Каква е економијата на Молдавија, која штотуку започна преговори за влез во ЕУ?
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
ЕУ неодамна одлучи да започне преговори со Украина и Молдавија. Поради војната, веројатно повеќето се запознаени со главните факти за Украина, но колкумина во нашата земја знаат нешто за Молдавија?
Молдавија има 2,53 милиони жители. Нејзиниот бруто-домашен производ (БДП) изнесувал 14,5 милијарди долари во 2022, во споредба со 14,3 милијарди евра на
Македонија.
Молдавија е една од најсиромашните земји во Европа, иако нејзината економија расте во последните две децении, поттикната од потрошувачката која често е овозможена од дознаките од странство. Во последните години овој модел за економски раст се покажува како неодржлив бидејќи има намалување на дознаките од странство, а населението се намалува и старее, што доведува до послаб раст на продуктивноста. Значаен дел од домаќинствата со ниски приходи се зависни од пензии или социјална помош.
Пандемијата, енергетската криза и мигрантите од Украина ги покажале ранливите страни на овој модел. Молдавија е една од најпогодените земји од војната во Украина поради локацијата, но и поврзаноста со Украина и Русија. Војната и порастот на цените резултирале во дополнителни фискални трошоци и трошење важни ресурси. Мигрантите дополнително придонесуваат кон економската криза.
Истовремено, земјата се соочува и со проблеми со енергетската сигурност бидејќи зависи од увезена енергија и краткорочни договори за доставување енергија. Цените за енергија се високи за жителите и бизнисите и дополнително ја влошуваат компетитивноста на фирмите и го намалуваат квалитетот на живот.
Извор:
World Bank
Насловна фотографија: Pixabay