Леонид Рене Томас Караџинов е првенец на Медицинскиот факултет со просек 9,98: „Немав цел да бркам просек, туку да се стекнам со што повеќе знаење“
Подготвил:
Жанета Здравковска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Не само што студираше во Македонија, туку и планира тука да работи како лекар и да придонесе за развојот на македонското здравство. Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ го заврши во рекордно време за шест години, со просек 9,98 и е прогласен за првенец на генерацијата 2022/2023. Леонид Рене Томас Караџинов четири години беше стипендист на Фондацијата „Трајче Мукаетов“, а годинава е добитник и на парична награда од 1.200 евра.
- Навистина е тешко да се постигне висок просек, а притоа да се има и дружење, забава, спорт и вонфакултетски едукативни настани. Во текот на студирањето немав цел да го бркам просекот, туку да се опремам со што повеќе знаење од областите учејќи од наша, но и од странска литература. Клучот е во имањето баланс, да се знае кога треба да се жртвуваат привремено активности кои не се приоритет за сметка на учењето - вели Караџинов.
Можноста да лекува луѓе била пресудна во изборот на професијата
Да се студира медицина е традиција во неговото семејство, но тоа не значеше и обврска да се стане лекар. За оваа професија се одлучил поради можноста да ги лекува луѓето.
- Ми лежеа и ми се допаѓаа работи каде што е потребно критичко размислување, решавање проблеми и секојдневно среќавање со нови предизвици и работа со луѓе. Тие елементи ги има во повеќе различни професии, но медицината како хумана гранка со цел грижа за здравјето на другите и можноста да излекуваш некого ме предизвика да ја изберам за идна професија - вели тој.
Задоволство му причинувале вежбите, а го мачеле предавањата наутро во зима
Раскажувајќи за студентските денови, се присетува дека задоволство му причинувало одењето на вежби по студиските предмети, работата во студентската организација ММСА, организирањето настани и студентски конгреси и студентските размени. Но, исто така, и медицинските забави, спонтаните дружби и спортските активности со колегите. Најмачно му било во зима да стигне на предавањата во 8 часот наутро, спремањето испити кои не биле директно поврзани со медицина и пишувањето семинарски трудови по тие предмети.
Стипендијата „Трајче Мукаетов“ ја примал од третата студиска година во износ од 6.500 денари, а во ноември 2022 се покачила на 7.000 денари месечно. Финансиите биле од големо значење за да ги покрие трошоците за студиите, како уписите на нов семестар, книгите и практикумите по предметите, котизации за студентски конгреси и слично. Наградата што ќе ја добие како првенец на генерацијата ќе ја искористи за лично усовршување, да ги покрие трошоците за тренинг или курс за вештини од медицината.
Би сакал тука да работи и да специјализира
За разлика од други негови врсници кои одлучиле да студираат во странство, тој остана во Македонија. А сега и како дипломиран лекар повторно сака да се вложи во македонското здравство.
- Курикулумот е тој генерално каде и да сте. Од студент по медицина секаде се очекуваат речиси истите знаења и вештини. Сега имаме достапност на литература преку интернет, па од нас зависи колку од тоа ќе научиме и совладаме. Факултетите не ни ги даваат одговорите на сите прашања, туку ни го даваат начинот како да дојдеме до тие одговори - вели Караџинов.
Планот му е и понатаму да остане во Македонија. „Би сакал тука да работам, да специјализирам и да создавам вредност за општеството, па се надевам дека ќе се отвори можност за тоа што ми е желба“, нагласува првенецот на генерацијата на УКИМ.
Платата не е пресудна, туку можноста за едукација
Би работел и во државно и во приватно здравство, во зависност од тоа каде ќе му се отвори соодветна шанса. Платата не му е пресудна во овој дел од кариерата, повеќе е пресудна можноста за напредок и едукација.
- Нашиот здравствен систем и модел е сосема адекватно осмислен за нашата социо-економска положба. Секој има право на здравствено осигурување и пристап до здравствена заштита, за разлика од системот во САД. Ниту еден здравствен систем никаде не е идеален и не може да биде, секогаш има еден елемент кој отпаѓа, било да е достапност на услугите, пристапни цена, адекватност итн. Секоја година има позитивни промени во нашето здравство што ме радуваат и ме мотивираат да останам тука - вели Караџинов.
Фото: приватна архива