Слободните жени се посреќни од слободните мажи, тврдат научниците
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Ново истражување открива дека хетеросексуалните врски носат повеќе придобивки за мажите, а повеќе трошоци за жените. Во просек, слободните жени се позадоволни од својот живот отколку слободните мажи и не брзаат да најдат партнер.
Според истражувањето објавено во списанието „Соушл сајколоџикал енд персоналити сајнс“, жените во просек пријавиле повисоки нивоа на општо задоволство, вклучувајќи го и задоволството од нивниот моментален статус, квалитетот на животот, сексуалниот живот и помалата желба да најдат партнер.
- Еден од честите стереотипи е дека слободните жени се несреќни и непривлечни осамени старици, додека слободните мажи се сметаат за посакувани „ергени“ - пишуваат психолозите од Универзитетот во Торонто, Елејн Хоан и Џеф Мекдоналд, кои анализирале податоци од речиси 6.000 главно хетеросексуални слободни луѓе. Но, нивните резултати го побиваат верувањето дека жените се понесреќни кога се сами.
Според истражувањето, една од причините зошто жените се позадоволни е тоа што често имаат посилна социјална поддршка надвор од романтичните врски. Покрај тоа, како што жените стануваат финансиски понезависни, традиционалната предност на мажите во односите, приходот, губи важност. Тоа им овозможува на жените подетално да ги согледаат другите аспекти од врската кои можат да влијаат врз нивното задоволство. Истражувањето наведува дека нееднаквостите во хетеросексуалните односи, како што се нееднаквата поделба на домашните работи и занемарувањето на сексуалното задоволство на жените, се фактори кои често носат повеќе придобивки за мажите, а повеќе трошоци за жените.
Истражувањата покажаа дека мажите се помалку задоволни кога се сами, што, според авторите, може да укаже дека тие имаат поголема корист од врските отколку жените. Иако сите слободни мажи не се дел од групата на мизогинистичко екстремистичко движење кое ги обвинува жените за неуспеси во романтичните и сексуалните односи - истражувањето покажа дека слободните мажи, во просек, пријавуваат пониски нивоа на целокупно задоволство. Авторите сугерираат дека се потребни дополнителни истражувања на оваа тема за да се доловат пошироките искуства на мажите што живеат сами.
Генерално, истражувањето заклучува дека жените во просек се посреќни кога се слободни за разлика од мажите.
Извор:
bizlife.rs
Фото: Freepik