Кога бев студент со проф. д-р Нико Беќаровски: „Докторот не треба да дозволи ни една дамка на белиот мантил зашто таа дамка е нечија болка и несреќа“

Кога бев студент со проф. д-р Нико Беќаровски: „Докторот не треба да дозволи ни една дамка на белиот мантил зашто таа дамка е нечија болка и несреќа“

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Од ритуалите при спремање на испитите и нивното полагање би споменал два. Прво, кога учев, најчесто на ушите имав слушалки и пуштав релаксирачка инструментална музика, а второ, ден пред испит, точно напладне, ќе ги затворев книгите и наглас ќе кажев: „Е па, професоре, утре Нико ќе дојде да ви докаже колку научил“, раскажува Беќаровски

Нико Беќаровски е специјалист интернист, доктор на медицински науки, кој долги години е дел од Универзитетската клиника за токсикологија. Основното образование го завршил во ОУ „Кочо Рацин - Скопје“, непосредно до Клиничкиот кампус, а средното во гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“. Во текот на целокупното основно и средно образование свидетелствата му биле пополнети само со една оценка.
- Со оглед на тоа дека најчесто и во дневникот за евиденција на ученици бев бр.5, наставниците знаеја да кажат на родителска: „Кај бр. 5 се е пет“ - ни сподели доктор Беќаровски, со кого разговаравме за неговите студентски денови, неговите спомени од тоа време, како и амбициите што ги имал како студент.

Одлуката за студирање на Медицинскиот факултет ја донел на 5 години


По завршувањето на гимназијата се запишал на Медицинскиот факултет во Скопје, во далечната 1981 година.

- Ние бевме првата генерација средношколци кои по завршувањето на средното образование мораа да заминат во ЈНА, така што студиите ги започнав една година подоцна, во учебната 1982/83 и успешно ги завршив во 1988 година со просек 9,57. Одлуката за студирање на Медицинскиот факултет ја донесов уште на 5 години, додека одев во градинка. Со оглед на тоа дека уште во тоа време носев очила, другарчињата често знаеја да се шегуваат на моја сметка, па затоа одлучив кога ќе пораснам, да станам очен лекар и да ги излекувам сите деца што носат очила. Секако дека со текот на времето оваа идеја се изгуби, особено во средношколските години кога имав желба да студирам новинарство, но на крајот сепак преовлада првата љубов кон медицината - вели доктор Беќаровски.



Додава дека студентските денови се незаборавен дел од сечиј живот, исполнети со дружење, учење, заеднички забави, заеднички патувања, одмори, зрели љубови, па така и неговите.

- Незаборавни се и стручните едномесечни престои во Сицилија и Полска, каде што ја изведував задолжителната летна интернистичка и хируршка пракса. Секако, неизоставен дел во овој мозаик е и мојата активност во студентските организации чиј претседател бев во еден мандат, во кој успеавме да ги укинеме писмените тестирања по предметите Патофизиологија и Анатомија - ни раскажа Беќаровски.

Медицинска ноќ во култната дискотека „Огниште“

Како што вели, студентскиот живот претставува една раскрсница меѓу нескротливата младост и сталоженоста неопходна за животот во светот на возрасните.
- Спомените од студентските денови сѐ уште ми се со многу живописни бои, како времето да не им може ништо. Од многубројните интересни моменти во оваа пригода ќе споделам еден интересен настан. Со уште двајца мои драги колеги и другари, д-р Џон Наумовски (кој сега е во Питсбург, САД) и д-р Деан Милошевиќ (кој живее во Котор, Црна Гора) секој месец организиравме медицинска ноќ во култната дискотека „Огниште“. Овие забави секогаш беа одлично посетени и се бараше карта повеќе бидејќи идните докторки им беа омилени на сите студенти од електро-машинските и градежните факултети. Во текот на подготовката на февруарската забава сфативме дека поради одложената сесија, голем број од студентките од Медицинскиот факултет нема да можат да присуствуваат, а 2/3 од картите веќе беа разграбани од студентите од Електро, Машински, Градежен и Технолошки факултет. За да не биде забавата комплетно промашена, решивме третина од картите да им ги разделиме на колешките од Правен, Економски и Филолошки факултет. По прекрасната ноќ, сите следни забави беа со присуство на студенти од цел УКИМ - се присетува докторот Нико.

Најтежок предмет - Фармакологија

Нико немал некој посебен проблем во текот на студирањето. Смета дека стекнатите навики од најстрогата гимназија во која учел придонеле полесно да се приспособи.

- Од ритуалите при спремање на испитите и нивното полагање би споменал два. Прво, кога учев, најчесто на ушите имав слушалки и пуштав релаксирачка инструментална музика, а второ, ден пред испит, точно напладне, ќе ги затворев книгите и наглас ќе кажев: „Е па, професоре, утре Нико ќе дојде да ви докаже колку научил.“ Вечерта пред испит задолжително ќе прошетав до 23-24 часот, ќе отспиев и утрото одев на испит и ниту еднаш не сум ја почувствувал горчината на неуспехот - ни сподели докторот.

Како најтежок предмет го посочи Фармакологија бидејќи морало напамет, без некоја посебна логика, да се научат имињата на илјадници лекови.

- Не би можел да издвојам дел од медицината на кој сум се фокусирал. Секако дека предметите Патологија и Патофизиологија од претклиничките предмети и Интерна медицина и Хирургија од клиничкиот дел како базични фундаменти бараа подлабок фокус, но во еден период од моето студирање, можеби поттикнат од незаборавните предавања на професор Миодраг Мицев, цврсто бев решен да станам психијатар - истакнува докторот.



Да не дозволите ниту една дамка врз белиот мантил


Покрај едукативната, факултетот имал и значајна социјална и општествена улога во неговиот живот.

- За време на студентските денови создадов круг на пријатели со кои сѐ уште сум поврзан, всушност, од тој општествен круг произлезе и љубовта со мојата денешна сопруга, со која заедно чекориме низ премрежињата што ги носи работата во Клиничкиот кампус и Медицинскиот факултет. Првиот совет до сите студенти на УКИМ е: - Бидете упорни во остварувањето на вашата крајна цел, не кревајте бело знаме дури и пред најнепремостливата препрека и бидете горди што студирате на најпрестижниот македонски универзитет. За колегите од мојот Медицински факултет, покрај огромната амбиција што секој од вас ја има, за да бидете вистински доктор, мора да имате и широко срце, кое е спремно да зрачи со неизмерна љубов кон секој болен. Првиот пат кога ќе го облечете белиот мантил, мора да сте спремни да не дозволите ниту една дамка врз неговата белина, бидејќи секоја негова дамка носи нечија болка и несреќа - подвлекува нашиот соговорник Нико Беќаровски.

Фото: приватна архива