Зошто некои луѓе се здебелуваат за време на пост?
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Многу истражувања покажале дека повременото исфрлање на намирниците од животинско потекло од исхраната има добар ефект, а експертите имаат и прецизни упатства за да се одбегнат некои проблеми.
- Постот со масло кој вклучува внесување риба е многу добар за здравјето ако се применува по одредени правила и може да се практикува во текот на целата година. Меѓутоа, подолг пост без масло може да предизвика здравствени проблеми поради недоволното внесување основни масти, протеини и одредени витамини, како и минерали. Последиците, пред сѐ, се опасни за имунитетот. Може да се јави анемија, но и хормонски и други проблеми. Важен фактор е и должината на постот - вели Светлана Станишиќ, експерт за исхрана и универзитетски професор, за српскиот медиум „Еклиника“.
Зошто некои луѓе се здебелуваат за време на постот?
Во периодот на постот се практикува да се јаде храна која има помала калориска вредност. Тоа се зеленчук, риба, овошје итн. Експертите потврдуваат дека дебелеењето за време на постот е честа појава, а дека клучот е во добрата организација и правилниот избор на храна. Исто така, исклучително е важно да не губите одредени витамини и минерали. Ова е можно и често се случува кога некоја група на храна е целосно отстранета од исхраната, а телото доживува одреден шок од промената.
Затоа, причината за зголемување на телесната тежина за време на постот е калориското ограничување, што кај луѓето предизвикува глад или желба за храна, особено слатки. Затоа, многумина посегнуваат по посни грицки или слатки. Тие по правило доведуваат до побрзо зголемување на шеќерот во крвта во споредба со млечните производи кои содржат многу масти.
Последица на тоа е дополнително оптоварување на панкреасот. Процесот на претворање на хранливите материи во енергија е побавен и потежок. Ова го зголемува можниот ризик од отпорност на инсулин, дијабетес и дебелина.
Која навика е најопасна за време на постот?
Кога станува збор за храната на која треба да внимавате за време на постот, професорката Станишиќ ги издвојува хидрогенизираните растителни масла или маргаринот. Тоа е незаменлива состојка во тестото и посните колачи. Корисните својства на рибата се добро познати, но никогаш не треба да се подготвува во многу масло. Сувото овошје е исто така вообичаен дел од посната трпеза, но тоа главно содржи голема количина на шеќер.
Извор:
Eklinika
Насловна фотографија: Pixabay