Како се движат тиражите кај нас: Луѓето купуваат од нобеловец до нобеловец

Како се движат тиражите кај нас: Луѓето купуваат од нобеловец до нобеловец

Подготвил: Весна Дамчевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Тиражите на делата на актуелниот нобеловец за литература секогаш растат, но штом се прогласи новиот добитник, опаѓа интересот за минатогодишниот. Сепак, етикетата „нобеловец“ останува и таа секогаш е гаранција за солиден интерес за одредени автори. Кај нас, според некои домашни издавачи и автори, интересот расте, но симболично, а поетите-нобеловци поминуваат полошо од прозаистите

Освен Нобеловата, ниедна книжевна награда во светот не ја зголемува толку продажбата на книгите на наградениот автор. Еден лауреат на „Букер“, „Гонкур“ или некоја друга исто така престижна награда, особено на домашниот пазар, нема да продаде многу повеќе примероци отколку авторот и да не ја добиел. Но, Нобеловата награда и до вчера слабо познат автор може да го направи глобално многу видлив, макар и на краток период.

Секако, добро е преводите веќе да се направени пред книгата да биде наградена, додека фокусот е на актуелниот лауреат. Во спротивно, ако помине многу време додека една книга се преведе и објави, веќе наредниот нобеловец ќе биде актуелен. Луѓето купуваат од нобеловец до нобеловец. Штом се прогласи новиот добитник, опаѓа интересот за минатогодишниот. Сепак, етикетата „нобеловец“ останува и таа секогаш е гаранција за солиден интерес за одредени автори.
Кај нас, според некои домашни издавачи и автори, интересот расте, но симболично, а поетите-нобеловци поминуваат полошо од прозаистите.


Фото: Фрипик

Продажбата расте, но симболично

Според некои домашни издавачи, иако ја следат различни мислења и контроверзи низ годините, Нобеловата награда за литература е сигурно најочекуваната награда во книжевниот свет. Самото споменување на името Нобел веќе буди реакции не само кај стручната јавност, туку и надвор од неа, што не е случај со најголем дел од книжевните награди.

- За жал, кај нас мислам дека поголем е интересот за оваа награда од самите издавачи отколку директно од читателите. „Антолог“ досега објавил неколку нобеловци: Светлана Алексиевич, Олга Токарчук, Халдоур Лакснес, Жозе Сарамаго, Вилијам Фокнер. Оние што веќе биле  добитници на наградата во моментот кога сме ги објавиле поминувале со одреден интерес кај публиката, ама во граници на нормалното. Се чини дека некои други медиуми, како телевизијата, се поважни во промоцијата на книгите отколку брендот Нобелова награда. Така, на пример, со појавувањето на серијата за Чернобил на Ејч-би-о, интересот за книгата „Чернобилска молитва“ од Светлана Алексиевич експресно порасна, иако книгата беше објавена пред неколку години и не беше премногу забележана - вели Кристина Велевска, уредничка во издавачката куќа „Антолог“.
Тие ја имаат објавено писателката Олга Токарчук уште пред таа да ја добие Нобеловата награда и интересот за неа бил многу мал.

- Откако ја прогласија за нобеловец, продажбата порасна, но симболично, а до следното прогласување интересот повторно речиси целосно се стиши, иако Токарчук е една од највлијателните авторки на денешнината. За жал, се чини дека кај нашата публика честопати повеќе пали дали некоја книга е бестселер на „Њујорк тајмс“ отколку дали е наградувано и вредно дело - заклучува Велевска.


Фото: Пиксабеј

Нобеловците што пишуваат поезија потешко поминуваат

Според писателот Александар Прокопиев, Нобеловата е многу значајна награда особено за авторот, затоа што тој веднаш откако ќе го добие ова признание се преведува низ целиот свет и неговата рецепција, логично, расте.

- Голем број автори откако ја добиле Нобеловата награда многу брзо се пробиле меѓу читателите од целиот свет, тоа е факт. Меѓутоа, и тука важат некои закони на читаност и пазар. Ако писателот е прозаист, тогаш неговата рецепција е многу зголемена, за неколку пати, и тиражите растат без оглед на тоа во кој дел од светот се преведува. За поетите е малку поразлично, затоа што многу големи поети, сега ми текнува на Вислава Шимборска и Чеслав Милош, на пример, кои се извонредни поети, не достигнале милионски тиражи. И по Нобеловата награда повеќе се преведуваат нивните прозни дела, и тоа дела што се чисто есеистички, а не нивната поезија. Зошто? Затоа што веројатно преводот на поезијата е многу потежок отколку на еден роман или збирка раскази. И генерално поезијата има помали тиражи, освен ако не се работи, што е исто така парадоксално, за едно многу познато име од светот на популарноста, тоа е случајот со Боб Дилан, кој никој не го знаеше исклучиво како поет, туку како музичар. Но, кога ја доби Нобеловата награда, на просторот на поранешна Југославија, кај нас не знам колку, се објавија прилично дебели збирки со негова поезија - вели Прокопиев.

Според него, Нобеловата награда како едно највисоко книжевно признание, иако со извесни компромиси, политички и други моментални, многу значи за еден автор, особено ако доаѓа од помала земја, тогаш таа литература, шведска, српска, африканските литератури... многу добиваат со наградата.
- Меѓутоа, тоа е веќе во психологијата на читателот и на издавачот, кој веднаш ќе ја стави таа етикета, ќе направат добра афирмација на своето издание и тие изданија навистина добро тргнуваат и се продаваат, дури и ако авторот не е многу познат - вели Прокопиев.



По Нобеловата награда милионски тиражи на Токарчук во Полска

Лани, на пример, во Полска беа продадени повеќе од милион примероци од книгите на Олга Токарчук откако Шведската академија во октомври одлучи да ѝ ја додели Нобеловата награда за книжевност, објави нејзиниот полски издавач.
 - Пред објавата на одлуката на Шведската академија беше проценето дека се продадени околу милион копии од книгите на Токарчук. По 10 октомври го удвоивме тој резултат и на пазарот ставивме уште милион дополнителни примероци. Интересот за нејзините книги е огромен во оваа земја со 38 милиони жители - рече Марцин Баниак од издавачката куќа на нобеловката.

Олга Токарчук (57) е петнаесетта жена на која ѝ е доделена Нобеловата награда, а како што е истакнато во образложението на Шведската академија, ја доби за „наративната имагинативност, која со енциклопедиска страст го претставува преминувањето на границите како облик на живот“. Националистичките конзервативци на власт во Полска често ја избегнуваат или ја критикуваат Токарчук, која има лева проевропска ориентација, а е вегетаријанка и еколошка активистка. Токарчук во октомври беше прогласена за добитничка на Нобеловата награда за книжевност за 2018 година, заедно со австрискиот автор Петер Хандке. Лани беа доделени две награди бидејќи Шведската академија минатата година, првпат по 70 години, одлучи да го одложи прогласувањето на добитникот на Нобеловата награда за книжевност поради скандалот поврзан со сексуално малтретирање.
Кај нас, „Или-или“ на македонски јазик ја објави нејзината книга „Талкачи“, метафора за современиот човек кој е во постојано движење.

Гао Синџиан - неочекуваниот нобеловец

На преминот од вториот во третиот милениум, во 2000 година, се очекуваше дека Нобеловата награда за книжевност ќе ја добијат: Варгас Љоса, Филип Рот, В. С. Најпол или Салман Ружди. Меѓутоа, Шведската академија, доследна на себе, сака изненадувања и често наградува луѓе непознати за пошироката јавност. Така и наградата му припадна, првпат во својата историја, на еден Кинез. Среќниот избраник - непознат, по потекло од најмногубројниот народ на светот, беше Гао Синџиан - универзален уметник: писател, поет, драматург, есеист, сликар, синеаст и режисер. Човек чие дело и тоа како е субверзивно по форма и содржина (поетска и фантастична проза). И покрај тоа што Кина ѝ се закани на Шведската академија да не им ја дава наградата на нејзините дисиденти во егзил (алаудирајќи на далај-лама), Нобеловата награда го насочи вниманието на светот кон еден од најогорчените противници на режимот во Пекинг. Неговото капитално дело за кое ја доби Нобеловата награда е „Планина на душата“. Делото први го објавија Швеѓаните во 1990 година во превод на Горен Малквист.

Она што му се случи е вистинско чудо. Неговите последни зборови при примањето на Нобеловата награда, упатени до кралот, беа: „Ваше величество, дали е ова стварност или бајка?“
Од комплетно непознат автор, чии дела се забранувани во Кина (неколкупати самиот ги изгорел своите ракописи), тој станува светски познат автор.

- Да, може да се каже дека мојата Нобелова награда беше вистинско чудо. Имав многу среќа. Но факт е и тоа дека многу преживеав. Не можете ни да замислите што сè ми се случуваше. Можам да кажам дека имав три животи: оној во Кина беше кошмар, вториот живот почна во егзил и траеше до Нобеловата награда. Тогаш имав слобода да се изразувам, но тоа беше практично во совршена анонимност, што значи дека бев непознат, освен за мал круг пријатели што знаеја што работам, но за јавноста и за издавачите, јас не постоев. И одеднаш, сосема неочекувано, ја добив Нобеловата награда. Бидејќи тоа е најголемото светско признание, книгите веднаш ми беа преведени во целиот свет. Тука во почетокот не сакаа да ме објават големите издавачи, но сега сум преведен на 37 јазици - изјави Сиџиан во едно свое интервју.