Колумна: Недела (не)работен ден?

Колумна: Недела (не)работен ден?

Додека кај нас се заговара враќање на неделата како работен ден, во развиените земји веќе се експериментира со четиридневна работна недела. Порастот на хибридното работење, работењето од дома, како и желбата за подобра рамнотежа меѓу работа и слободно време наметна преиспитување на типичната работна недела.

Централен проблем во економијата претставува управувањето со ограничените ресурси со цел постигнување општествено оптимални резултати. Економските политики кои се насочени кон постигнување на овие цели речиси секогаш треба да балансираат меѓу ефикасноста и правичноста, при што во прашање се интересите на повеќе засегнати страни. Во овој контекст, еден од најдрагоцените ограничени ресурси е секако времето што секој работник го издвојува во функција на генерирање додадена вредност. Распределбата на времето помеѓу работата и други активности за одмор, релаксација и сл. е предмет на економски анализи бидејќи можните исходи директно влијаат врз економските резултати на компаниите, а со тоа и врз целокупниот економски развој. Од друга страна, бројот на работни часови и флексибилноста на работното време се предуслов за благосостојба на работниците, како и нивното физичко и ментално здравје.

Во овој контекст, во Македонија беа направени измени на Законот за работните односи и Законот за трговија со кои недела беше определен да биде ден на неделен одмор, и стапија во сила на почетокот од 2022 година. Исклучок од ова правило има во дејностите каде што работата е од таква природа што не може да се прекине поради техничко-технолошкиот процес и потребата од континуитет. За работниците во овие дејности како ден за неделен одмор може да биде определен друг ден во неделата. Во овие дејности работникот има право на додаток на плата од најмалку 50% за секој час поминат на работа и користење неделен одмор во наредните седум дена. Подоцна беа направи дополнителни измени со кои на трговците во туристичките места им се дозволи да работат во недела. Освен тоа, прогласувањето на недела за неработен ден во 2022 година беше оспорено пред Уставниот суд од страна на Сојузот на стопански комори, но уставните судии ја отфрлија иницијативата како неоснована. Денес, ова прашање е повторно актуелно и е тема на дискусија во рамки на Економско-социјалниот совет каде што учествуваат претставници на работниците, работодавците и Владата.

Организацијата на работодавци на Македонија се залага за ревизија на Законот, а дел од коморите бараат негово целосно укинување. Бизнисмените сметаат дека листата сo исклучоци на која се наоѓаат и трговските центри треба да се прошири со некои бизниси во угостителството кои имаат најмногу работа за време на викендите и имаат потреба од поголема флексибилност. Понатаму, одредени занаетчиски комори и здруженија на организации предлагаат ослободување на други специфични дејности од ова правило. Освен тоа, вработените во ИТ-секторот би можеле да работат од дома за време на викенди, да имаат скратено работно време и разни поволности кои веќе се применуваат низ светот. Од овие причини, организациите на работодавци сметаат дека концептот „недела неработен ден“ треба да биде предмет на евалуација и преиспитување со цел да им се овозможи на што поголем број бизниси да работат во недела.

Од друга страна, синдикалните организации сметаат дека во недела мнозинството работници треба да бидат слободни затоа што неделата како неработен ден е важна за одмор и време посветено на семејството. Според нив, многу од дејностите кои се дел од исклучоците, како на пример трговските центри, треба да бидат опфатени со оваа мерка бидејќи ниту се неопходни ниту се од национален интерес. Сегашните барања за укинување на концептот „недела неработен ден“ од страна на стопанските комори се директен напад на работничкото достоинство и правата на работниците. Имено, правата кои работниците ги стекнале по повеќедецениска борба, вклучително и неделата да ја поминат со своите семејства, не смеат да бидат укинати.

Владата како дел од трипартизмот е на став дека треба да им се дозволи уште на неколку дејности да работат во недела, односно укажува на потребата од ревизија на актуелното законско решение. Според тоа, не се планира укинување на концептот „недела неработен ден“, но се разгледуваат можности за ослободување на одредени дејности од ова правило. Во овој контекст, потребно е усогласување на спротивставените ставови меѓу работодавците и синдикатите. Предлозите се во насока во недела да им биде овозможено да работат на сите оние што ќе постигнат договор со работодавците и ќе добијат двојно или тројно повисока дневница, но тоа се мал дел од вкупниот број вработени.

Додека кај нас се заговара враќање на неделата како работен ден, во развиените земји веќе се експериментира со четиридневна работна недела. Порастот на хибридното работење, работењето од дома, како и желбата за подобра рамнотежа меѓу работата и слободното време наметна преиспитување на типичната работна недела. Концептот на четиридневна работна недела добива сѐ поголема популарност и генерално се спроведува на два начина. Според првиот пристап, часовите од петдневната работна недела можат да се збијат во текот на четири дена, но со подолго работно време. Во овој случај, вкупниот број работни часови во неделата останува непроменет. Вториот пристап вклучува намален број работни часови за 20%, но без намалување на платата на вработените за остварени исти резултати како во случај на петдневна работна недела.
Голем број бизниси во светот веќе учествуваат во експериментални обиди за воведување четиридневна работна недела. Така, на пример, во Велика Британија во периодот од јуни до декември 2022 година беше пробно воведен овој концепт во кој учествуваа повеќе од 2.900 работници од 61 компанија. Притоа, за евалуација на резултатите од работењето користени се административни податоци, како и анкети со вработените. Споредено со истиот период од претходната година, компаниите прикажале зголемување на приходите од 35%, а бројот на вработени кои даваат отказ драстично се намалил за 57% за време на експериментот. Освен тоа, околу 39% од вработените изјавиле дека имаат помал стрес со значително подобрување на менталното и физичкото здравје. Слични резултати се постигнати и во голем број други земји како што се: Германија, Австралија, САД, Канада во рамките на пилот-проекти кои ги спроведува организацијата 4 Day Week Global. Сепак, во однос на ова прашање ставовите се спротивставени, односно сѐ уште се дискутира дали четиридневната работна недела е добра идеја и дали може да се примени кај секој бизнис.

Воведување на четиридневната работна недела со себе носи повеќе предности. Прво, компаниите со флексибилни работни шеми се поатрактивни и повеќе привлекуваат и задржуваат таленти. Второ, вработените се посреќни и пофокусирани на работата, така што се зголемува нивната продуктивност. Трето, бизнисите со четиридневна работна недела можат да намалат дел од трошоците, особено режиските трошоци кои се поврзани со бројот на работни денови, а не со бројот на работни часови. Четврто, намалената работна недела може да ги подобри здравјето и благосостојбата на работниците, така што преку дополнителното време за одмор би се намалил бројот на отсуства заради боледување. Освен тоа, компаниите кои работат четири дена во неделата би имале помал јаглероден отпечаток преку намалено патување на вработените и намалената јаглеродна емисија од автомобили и јавен транспорт.

Покрај бенефитите, постојат и одредени недостатоци од прифаќањето на четиридневната работна недела. Прво, сите бизниси не би можеле да се приспособат на скратена работна недела, на пример, угостителство, здравство и сл. Второ, потенцијално може да дојде до незадоволство кај потрошувачите и да предизвика нивна фрустрираност. Трето, би можеле да се јават дополнителни трошоци, доколку работните задачи не се завршат навремено и се потребни прекувремени работни часови или ангажирање подизведувачи. Четврто, можен е зголемен притисок врз вработените доколку се настојува постигнување на иста продуктивност од петдневна работна недела. Како резултат на тоа, може да се намалат продуктивноста и задоволството од работата.

На ова место се поставува и прашањето за правното регулирање на четиридневната работна недела. Притоа, особено се фаворизира решение кое овозможува флексибилно работење, односно да се задржи петдневна работна недела, со можност работниците да можат да ги збијат нивните работни часови во четири дена. На овој начин, работниците би ја извршувале истата работа, но на начин што им овозможува дополнителни бенефити како на пример: намалување на трошоците за згрижување на децата, повеќе време со семејството и сл. Од друга страна, законското решение би можело да им отежни на работодавците да ги одбиваат барањата за флексибилно работно време од страна на работниците. Сепак, за да биде одржливо на долг рок, решението треба да одговара како за работниците така и за работодавците.

Имајќи ги предвид претходните аргументи, може да се заклучи дека враќањето на недела како работен ден не би придонело значително за подобрување на успешноста во работењето на компаниите. Во прилог на ова оди и фактот што моменталното законско решение веќе овозможува исклучоци за работа во недела. Унапредување на правата на работниците со цел подобрување на нивната благосостојба треба да биде во фокусот на идниот економски развој и фаќање чекор со трендовите во развиените земји. Наместо постигнување подобри резултати преку поголема трудова интензивност, македонските компании треба да се насочуваат кон зголемување на продуктивноста која е значително пониска во споредба со развиените земји. Тоа би можело да се постигне преку дополнителни капитални вложувања особено во нови технологии засновани врз автоматизација, роботизација, а во поново време и сѐ поголема примена на вештачка интелигенција. Освен тоа, компаниите треба интензивно да вложуваат во подобрување на квалитетот на човечкиот капитал преку усвојување нови вештини и компетенции, со што вработените би станале поконкурентни на глобалниот пазар. Во овој контекст, мал е бројот на компании во Македонија кои поседуваат одделенија за истражување и развој каде што би се работело на воведување иновации на производите и процесите. Секако, помошта на државата за бизнисите во овој домен е од клучно значење, како и нивно активно поврзување со научноистражувачката заедница и граѓанското општество во рамките на четворниот хеликс.

Автор: проф. д-р Димитар Николоски, Економски факултет - Прилеп, УКЛО