Во Дубаи ќе се гради највисоката станбена зграда во светот
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Точните детали не се познати, но најавена е изградба на највисоката станбена зграда во светот. Таа би требало да биде изградена во финансискиот кварт во Дубаи, градот во кој се наоѓа моментално највисоката зграда „Бурџ калифа“.
Највисоката станбена зграда во светот треба да има над 100 ката, а на врвот треба да има дијамантни кули во облик на круна. Изгледот на зградата е инспириран од дизајнот на суперјахтите и борбените авиони, но и луксузните часовници на еден од инвеститорите, компанијата за накит „Џејкоб енд ко“.
Зад проектот стои локалната градежна компанија „Бингати“, која заедно со „Џејкоб енд ко“ планира да изгради станбен простор за елитата и да го редефинира поимот за раскошен живот во Дубаи.
Освен станови, зградата ќе има и базен со поглед кон Дубаи, спа-центар, фитнес-сали, но и услуги како телохранители, возачи и приватни готвачи.
Моментално највисоката станбена зграда во светот е облакодерот „Централ парк“ во Њујорк, кој е висок 472 метри.
Извор:
Pun kufer
Насловна фотографија:
Binghatti