Повеќе пари за студентскиот стандард, преполовени за основно образование. Што предвидува буџетот за 2021 година?

Повеќе пари за студентскиот стандард, преполовени за основно образование. Што предвидува буџетот за 2021 година?

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Во ставката „проекти во осново образование“ за годинава биле предвидени 10 милиони евра, а за идната се предвидени 2 милиона евра

За образование и наука во 2021 година државата планира да издвои околу 5,5 милиони евра повеќе во споредба со основниот буџет проектиран за оваа година. Ова е предвидено во предлог-буџетот за 2021 година, кој Владата го изгласа и го достави до Собранието. Во предлогот за Министерството за образование и наука се проектирани 27.128.062 илјади денари (околу 441 милион евра). За оваа година предвидената сума изнесуваше 26.785.938 илјади денари (околу 436 милиони евра), а потоа таа бројка имаше промени поради ребалансите.

Стандардно, најголема ставка од буџетот оди за тековни трансфери до единиците на локалната самоуправа, кои потоа ги пренаменуваат за училиштата кои се во нивна надлежност. Оваа ставка е слична како таа за годинава, а за неа се предвидени 16.250.000 илјади денари (околу 264 милиони евра). Буџетот за високо образование е ист како годинашниот, 6.188.969 илјади денари (околу 101 милион евра). Од нив најголем дел (повеќе од половина) е наменет за Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кој е и најголем универзитет во земјава, а останатиот дел е распределен на другите јавни универзитети. Сепак, за разлика од годинава, буџетот на УКИМ за догодина е намален за околу 640 илјади евра. За околу 1,6 милион евра е поголем буџетот на битолскиот Универзитет „Св. Климент Охридски“, а околу 316 илјади евра повеќе се предвидени за Државниот универзитет во Тетово. За Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип се проектирани околу 333 илјади евра помалку од годинава, додека „Мајка Тереза“ треба да добие околу 63 илјади евра повеќе.



Буџетот за средно образование е поголем за околу 1 милион денари (16 илјади евра), додека преполовени се средствата за основно образование – од 16 милиони евра на околу 8 милиони евра. Тоа се должи најмногу на ставката „проекти во осново образование“, каде што годинава биле предвидени 10 милиони евра, а за идната година се предвидени 2 милиона евра.

Зголемување има и кај ученичкиот и кај студентскиот стандард. За годинава биле предвидени 3,8 милиони евра, односно 9,6 милиони евра, а за идната година се предвидуваат 4,3, односно 12,4 милиони евра.

Малку е зголемен и буџетот за наука, наместо годинашните 343.194 илјади денари (5,6 милиони евра), за наука догодина се планира да бидат издвоени 447.817 илјади денари (7,2 милиони евра). Најголем дел е наменет за научните институти, додека само 1,3 милион евра за научноистражувачка работа.

За идната година планирани се и зголемени инвестиции во образованието – 1.091.573 илјади денари, што е за 270.014 илјади денари, односно 4,3 милиони евра повеќе од првично планираните пари за годинава.

Околу еден милион евра помалку се предвидени за администрација во образованието, но воведен е фонд за грижа и надградба на талентирани ученици.

- Активностите на МОН годинава ќе бидат насочени кон реформи во образованието и инвестирање во иновации и информатичка технологија преку развивање интегриран систем на образование кој ќе влијае врз зголемување на економскиот раст и продуктивноста на трудот – се вели во документот доставен до Собранието.