Атанас Кирјаковски речиси 10 години живеел во Јапонија, каде што магистрирал и докторирал на Кобе универзитетот. Тој е уредник на веб-страницата „Наука за сите“, која објавува интересни статии од македонски научници
Најновите вести од науката напишани од научници, поткасти, видеа се само дел од интерeсните содржини што ги пласира веб-страницата
„Наука за сите“. Таа постои од 2014 година, но од неодамна има нов дизајн. Главниот виновник за денешниот лик е Атанас Кирјаковски, наш научник кој дел од своето образование го стекнал во Јапонија.
Тој ни раскажа како група млади македонски истражувачи од сите страни на светот, главно од земји како Швајцарија, Германија, Холандија и Јапонија, спонтано, се запознале и се поврзале преку интернет, па така ја започнале приказната за „Наука за сите“.
- Сите доаѓаме од различни научни области и тоа придонесе да имаме целосна слика за проблемот со науката во Македонија, кој секој на свој начин го доживуваше со доза на револт – а тоа е проблемот на запоставување на науката од страна на државата и академските институции во земјава. За да биде појасно, земјите-членки на ЕУ во просек одвојуваат околу 2% од нивниот бруто-домашен производ (БДП) за истражување и развој, додека Македонија во текот на годините одвојувала незначителни 0,2–0,4% од сопствениот БДП. Ако се земе предвид и фактот што БДП на ЕУ-земјите е десетици, па и стотици пати поголемо од нашето БДП, тогаш овој проблем е уште позагрижувачки. Знаејќи ја вредноста на науката, знаејќи дека науката функционира, знаејќи го фактот дека целата западна цивилизација и модерниот свет се изградени врз научниот метод, никој од нас немаше дилема дека едно општество објективно може да напредува и да создава благосостојба и квалитет само доколку се базира на наука. И затоа решивме да бидеме одговорни, решивме да направиме нешто во врска со тоа - вели Кирјаковски во интервјуто за Факултети.мк.
Атанас Кирјаковски/ Фото: Борче Поповски
Која е главната мисија на „Наука за сите“, кој не е комерцијален медиум? Како успевате да опстоите?
- Мисијата на „Наука за сите“, пред сѐ, е популаризирање на науката како вредност во Македонија. Ние го промовираме научниот метод како пристап кон решавањето на општествените и технолошките предизвици, промовираме критичко размислување, особено во процесот на образованието, создаваме квалитетни научни содржини на македонски јазик наменети за целата популација. Исто така, промовираме „отворена наука“, разбиваме митови и заблуди во јавноста преку посочување научни факти, и на долги патеки лобираме со цел да се подобрат официјалните политики на државата во однос на науката и научната работа.
NZS.mk е највидливиот производ на нашите заложби. Иако основоположниците не се повеќе активно вклучени во иницијативата, јас во улога на уредник и организатор ја презедов одговорноста страницата да продолжи да постои, да поврзува нови македонски научници каде и да се наоѓаат и да публикува нивни квалитетни статии и други содржини на македонски јазик. На мое огромно задоволство, сѐ повеќе научници ни се приклучуваат и исто како и основоположниците пред нив, сѐ повеќе придонесуваат со своето знаење и енергија. Виновен сум и за новиот дизајн и новото лого – ја користам пригодава да ги повикам читателите да одгатнат каква тајна крие превртеното „А“, односно какво значење има (не е превртено за џабе).
Досега сме објавиле над 160 авторски статии напишани од експерти од речиси сите научни области, имаме
јутјуб-канал преку кој воведовме и корисни видеолекции, а пред една и пол година го создадовме и единствениот научен поткаст во Македонија во кој опширно се разговара за науката и се интервјуираат активни македонски научници од дома и од странство. Мора да се потенцира дека сите содржини на НЗС се создадени бесплатно и волонтерски од сите
прекрасни луѓе што се во листата на нашата страница. На НЗС немаме рекламирање, т.е. нашата веб-страница е целосно некомерцијална. Но, истовремено мора да се признае дека е предизвик од „ништо да се создава нешто“, односно да се функционира без финансии и заработка. Засега техничките трошоци околу одржувањето на страницата и продукцијата на поткастот ги покрива еден македонски професор кој предава на еден странски универзитет (огромна благодарност до него). Во моментов размислуваме околу долгорочен модел на финансиска (само)одржливост со цел да опстане „Наука за сите“ и, секако, да успее во својата мисија.
Атанас со ученици од основно училиште во Јапонија
Секој од вас е специјализиран за одредена област. Вашата се когнитивните науки. Што Ви е најголем предизвик за пишување?
- На НЗС покриваме повеќе научни области, од астрономија и физика, компјутерски и когнитивни науки, општествени науки, технологија, математика и статистика, па сѐ до биологија, хемија и медицина. Мојот домен се когнитивните науки. Бидејќи кај нас не се изучуваат како посебна научна дисциплина, да објасниме накратко – когнитивните науки го проучуваaт човековиот и животинскиот ум (а во поново време и „умот“ на машините), односно способноста на мозокот (машината) да стекнува информации, да ги процесира и да генерира однесување и одлуки врз основа на нив, во индивидуален и социјален контекст. Типични теми што се проучуваат во когнитивните науки се интелигенцијата, перцепцијата, свеста, емоциите, учењето, меморијата, вниманието, јазикот, интеракцијата со машините итн., но за разлика од традиционалните дисциплини, како што е на пр. психологијата, когнитивната наука се обидува да ја разбере комплексноста на умот интердисциплинарно, односно преку комбинирање идеи и методи од повеќе научни дисциплини, како што се психологијата, компјутерските науки, невронауката, лингвистиката, антропологијата и филозофијата.
Во однос на предизвиците во пишувањето наука за пошироката јавност, слично како и кај другите форми на аргументирано и структурирано пишување, голема улога игра т.н. „теорија на умот“, односно нашата когнитивна способност да ги разбираме и проценуваме менталните состојби на другите, степенот на нивното знаење, нивните желби, верувања и емоции. Поради тоа, научникот секогаш мора да има јасна слика за кого пишува, мора да ја замисли и процени неговата публика, да се запраша дали таа ќе го разбере, дали ќе го задржи вниманието на читателот. Во суштина предизвикот е да се искомуницираат комплексни идеи и модели за реалноста кои ги создава науката, на еден разбирлив и прифатлив начин за што поголем број читатели. Во мојот случај, како некој што пишува на теми од психологијата и когнитивните науки, меѓу другото, мора да се внимава и на една дополнителна околност. Всушност, предизвикот лежи во тоа да се пишува убедливо на теми за кои сите мислат дека веќе имаат солидно знаење бидејќи ги „чувствуваат“ или „искусиле“ претходно, односно бидејќи имаат некаква свесна или несвесна интуиција и веќе изградено мислење за феномени како емоциите, вниманието, перцепцијата, свеста итн. Кога тие феномени се истражуваат во формална научна смисла, честопати се контраинтуитивни од популарното сфаќање и понекогаш научните факти потешко се прифаќаат токму поради таквата „илузија на претходно знаење“. Понекогаш е потешко луѓето да се одучат од нешто отколку да научат нешто наново. Претпоставувам моите колеги од другите области, на пример, астрономијата, не се соочуваат со истиот предизвик кога пишуваат за Хабловата константа или, пак, за космичкото заднинско зрачење, концепти за кои повеќето луѓе и немаат некое конкретно предзнаење.
Средно сте завршиле за забен техничар, сте студирале комуникациски науки на Универзитетот на Југоисточна Европа, па сте магистрирале и докторирале на Кобе универзитетот во Јапонија… Навистина е шаренолика Вашата биографија. Ви требаше ли време да се пронајдете или едноставно сакате да истражувате?
- Се работи за комбинација од огромна љубопитност, темперамент и животни околности. Всушност, човек без шаренолика биографија во денешниов современ свет на можности е чудна појава, особено во контекст на науката која од ден на ден станува сѐ поинтердисциплинарна. Бидејќи потекнувам од семејство на медицински лица, мајка ми е медицинска сестра, а татко ми беше стоматолог, природно тргнав по неговите стапки. Веројатно многу млади првично ја избираат кариерата на своите родители поради тоа што ние, луѓето, во принцип сакаме работи што ни се блиски и познати. Но како што созреваме, преку интеракцијата во различни средини со различни луѓе, стануваме свесни за нови идеи, нови животни можности и развиваме нови интереси и искуства. На тогашниот факултет за комуникациски науки и технологии на ЈИЕ се запишав бидејќи ми се допаѓаше новата програма, и тоа на англиски јазик. Втората причина, бидејќи доаѓам од Тетово, е што не беше далеку од мојот дом (рационална мрзливост).
Кон крајот на моите додипломски студии, во посета на универзитетот дојде една јапонска делегација пред која имав чест да го претставувам универзитетот како еден од неговите најистакнати студенти. Од нив подоцна разбрав дека владата на Јапонија секоја година доделува по една стипендија на македонски дипломирани студенти за истражување на некој од тамошните универзитети со можност за продолжување кон постдипломски и докторски студии. Уште следната година аплицирав за таа стипендија и ја добив.
Церемонија по повод докторирање на Кобе универзитетот
Речиси десет години живеевте во Јапонија. Што поточно студиравте на Кобе универзитетот, како го изучувавте јазикот?
- Во првите две години бев прифатен како студент-истражувач. Тоа време главно го искористив за интензивно учење на јапонскиот јазик, јапонската култура и подготовките за приемниот испит за магистерските студии. Немав избор – во рок од две години морав да го научам овој јазик, толку различен од македонскиот, без никакво претходно предзнаење и да се доведам во состојба да го познавам доволно добро за да можам да го полагам приемниот испит и подоцна да следам настава на јапонски.
Мислејќи на сите долги часови нурнат во јапонската граматика и вежбањето канџи (кинески знаци), пишувањето хирагана и катакана (фонетската азбука на јапонскиот) – од денешна инстанца сето тоа ми изгледа како сон. Но, воопшто не се каам – ако не се доведев во таква ситуација и таков силен притисок, доколку изберев програма на англиски јазик, сигурно ќе ја пропуштев шансата да научам јапонски на едно напредно ниво. Во суштина предизвикот во учењето на јапонскиот јазик лежи во неговата обратна поставеност на чинителите на реченицата (македонскиот поседува синтаксички ред субјект-глагол-објект, додека јапонскиот субјект-објект-глагол. На пример „Јас читам книга“ споредено со „Јас книга читам“). Следната пречка се канџи знаците кои ги има неколку илјади на број и секој знак посебно поседува три димензии – комплицирано пишување, двојно изговарање и повеќезначност. Понатаму, јапонскиот јазик го компликуваат и вметнатите социјални стилови каде што постои дефинирана хиерархија на однесување и зборување во зависност од тоа кому се обраќате (дали соговорникот е повисоко од вас во социјалната хиерархија или не). И на крајот, пишаниот јапонски јазик во голема мера се разликува од говорниот, односно многу зборови се пишуваат, а не се употребуваат разговорно.
Да се вратиме во јавето. По успешно положениот приемен испит бев примен како магистерски кандидат, а подоцна и како докторанд на одделот за човечка комуникација и информатички науки на програма според која се изучуваше човечката комуникација од аспект на психологијата, невропсихологијата, психолингвистиката и когнитивна невронаука. Овие науки отсекогаш ме фасцинирале бидејќи откриваат еден феноменален факт – дека човечкиот мозок е единствениот биолошки орган способен самиот да се проучува себеси. Од сите теми за истражување што ги разгледував во тој период, најмногу ми се допаднаа истражувањата од полето на нумеричката когниција (наука која ги проучува броевите и математиката како когнитивни феномени). Кратко срочено, за време на магистерските и докторските студии ги истражував менталните претстави за бројките и бројноста, нивната просторна организираност (малите бројки си ги замислуваме кон лево, големите кон десно – „SNARC“ ефектот) и тоа во различни психолингвистички контексти. Генерално, ме интересираше како количествата се когнитивно претставени и организирани во мозокот. За време на докторските студии успеав да добијам и истражувачки грант од престижното Јапонското друштво за промоција на науката (JSPS), кое е најголемата независна институција формирана со закон со цел да придонесе за напредокот на науката во Јапонија и продолжив со истражувањата на Кобе универзитетот како JSPS постдокторанд. Во тој период го истражував едно од централните прашања во полето на нумеричката когниција, а тоа е дали нашиот визуелен систем перципира бројности врз база на сегментирање на објектите присутни во визуелното поле (дали секој го перципира одделно) или, пак, нумеричката процена се врши врз некаков сумиран и несегментиран збир од сите објекти заедно.
Што беше специфично за наставните програми, професорите, студентскиот живот?
- Во однос на јапонските професори, како и секаде, зависи од човек до човек. Некои се поекстровертни, некои поинтровертни, со некои подобро ти оди комуникацијата, со некои не. Впечатливо е тоа што професорите во Јапонија уживаат голема почит и авторитет од страна на студентите. И во академската средина проникнува онаа традиционална културолошка одлика да се почитуваат постарите и помудрите бидејќи оној што ти дава знаење, всушност, ти помага да успееш во животот. Студентите обично се дисциплинирани на часовите, но знаат и да откачат за време на активностите организирани низ многуте студентски клубови што постојат по универзитетите. Тоа е една одлика на јапонските универзитети - богат социјален живот во академската средина за студентите. Веројатно колективистичкиот културолошки идентитет на Јапонците најјасно се рефлектира во разните самоиницијативни организирања на студентите и дружбите на разните настани. И тоа не е само за „забава“ или „дружење“, студентските клубови и групирања создаваат општествена одговорност и овозможуваат учење на вештини за соработка и комуникација со другите.
Замокот Химеџи
До пред извесно време сте работеле и во јапонската амбасада во Скопје. Покрај ангажманите во „Наука за сите“, какви се плановите за иднина?
- Ѝ се враќам на академската работа. Во јапонската амбасада во Скопје стекнав важно вонакадемско работно искуство. Но наскоро продолжувам како професор на еден од универзитетите во земјава, каде што ќе предавам предмети од психологијата и когнитивните науки. И не само тоа – во иднина се надевам дека ќе имам можност да продолжам со моите истражувања на домашен терен, што посебно ме радува. Македонија на некој начин е terra incognita („непозната земја“), особено во однос на психосоцијалните и когнитивните карактеристики на македонската популација, кои сметам дека не се доволно истражени. За научникот, непознатото е секогаш привлечен предизвик.