Дали ја потценуваме вкупната популација на Земјата?

Дали ја потценуваме вкупната популација на Земјата?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Ново истражување открива дека можеби ги потценуваме бројките на луѓе што живеат во руралните подрачја, што потенцијално може да значи дека светската популација е значително поголема од официјалната бројка од 8,2 милијарди.

Но, не сите се согласуваат со овие тврдења.

- Нашите процени за руралните популации можеби систематски го потценуваат вистинскиот број на луѓе што живеат во овие региони за најмалку половина - тврдат истражувачи. Ова може да има огромни последици врз глобалната демографија и планирањето на јавните услуги. Сепак, демографите ги оспоруваат овие наоди, истакнувајќи дека ваквите пропусти најверојатно не би довеле до значителни промени во националните или глобалните пописни податоци.

Истражувачкиот тим, предводен од Јосијас Ланг-Ритер од Универзитетот „Алто“ во Финска, се обидувал да утврди колкав е бројот на луѓе што биле преселени поради изградба на брани. Но, додека ги пресметувале популациските бројки, забележале значителни разлики во споредба со официјалните статистики.

За да го испита ова, тимот анализирал податоци за 307 проекти за брани изградени во 35 земји, меѓу кои Кина, Бразил, Австралија и Полска, во периодот меѓу 1980 и 2010 година. Истражувачите ги споредиле официјалните бројки за раселените лица со пет главни глобални бази на податоци за популација кои проценуваат колку луѓе живеат во секоја од нив.

Според нивните резултати, најточните процени сепак ја потценувале вистинската бројка на жители во руралните области за 53 отсто во просек, а најлошите отстапувале и до 84 отсто.

- Бевме изненадени од тоа колку е голема оваа разлика - вели Ланг-Ритер.

Иако официјалната процена на Обединетите нации укажува на тоа дека глобалната популација изнесува околу 8,2 милијарди луѓе, истражувачите сугерираат дека реалната бројка е значително повисока, иако не даваат конкретна бројка.

- Можеме да кажеме дека моменталните процени се конзервативни и дека постои основа да веруваме дека луѓето на Земјата се многу повеќе од 8 милијарди - вели Ланг-Ритер.

Последици за јавните политики

Според истражувачите, главната причина за ова потценување е тоа што податоците од пописот спроведен во руралните области често се нецелосни. Историски гледано, методите за процена на популацијата се приспособени за урбаните средини, што резултира со системски пристрасности. Ова може да има големо влијание врз јавните услуги, како што се планирањето на транспортната инфраструктура, изградбата на болници и управувањето со ризиците од природни катастрофи и епидемии.

Сепак, не сите се убедени во овие наоди.

- Истражувањето сугерира дека регионалните пописни податоци се погрешни, но тоа не значи дека националните или глобалните процени се неточни - вели Мартин Колк од Универзитетот во Стокхолм.

Ендру Тејтем од Универзитетот во Саутемптон, кој раководи со базата на податоци „Ворлдпоп“, објаснува дека нивните процени се базираат на комбинација од податоци од пописи и сателитски снимки. Тој истакнува дека квалитетот на сателитските слики пред 2010 година бил послаб, што може да доведе до неточности.

Понатаму, Стјуарт Гител-Бастен од Универзитетот за наука и технологија во Хонгконг посочува дека најголем дел од податоците во истражувањето доаѓаат од Кина и други азиски земји, што можеби не може да се генерализира за целиот свет.

- Тоа што има потценување во одредени делови од Азија не значи дека истиот проблем постои во Финска, Австралија или Шведска, каде што системите за регистрација се многу прецизни - вели тој.

Потреба од подобри податоци

И покрај скептицизмот, Гител-Бастен се согласува дека треба да се инвестира во подобро собирање на податоци во руралните области, како и во развој на иновативни методи за попис на населението.

Но, идејата дека официјалната глобална популација е за неколку милијарди поголема не е реалистична, смета тој.

- Ако навистина толку многу сме ги потцениле бројките, тогаш тоа би била огромна вест и би одела против десетици години истражувања и илјадници други бази на податоци - додава Тејтем.

Извор: New Scientist
Фото: Freepik