Студенти што студирале во странство се враќаат во Битола и ги дозавршуваат студиите на ФИКТ
Факултетот постои десет години, но станува многу атрактивен и успева да ги задржи студентите од Пелагонискиот Регион да студираат информатика во Битола, па дури ги врати назад оние што заминале во странство
Факултетот за информатички и комуникациски технологии (ФИКТ) постои десет години, а веќе стана една од најатрактивните високообразовни институции на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола. Тој успева да ги задржи да студираат дома заинтересираните за информатички технологии од Пелагонискиот Регион наместо да заминуваат во други градови и земји. Во последните години се случува дури и битолчани што почнале да студираат во странство, информирани за квалитетот на оваа вискообразовна институција и за меѓународно признатите дипломи, се враќаат дома да ги дозавршат студиите на ФИКТ. Има случаи наши студенти од Словенија да ги продолжат студиите на Факултетот за информатички и комуникациски технологии во Битола, а досега преку меѓународни програми одредени семестри или цела академска година на ФИКТ да ја минуваат и студенти од Германија, Турција, Полска и Бугарија.
- Имаме случаи студенти што студирале во Словенија да ги продолжат студиите на ФИКТ. Немаат никакви проблеми со признавање на веќе положените испити. Нашите студиски програми се компатибилни со другите студиски програми од европските земји. Не е никаков проблем да ги продолжат студиите тука. Исто така, нашите дипломи се меѓународно признати и во Германската база за признавање дипломи, како и во Велика Британија, САД, Канада... Нострификацијата е многу олеснета и е само административна, не треба да се полагаат дополнителни испити. Воедно, наши студенти се запишуваат на европски факултети да ги продолжат нивните студии на мастер и докторски програми - вели деканот, проф. д-р Благој Радевски.
Се запишуваат од 150 до 200 студенти годишно
Факултетот е млад, но во него се сублимирани студиските програми по информатика што претходно постоеја на Битолскиот универзитет. Всушност, ФИКТ беше отворен во 2014 година, но тој е правен наследник на ФАМИС, поранешниот Факултет за администрација и менаџмент на комуникациски системи во Битола, заедно со спојување на отсекот за информатика и компјутерска техника од Техничкиот факултет во Битола. Имајќи предвид дека овие студии на Техничкиот факултет започнаа во академската 2002/2003 година, веќе 23. година на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ се студира информатика и компјутерска техника.
- Кога почнавме со работа во 2014 година, запишувавме студенти и на дисперзираните студии во Велес и Прилеп, па затоа имавме од 180 до 200 новозапишани студенти. Тоа беше период кога и на УКЛО се запишуваа годишно над 2.000 студенти. Потоа се намали бројот на студенти на Битолскиот универзитет, но сепак во последните години, предминатата и минатата, на ФИКТ се запишаа прилично студенти. Во 2023/2024 година во прв циклус над 165 студенти, а сегашната академска година околу 150 студенти, а веќе 6-7 години немаме дисперзирани студии - вели деканот.
Се отвораат модерни и опремени лаборатории
Одлуката студентите од Пелагонискиот Регион да останат дома и да студираат информатика на ФИКТ се должи на квалитетниот професорски кадар, атрактивните студиски програми и модерните лаборатории. Деканот и понатаму ги предава своите премети од областа бази на податоци, криптографија и информациска безбедност, наука за податоци, аналитика на големи количества податоци и моделирање на бизнис-просеци.
- Предавањето ме релаксира, одвај чекам да започне семестарот. Предавам на сите три циклуси, ментор сум на магистранди, докторанди - додава Ристевски.
Минатата година факултетот отвори четири лаборатории: за бази на податоци, програмски јазици и учење, организација на компјутерски системи и мрежи, лабораторија за виртуелно инженерство и апликации, лабораторија за развој на идни вештини, стартап-бизниси во кои е сместена и инсталирана современа опрема.
Придонесе да се зголеми бројот на ИТ-компаниите во Битола
- Но, еден од важните фактори поради кои Факултетот е атрактивен е и соработката со ИТ-компаниите, што во изминатите десетина години беше еден од приоритетите на ФИКТ. Со двојно менторство, студентите уште во текот на студиите, со ментор од Факултетот и од ИТ-компаниите, работат на проекти и ги презентираат во јуни. Тоа овозможи голем број ИТ-компании да се отворат во Битола. И не само што се овозможи студентите да останат да студираат во Битола, туку и студенти што студирале надвор од Битола се враќаат да ги завршат нивните студии тука, а некои пак што ги завршиле студиите надвор од Битола, се враќаат да работат во ИТ-компаниите од Битола - додава Ристевски.
Во прв циклус имаат две студиски програми - информатички науки и комуникациско инженерство од четири години и информатика и компјутерска техника, која е единствена тригодишна студиска програма на академски универзитетски студии меѓународно признати на ниво на УКЛО. За прв циклус, Факултетот изработи елаборат за студиска програма на англиски јазик за компјутерски науки и инженерство, со што се очекува да се зголеми бројот на студенти од странство.
Во втор циклус нудат седум студиски програми, а веќе се во фаза на акредитација на четири нови студиски програми, и тоа: за наука за податоци и вештачка интелигенција, сајбер-безбедност и компјутерски системи, информациски и компјутерски науки и за софтверско инженерство. За докторски студии имаат две студиски програми. ФИКТ е член на конзорциумот на проектот за Центар за побезбеден интернет во Македонија MKSafeNet во рамките на програмата DIGITAL EUROPE, како и во проектот INNOFEIT EDIH – воспоставување Европски дигитален иновациски хаб во Македонија, чија реализација започна неодамна.
Имаат реновиран објект, но треба да се доуредат првиот кат и дворот
Од 2019 година Факултетот има свои реновирани простории во објект од поранешната касарна, па располага со доволно простории, но како што се зголемува бројот на студенти, студиски програми и лаборатории, останува потребата од реновирање на долниот кат од објектот. Исто така, неопходно е хортикултурно уредување на опкружувањето на Факултетот, кое е дел од зеленилото на поранешната битолска касарна. Од ФИКТ се надеваат дека централната и локалната власт ќе помогнат во надминувањето на овие предизвици. Лани, на десетгодишниот јубилеј од постоењето на Факултетот, Општина Битола им ја додели и наградата „4 Ноември“ за остварувања од областа на образованието.
Фото: приватна архива