Мозокот го дели денот на поглавја како во книга

Мозокот го дели денот на поглавја како во книга

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Некои денови ни изгледа како животот да е роман, полн со романса и мистерија, а можеби и малку ужас и фантазија. Човечкиот мозок ги дели наративите во делови, што не се разликува многу од поглавјата во книга.

Студијата спроведена од истражувачите од Универзитетот Колумбија во САД се надоврзува на она што веќе го знаеме за ова „креирање поглавја“ во нашите животи.

Сегментацијата јасно му помага на мозокот да го разбере текот на животот, иако досега не беше јасно како точно мозокот одлучува каде да го започне и каде да го заврши секое поглавје. Новото истражување открива персонализиран процес, базиран на она што ни е важно и кои се нашите приоритети.

- Сакавме да ја оспориме теоријата дека ненадејните промени во мозочната активност кога започнуваме ново поглавје од нашиот ден се предизвикани само од ненадејни промени во светот - дека мозокот не прави ништо интересно кога создава нови поглавја, туку само пасивно реагира на промената. Но, нашето истражување покажа дека тоа не е така: мозокот, всушност, активно ги организира нашите животни искуства на делови што се значајни за нас - вели Кристофер Балдасано, вонреден професор по психологија на Универзитетот Колумбија.

Истражувачкиот тим составил 16 кратки аудионаративи кои прикажувале една од четири локации (ресторан, аеродром, продавница и предавална), со едно од четири сценарија (раскинување, запросување, деловен договор и средба).

Вкупно 415 учесници биле поканети да ги слушаат овие наративи. Во некои случаи нивната мозочна активност била следена, додека во други, од волонтерите било побарано да наведат кога започнува нов дел од приказната.

Клучно, во некои случаи истражувачите ги подготвиле учесниците да се концентрираат на различни аспекти од студијата - така што во приказна за запросување во ресторан, од нив може да биде побарано да се фокусираат на предлогот или на нарачките за храна.

Фокусирањето имало ефект врз невролошкото дефинирање на новите поглавја, покажувајќи дека мозокот ги приспособува своите техники за организирање врз основа на она што сметаме дека е најзначајно во тој момент. Нашите сегашни приоритети и цели, како и искуствата од минатото, можат да играат улога. Потоа, истражувачите сакале да видат како очекувањата за тоа што ќе се случи следно влијаат врз нашата меморија од поглавјата и кои делови од нашето искуство ќе бидат запишани во неа. Има уште многу нешта што треба да се истражат.

- Овие резултати идентификуваат механизми со кои минатите искуства, дестилирани во шематски скрипти за настани, го менуваат начинот на кој ги конструираме нашите сегашни перцепции за реалистични искуства - пишуваат истражувачите во нивниот труд.

Извор: sciencealert.com

Фото: Freepik