Кои се купувачите на „ферари“ денес? 40 отсто од нив се помлади од 40 години

Кои се купувачите на „ферари“ денес? 40 отсто од нив се помлади од 40 години

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во текот на изминатите две години уделот на помладите купувачи на нови автомобили „ферари“ постојано расте, покажуваат податоците на производителот на луксузни спортски автомобили од Маранело. 

Извршниот директор на компанијата, Бенедето Виња, неодамна откри дека моменталниот удел на милениумците и членовите на генерацијата З, односно оние под 40 години, меѓу купувачите на нивните нови автомобили достигнал 40 отсто. Ова е голем пораст ако се знае дека во 2023 година изнесувал 30 отсто. Оваа информација Виња ја прогласил за голем успех за неговиот тим, кој успеал да привлече помлади клиенти и со тоа да остане актуелен кај поновите генерации.

Се чека две години


Во моментов не е полесно да се купи ново „ферари“ отколку што тоа беше случај порано. Просечното време на чекање за испорака е околу две години. За лојалната база на клиенти на италијанската марка, сведочи фактот што минатата година околу 81 отсто од новите автомобили биле продадени на постојните сопственици на автомобили со логото на „Пренсинг хорс“, а дури 48 отсто од оние што купуваат ново „ферари“ веќе имаат повеќе од еден автомобил во својата гаража.

Италијанската компанија минатата година испорачала вкупно 13.663 автомобили и остварила профит од 1,35 милијарди евра. Проценетата вредност на компанијата е околу 80 милијарди долари, што ја става на 35. место меѓу највредните компании во Европа. Покрај високите влезни цени, „Ферари“ заработува значителни суми и од опциите за персонализација на возилата, кои минатата година изнесувале околу една петтина од нивниот вкупен приход.

Сите горенаведени податоци се надоврзуваат на еднакво интересна статистика објавена минатата година, која покажала дека околу 90 отсто од сите возила „ферари“ некогаш произведени сѐ уште се во возна состојба.

Извор: autonet.bug.hr

Фото: Instagram