Како можеме да го намалиме аерозагадувањето со енергетски ефикасни објекти - Стратегија на Марија Станковска

Како можеме да го намалиме аерозагадувањето со енергетски ефикасни објекти - Стратегија на Марија Станковска

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Стратегијата, всушност, предлага да се намалат комуналиите што ги плаќаат инвеститорите, а за разликата во цената да се обврзат да финансираат енергетски ефикасни објекти

Доколку куќата ја „облечеме“, односно ја изолираме, нема продор на студен воздух, па потребната енергија за греење се намалува. Ако вака ги изолираме објектите во Македонија, може да го намалиме загадувањето на животната средина, вели Марија Станковска, контролор за енергетска ефикасност. Таа изработи целосна Стратегија како да се реализира тоа, односно како може да се намали загадувањето што доаѓа од домаќинствата.


Марија Станковска, контролор за енергетска ефикасност

„Облечени куќи“ - помало загадување

Станковска е магистер по технички науки од областа на земјотресно инженерство. Таа е и овластен инженер за проектирање, надзор, ревизија, изведба и контролор за енергетска ефикасност. Член е на Управниот одбор на ЗЛЕК (Здружение на лиценцирани енергетски контролори) и делегат во Собрание на КОАИ (Комора на овластени архитекти и инженери). Професионално е активна на терен од 2004 година во сите сфери на градежништвото (од проектирање до изведба). Нејзината предност е што истовремено е и инженер, и инвеститор, и контролор за енергетска ефикасност.

- Стратегијата е мој предлог, поддржана од членовите на Управниот одбор на ЗЛЕК. Таа е резултат на искуството низ годините. Главниот мотив е решавање на најгорливиот проблем, а тоа е загадувањето предизвикано од домаќинствата, кое е со доста висок процент - 32% од вкупните загадувања. Од развиените земји можеме да ги преземеме прописите за заштита на животна средина и енергетска ефикасност, но стратегијата сами треба да ја најдеме. Никој од горе не може да ја види бедата на народот под црниот облак, само ние што сме под него - вели Станковска.



Црниот облак, според неа, може да го намалиме со еко или енергетски ефикасните објекти кои се проектирани и изведени така што основна цел им е намалување на потрошувачката на енергија потребна за греење, ладење, производство на топла вода, осветлување итн., а со самото тоа се придонесува за намалување на емисија на CO2, односно заштита на животна средина.

- Деновиве слушаме дека термоцентралите на Балканот се најголеми загадувачи во Европа. Ако имаме куќа со стари ѕидови, порозна фасада и стари прозорци, во зима студениот воздух продира преку дотраените фасадни елементи и потребно е да се потроши многу повеќе енергија за да се одржува топлината во просторијата. Колку повеќе трошиме енергија за затоплување, толку повеќе термоцентралите треба да произведуваат енергија, а при нејзиното производство се ослободуваат материи штетни за здравјето на луѓето и за животната средина. Доколку куќата ја „облечеме“, односно ја изолираме, нема продор на студен воздух, тогаш потребната енергија за греење многу се намалува, а воедно се намалува и производството во термоцентралите, па со тоа се намалува и загадувањето на животната средина - објаснува таа.

Да се подигне колективната свест

Стратегијата за намалување на загадувањето од домаќинствата со енергетски ефикасни објекти се темели на неколку фактори. Но, Станковска додава дека е важно да се подигне колективната свест и да има општествено одговорно менаџирање помеѓу владата и општините, од една страна, градежните компании (инвеститори) и енергетските контролори ЗЛЕК, од друга страна, и Центарот за социјална работа како медијатор.
- Загадувањето од домаќинствата е со висок процент од 32%, а целна група се социјално-ранливите семејства кои немаат можности сами да придонесат за подобрување на животната средина, а индиректно за сите нас. Доколку сите заедно, сплотени ја прифатиме оваа Стратегија, реализацијата е многу едноставна - објаснува Станковска.
Таа има идеја и што првично треба да се направи за да добиеме такви објекти. При изградба на нови згради градежните компании (инвеститори) за секој квадратен метар ѝ плаќаат надомест за уредување на градежно земјиште (комуналии) на надлежната општина. Стратегијата, всушност, предлага да се намалат комуналиите што ги плаќаат инвеститорите, а за разликата во цената да се обврзат да финансираат енергетски ефикасни објекти.

- Ако се земе средна вредност на цена на комуналии која изнесува 50 евра по м2, а Општината да ја намали вредноста за комуналии кон инвеститорите при издавање одобрение за градење на нова зграда на 45 евра, со разликата од тие 5 евра инвеститорите може да се обврзат да помогнат при реконструкција на дом на социјално-загрозени категории. На пример, реконструкција на фасада, набавка на инвертер-систем за ладење и греење, набавка на бојлер поврзан со сончеви панели. Изборот на дом на кој му е потребна реконструкција да го врши Центарот за социјални работи - вели Станковска.



Според Стратегијата, потребно е општините да ја намалат цената кон инвеститорите, Центарот за социјална работа да утврди кој објект треба да се реновира, да се изготви проект за реконструкција со предмер и пресметка за сите трошоци, со што ќе се направи финансиска конструкција, инвеститорите да ги искористат своите поволности при изградба на големо и по производни цени да ги извршат градежните работи и вградувањето клима-уред и бојлер, а квалитетот и количината на вградените материјали да ги контролира надзорен инженер според Законот за градење.

За една година покрај нови објекти, може да се реконструираат и 630 куќи

Бидејќи немаме комплетен регистар по домаќинства, пресметката за тоа колку вакви домови може да се реконструираат може да се направи според податоците од Државниот завод за статистика за изградба на нови станови во текот на една година.



- Вака лесно може да се предвиди колкав број објекти може да се реконструираат со примена на мерките од оваа стратегија.
На пример, во 2018 година се изградени 459.352 м2 станбена површина. Доколку оваа површина ја помножиме со претпоставените 5 евра по квадратен метар стимулација од општините и доколку претпоставиме дека трошоци за реконструкција на куќа од 70 м2 се во износ од 3.650 евра, доаѓаме до резултат дека за една година покрај нови објекти, може да се реконструираат и 630 куќи од по 70 м2. Или со изградба на една просечна зграда од 3000 м2 може да се реконструираат 4 куќи од по 70. Оваа бројка е импозантна, за 10 години - 6.300 куќи. Претпоставувам дека во Македонија има околу 50.000 домаќинства. 6.300 домаќинства се околу 12%. Реално процентот е многу поголем бидејќи дел од населението живее во домаќинства во рурални средини, дел во станбени згради кои од 2015 година се градат како енергетски ефикасни објекти.



Потребно е да се менуваат и постојните законски решенија. Државата треба да стави приоритет на донесување издржани законски и подзаконски акти, вели Станковска.

- Потребни се детална разработка и усогласувања меѓу трите клучни закони: Закон за енергетска ефикасност, Закон за просторно и урбанистичко планирање и Закон за градење. Притоа апелирам - при донесување на законите од големо значење е да се слушне и нашето мислење, мислењето на луѓето што во реалноста се соочуваат со секојдневните проблеми и кои ги практикуваат начелата од законите. Кај нас законите се менуваат на дневна основа, тоа не е здраво за стопанството и за економијата.

Нејзината Стратегија е новороденче. Вели дека акцент на оваа Стратегија ќе стават во 2020 година бидејќи поради турбуленциите во системот, не очекуваат дека ќе има интерес во овој момент.



Но, ЗЛЕК досега има пратено многу писма до надлежни институции.

- Досега контактите со институциите покажаа нетранспарентност и затвореност за соработка, немаше одѕив на нашите писма, но, сепак, во 2018 година успеавме да нè вклучат во изготвувањето на законската регулатива за енергетска ефикасност. Од страна на МЕРМ бевме поканети да дадеме свое мислење и предлози за третиот нацрт на Законот за енергетска ефикасност.