Шведска компанија создаде роботско куче што учи и се приспособува како човек
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Шведскиот стартап за вештачка интелигенција „Интуи-сел“ го разви роботското куче Луна, кое има функционален дигитален нервен систем што му овозможува да учи и да се приспособува како луѓето и животните.
Ова е еден од првите примери на физички агентски системи со вештачка интелигенција кои не само што извршуваат одредени задачи или генерираат содржина, туку и носат одлуки и преземаат дејства за да постигнат конкретни цели. Со оваа технологија Луна би можела да учи слично на вистинско куче.
Наместо да интегрира модел на генеративна вештачка интелигенција и огромни бази на податоци, „Интуи-сел“ ќе ангажира експерт за дресура на кучиња за да ја научи Луна како да оди, симулирајќи го начинот на кој невроните меѓусебно комуницираат и обработуваат информации.
- Создадовме прв софтвер што му овозможува на кој било автоматизиран систем да учи како што тоа го прават луѓето и животните. Нема предвремена обука, нема офлајн симулации, ниту скапи центри за обработка на податоци, туку само дигитален нервен систем што му овозможува на роботот да учи сам - изјави Виктор Лутман, извршен директор на компанијата.
Роботи што ќе оперираат во непредвидливи средини
Според Лутман, оваа технологија би можела да доведе до значајни напредоци во развојот на хуманоидни роботи, особено во средини тешки за навигација.
- Следниот чекор е истражување на хуманоидната роботика и автономните роботи во непредвидливи средини, како што се вселенските истражувања, длабочините на океаните или одговори при катастрофи - вели Лутман.
Интелигентните машини би можеле да се испратат на Марс за да изградат идни живеалишта за луѓето, што е средина каде што роботите не можат однапред да бидат обучени и ќе треба самостојно да решаваат проблеми во реално време.
Иако Луна во моментов може да застане на нозе, нејзината вистинска способност лежи во тоа што прима, обработува и усовршува информации преку директна интеракција со светот.
Компанијата „Интуи-сел“ е основана во 2020 година од Универзитетот во Лунд, Шведска, а нејзиното финансирање доаѓа од „Навигаре Вентурес“ од Шведска, „СНО Вентурес“ од Норвешка и Европската Унија.
Извор:
Reuters
Фото: Screenshot/Reuters