Универзумот и човечкиот мозок имаат зачудувачки сличности, покажува истражување
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Двајца италијански истражувачи неодамна стигнале до интересен заклучок. Тие велат дека структурите на видливиот универзум се зачудувачки слични на невронските мрежи на човечкиот мозок.
Астрофизичарот Франко Ваца од Универзитетот на Болоња и неврохирургот Алберто Фелети од Универзитетот на Верона до детали ги разгледувале сличностите помеѓу космичката мрежа на галаксии и комплексната мрежа на неврони во човечкиот мозок во рамките на истражување што штотуку било објавено.
Според нив, човечкиот мозок и составот на космичката мрежа се сложени и самостојно се организираат на сличен начин. Во мозокот има околу 69 милијарди неврони, додека во видливиот универзум има најмалку 100 милијарди галаксии кои се споени како мрежа.
Галаксиите и невроните сочинуваат само 30% од целосната маса на универзумот и мозокот, соодветно. Освен тоа, галаксиите и невроните се распоредуваат како мониста на долги жици или нишки. Во случајот со галаксиите, останатите 70% од масата во универзумот се темна материја, додека во мозокот тоа е вода.
Создавањето јазли и врските што произлегуваат од овие јазли исто така се необично слични кај
универзумот и мозокот.
Научниците се надеваат дека нивното истражување би можело да доведе до нови техники за анализа во космологијата и неврохирургијата, овозможувајќи им на научниците подобро да разберат како се развиле овие структури со текот на времето.
Автор: Виктор Тангерман
Извор:
futurism.com
Насловна фотографија: Pixabay