факултет, ќе треба повторно да изучуваат 10 предмети - додава студентот.



И покрај тоа што студентите го кренаа својот глас и ги приложија своите барања до надлежните институции, досега добиваат само празни ветувања.

- Ситуацијата е статус кво. Од основачот на факултетот, Џенк Јилмаз, нема никаков одговор, а постојано добиваме еднолични одговори од надлежните институции - дека набргу ќе се среди ситуацијата и дека ќе донесат нови професори, а сите знаеме дека тој процес не оди толку лесно. Од Министерството за образование нема никаква реакција, а од инспекторите од Просветниот инспекторат сме оставени на „чекање“. Одговорите на нашите барања цело време се одложуваат, а ние ја трпиме штетата - изјави еден од членовите на студентското собрание од нивниот факултет.