Ова се најмоќните пасоши во светот за 2024 година, а еве на кое место е македонскиот

Ова се најмоќните пасоши во светот за 2024 година, а еве на кое место е македонскиот

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Објавено е рангирањето на најмоќните пасоши за 2024 година, а Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) повторно се на врвот, обезбедувајќи го првото место четврта година по ред.

Овој глобален индекс го мери бројот на земји во кои граѓаните можат да патуваат без виза, а граѓаните на ОАЕ имаат пристап до 133 земји без виза и дополнителни 47 земји со виза при самото пристигнување, со што се покриени 90 отсто од светот.

На листата доминираат европските земји, при што заземаат 19 од првите 20 позиции.

Шпанија ја престигна Германија и стана земја со втор најмоќен пасош, додека Финска бележи раст и се најде на 3. место пред Франција, Белгија и Италија.

И покрај падот на 4. место, Франција може да се пофали со најмоќниот пасош меѓу земјите од Г20. Обединетото Кралство продолжува со пад, со што се најде на 32. место.

Британците сега можат да патуваат во 125 земји без виза и 49 со виза при самото пристигнување. Во рангирањето паднаа и САД, кои се најдоа на 38. место, па така граѓаните на САД можат да посетат 123 земји без виза и дополнителни 50 со виза по пристигнувањето.

Кинескиот пасош е рангиран на 110. место.

Македонија се најде на 33. место. Граѓаните на нашата земја можат да патуваат во 83 земји без виза и дополнителни 50 земји со виза.

Од земјите на Балканот, Словенија се најде на 26. место, Србија на 71. место, а Босна и Херцеговина на 89. место.

Најмоќните пасоши за 2024 година


1. ОАЕ
2. Шпанија
3. Финска
4. Франција
5. Германија
6. Белгија
7. Италија
8. Данска
9. Холандија
10. Луксембург
11. Австрија
12. Португалија
13. Норвешка
14. Швајцарија
15. Грција
16. Ирска
17. Шведска
18. Полска
19. Унгарија
20. Чешка
21. Јужна Кореја
22. Естонија
23. Хрватска
24. Словачка
25. Јапонија
26. Словенија
27. Латвија
28. Нов Зеланд
29. Лихтенштајн
30. Сингапур

Јужна Кореја ја држи водечката позиција во Азија и покрај тоа што падна на 21. место. Во регионалното рангирање ја следат Јапонија (25.) и Сингапур (30.).

Во Централна Азија, Казахстан и Узбекистан бележат раст, додека конфликтите на Блискиот Исток продолжуваат да ја ограничуваат мобилноста во регионот.

Хрант Богосјан, коосновач на овој индекс, нагласува дека глобалната мобилност стагнира по закрепнувањето од пандемијата, додека геополитичките тензии продолжуваат да го обликуваат движењето на луѓето.


Извор: Passport index/n1info.hr
Фото: Freepik