Мапа од Земјата покажува како се движеле континентите во период од 100 милиони години
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Првото тајмлепс-видео од планетата Земја покажува како се движат континентите во текот на изминатите 100 милиони години.
Тајмлепс-видеото открива како се движеле континентите, според научниците.
Научниците со години ја проучуваат топографијата на Земјата. Сите сегашни знаења за тектонските плочи, ерозијата и врнежите беа применети на најсовремен модел објавен од Универзитетот во Сиднеј. Гледачите можат да видат како минуваат милиони години во секунди, додека Земјата се трансформира во она што денес го знаеме како седум континенти. Исто така, може да се видат огромни делови од Земјината кора како „нуркаат“ едни под други за да создадат вулкани и земјотреси. Во моделот се истакнати и врнежите кои се неопходни за трансформирање на светот низ годините. Дождот и снегот ги менуваат нивоата на јаглероден диоксид во воздухот, што создава повратна врска помеѓу Земјата и атмосферата.
Фото: Tristan Salles, University of Sydney
- Сè уште сме ограничени во нашето разбирање и претставување на тоа како еволуирала површината на Земјата - вели Тристан Салес, виш предавач по геонауки на Универзитетот во Сиднеј, кој пишувал за моделот.
Моделот започнува пред околу 100 милиони години. Пангеа, за кој се верува дека бил комбинација од денешните континенти Северна Америка, Африка, Јужна Америка и Европа, почнал да се оддалечува пред 200 милиони години.
Гледачите можат да видат дека има мало растојание помеѓу парчињата земја кога започнал моделот. Сините области го претставуваат протокот на вода, додека црвените области го истакнуваат седиментот наталожен од ерозијата.
- Со овој модел со висока резолуција геонаучниците ќе имаат поцелосно и подинамично разбирање на површината на Земјата - вели геологот Лоран Хусон од Институтот за науки за Земјата.
Со прикажување аспекти, како што се тектонското движење, протокот на океанот и ерозијата, научниците можат да добијат похолистички поглед за тоа како Земјата станала она што е денес.
Извор:
Thesun.com
Фото: Tristan Salles, University of Sydney