Скандинавските земји го советуваат своето население како да се подготви за војна

Скандинавските земји го советуваат своето население како да се подготви за војна

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

В понеделник милиони Швеѓани ќе почнат да добиваат брошури во кои ќе читаат совети за тоа како да се справат во случај на војна или други неочекувани кризи.

Брошурата „Ако дојде до криза или војна“ е ажурирана од пред шест години поради она што владата во Стокхолм го нарекува влошена безбедносна ситуација, однесувајќи се на руската инвазија на Украина. Брошурата овој пат е двојно поголема.

И Финска неодамна на интернет ги објави своите најнови совети за тоа како граѓаните да бидат подготвени за инциденти и кризи.

И Норвежаните неодамна добија памфлет во кој се повикуваат да бидат подготвени сами да се снаоѓаат една недела во случај на екстремни временски услови, војна и други закани.

Во текот на летото данската агенција за итни случаи соопшти дека на возрасните Данци на е-пошта им испраќа информации за потребни работи - вода, храна и лекови за пребродување криза. Во делот за воениот конфликт, финската дигитална брошура објаснува како владата и претседателот би реагирале во случај на вооружен напад, нагласувајќи дека финските власти се добро подготвени за самоодбрана.

Шведска му се приклучи на НАТО дури оваа година, одлучувајќи да се приклучи исто како Финска, откако Москва ја прошири војната во 2022 година. Норвешка беше основач на Западната одбранбена алијанса.

За разлика од Шведска и Норвешка, владата во Хелсинки одлучи да не печати копија за секој дом бидејќи тоа ќе „чини милиони“, а дигиталната верзија може полесно да се ажурира.

- Испративме 2,2 милиони печатени примероци, по еден до секое домаќинство во Норвешка - изјави Торе Камфјорд, одговорен за кампањата за самоподготвеност во Норвешката управа за цивилна заштита.

На списокот со работи што треба да се чуваат дома е и храна која не се расипува, како што се конзервиран грав, енергетски барови и тестенини, како и лекови, вклучително и таблети со јод во случај на нуклеарна несреќа.

1
Фото: Rib.msb/Screenshot

Осло испрати верзија во 2018 година, но Камфјорд рече дека климатските промени и поекстремните временски настани како што се поплавите и лизгањето на земјиштето носат зголемени ризици.

За Швеѓаните, идејата за итна брошура не е ништо ново. Првото издание на „Ако дојде до војна“ било создадено за време на Втората светска војна, а било ажурирано за време на Студената војна.

До неодамна Финска и Шведска беа неутрални држави, иако нивната инфраструктура и вкупниот одбранбен систем датираат од Студената војна.

Карл-Оскар Болин, шведски министер за цивилна одбрана, минатиот месец рече дека како што се менува глобалниот контекст, информациите за шведските домаќинства мора да ги одразуваат промените.

Претходно тој предупреди дека може да има војна во Шведска, иако тоа се сметаше за повик за будење бидејќи сметаше дека обновата на таа целосна одбрана напредува премногу бавно.

Поради долгата граница со Русија и искуството од војната со Советскиот Сојуз во Втората светска војна, Финска отсекогаш одржувала високо ниво на одбрана. Меѓутоа, Шведска ја намали својата инфраструктура и дури во последните години повторно почна да се подготвува.

Водичите и брошурите содржат инструкции што да прават граѓаните во случај на неколку сценарија и бараат од граѓаните да можат сами да се снаоѓаат во случај на криза, барем на почетокот.

Финците прашуваат како би се снашле кога неколку дена би се соочиле без струја на зимски температури од -20 Целзиусови степени. Нивната листа со намирници вклучува и јод-таблети, како и храна која лесно се приготвува, храна за домашни миленици и резервно напојување.

Шведската листа со намирници препорачува компири, зелка, моркови и јајца заедно со лименки со сос од болоњезе и готова супа од боровинки и шипинки.

Извор: BBC
Фото: Rib.msb/Screenshot