Димитар од Струга ја доби наградата за врвен студент по медицина во Љубљана
Подготвил:
Христина Христовска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Оваа година во цела генерација, од околу 200 студенти, наградата ја добивме јас и уште 12 колеги. Еден професор ми честита и ми кажа дека сум можеби единствениот странец што ја добил оваа награда, вели Димитар
Димитар Трифуноски од Струга е четврта година на Медицинскиот факултет во Љубљана и е добитник на Плечниковата награда. Достигнал врвни резултати по предметите анатомија, хистологија, ембриологија и патологија. Работи како демонстратор на Институтот за микробиологија и имунологија. За тоа како успеал да постигне одлични резултати со кои ја стекнал титулата врвен студент и ја добил Плечниковата награда, во интервјуто за Факултети.мк Димитар вели: „Станува збор за индивидуална награда која Медицинскиот факултет во Љубљана ја доделува на студент во четврта година кој во претходните 3 години, или „претклиничкиот“ дел на факултетот, достигнал врвни резултати по предметите анатомија, хистологија и ембриологија и патологија. Секоја година бројката на студенти е различна. Оваа година во цела генерација од околу 200 студенти, наградата ја добивме јас и уште 12 колеги. Во однос на тоа, еден професор на факултетот ми честита и ми кажа дека сум можеби единствениот странец што ја добил оваа награда. Плечниковата награда е за исклучителни резултати при гореспоменатите предмети. Јанез Плечник e познат словенечки анатом и патолог, завршил медицина во Виена, каде што учествувал и во истражувањето на крвните групи. Основоположник е на Институтот за патологија во Љубљана, како и брат на познатиот словенечки архитект Јоже Плечник.“
Каде го заврши средното образование и зошто се одлучи да студираш во Словенија?
Роден сум и живеев во Струга. Средното образование го завршив во СОУ „Д-р Ибрахим Темо“. Искрено кажано, имав некоја потајна желба да студирам во странство. Сакав нови искуства, или едноставно беше бегство од зоната на комфор или бев спремен да си зададам нови предизвици. Сметам дека Словенија е една од поразвиените европски држави, која е прилично блиску до нас, но доволно далеку во однос на економскиот развој, менталитетот и големиот спектар на можности. Земјата многу вложила да изгради квалитетен образовен систем, систем на вредности и вреднување на квалитет. Оттука потекнува и самата идеја за Словенија. Крајната одлука за студирање во Словенија беше сосема едноставна, без премногу размислување за последиците одлучив да се пријавам и да одам докрај.
Од каде потекнува твојата љубов кон медицината?
Отсекогаш сум бил заинтересиран за природно-математичките науки. Сметам дека основата за проучување и истражување на медицината лежи во љубовта кон неа. Тоа е од есенцијална важност за успех. За да се студира медицина, треба да се сака медицината. Морам да признам дека во игра беа и техничките науки. На прв поглед е малку чудно бидејќи станува збор за два дијаметрално спротивни правци. Медицината на некој начин отскокнуваше од другите можности и на крајот испадна дека е правилниот избор, кој еве на некој начин ми ја држи амбицијата. Всушност, со што и да се занимаваш, потребно е да те следат амбиција и желба за напредок. Штом ќе ги изгубиш, автоматски стагнираш и тапкаш в место.
Што претставува Плечниковата награда и какво значење има за твојата понатамошна кариера?
Плечниковата награда е белег на претклиничкиот дел од Медицинскиот факултет, кој пак е темел и основа на медицинска едукација за продолжување со клиничкиот дел на студирање, односно последните три години. Наградата ја добиваат мал број студенти и како таква има посредно влијание врз понатамошната кариера на секој студент. Но ниту една награда не е гаранција за успех, повеќе е белег за заслужените резултати што си ги остварил во изминатиот период. Теоретското знаење и просекот на оценките се само алатки за понатаму. Каков ќе биде успехот во иднина, зависи од стекнатите (посебно практични) знаења и секако сплетот на околности. Допрва доаѓа клиничкиот дел на едукација и со тоа и праксата, кога треба да го покажеме и искористиме стекнатото теоретско знаење. Секако, тоа ќе влијае и врз изборот на понатамошната кариера.
Дали си задоволен од студирањето во Словенија?
Словенија во изминатиов период, а можеби и понатаму ќе продолжи да ми дава различни искуства кои ме градат како личност. Државата е прекрасна, Љубљана е преубав град, студентите имаат одлични услови за живот. Покрај студирањето, имам можност да се вклучам во различни проекти од страна на факултетот, како и студентска работа. Секој студент може да работи, на пример, на интензивна нега за ковид-пациенти, што сметам дека е огромно искуство за студентот. Во моментов имам можност да работам на пулт за земање брисеви и тестирање на ковид-19. Работам како демонстратор на Институтот за микробиологија и имунологија во Љубљана, а од следниот семестар ќе бидам и демонстратор на Институтот за патологија.
Особено ми се допаѓа распоредот на предмети на факултетот. Многу добро е осмислена скалата како се надополнуваат еден предмет со друг, без да постојат преголеми отскокнување помеѓу претходен и следен предмет. Сметам дека тоа е од големо значење за добивање на правилната слика за работите што ги учиме. Професорите се, исто така, врвни стручњаци од светски ранг, секогаш расположени за соработка. На факултетот има безброј можности за размена и пракса во странство, како и за учество во научни студии со кои се занимаваат одредени лекари и професори на самиот факултет. Покрај мене, на Медицинскиот факултет има и други студенти од Македонија, со кои сме постојано во контакт за каква било помош и на кои одлично им оди студирањето.
Морам да признам дека не отидов да студирам во Словенија со цел да избегам од Македонија, бидејќи како што знаеме тоа е актуелно кај младите во моментов. Целта на студирањето се искуствата што можеби не би ги добил во Македонија во истиов период од животот, како во професионалниот така и во приватниот живот. Праксата започнува уште од прва година во делот на семејна медицина, брза помош, пропедевтика, односно подготвително образование, за потоа да продолжи во клиничкиот дел.
Кои се твоите амбиции по завршување на студирањето?
Сè уште е рано да се каже со кој дел од медицината сакам да се занимавам во иднина, штотуку започнав со едукација и пракса во клиничниот дел, односно другата половина од факултетот, каде што ќе имам доволно време да разгледам и да одлучам што и која специјализација би ја избрал по завршувањето. Сметам дека станува збор за многу важен избор бидејќи тоа е нешто со кое ќе се занимавам цел живот. Сум размислувал за две-три гранки, иако во моментов правам список со работи што не би ги правел, така што се надевам дека до крајот ќе почнам и со списокот „што би“. Секако, размислувам и за локација, дали да останам во Словенија или не, што значи најдобро да оставиме на времето.