Премиерката на Нов Зеланд е можеби најефикасниот лидер во светот

Премиерката на Нов Зеланд е можеби најефикасниот лидер во светот

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Пандемијата на коронавирусот можеби е најголемиот тест за политичкото лидерство што светот некогаш го видел. Секој лидер на планетата се соочува со истата потенцијална закана. Секој лидер реагира различно, во свој стил. И на секој лидер народот ќе му суди според резултатите.

Германската канцеларка Ангела Меркел ја користи науката. Претседателот Жаир Болсонаро смета дека дневните брифинзи на претседателот на САД, Доналд Трамп, се циркуски спектакл, додека индискиот премиер Наерендра Моди воопшто не одржува брифинзи, дури и откако заклучи 1,3 милијарда луѓе во своите домови.

39-годишната премиерка на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн, има свој начин на работа. Во нејзиниот стил на лидерство се забележува емпатија што ги тера луѓето да се грижат еден за друг. Нејзините пораки се јасни, конзистентни и некако отрезнувачки и смирувачки. И не само што нејзиниот пристап ги допира луѓето на емотивно ниво, туку и одлично функционира.

Луѓето сметаат дека Ардерн не им проповеда на луѓето, туку стои до нив и со нив - вели Хелен Кларк, поранешна премиерка на Нов Зеланд од 1999 до 2008 година.

- Тие можеби и размислуваат: „Не сфаќам зошто владата го направи тоа, но знам дека нè штити“. Постои високо ниво на доверба во Џасинда поради таа емпатија - додава Хелен.

- Таа е личност што одлично комуницира. Токму ваков вид криза ќе ги направи премиерите и претседателите лидери, или ќе ги уништи. И токму оваа криза ќе ја направи одличен лидер Џасинда - додава Хелен.

Една од иновациите на Ардерн се честите разговори на „Фејсбук“ во живо, кои истовремено се и неформални и информативни. За време на сесијата кон крајот на март, како што Нов Зеланд се подготвуваше за карантин, Џасинда се појави во обична маица во нејзиниот дом за да понуди водство додека сите се подготвуваат за заклучувањето на земјата.

Таа рече дека сочувствува со тоа колку е вознемирувачки да се чуе „гласната сирена“ што ѝ претходеше на пораката за предупредување за итни случаи што сите Новозеланѓани ја добиле. Таа воведе корисни концепти: - Размислувајте за луѓето што ќе бидат во вашиот живот постојано во овој период како „меурче“ и дејствувајте како веќе да имате Ковид-19 кон оние што се надвор од вашето „меурче“ - рече таа.

1
Фото: Screenshot/YouTube

Џасинда ги оправда строгите политики со практични примери: луѓето мора да останат во градот, локално, затоа што ако им се расипе автомобилот, нема да има никој што би можел да им помогне. Како родител, ги сфаќа другите родители дека е тешко да се избегнат игралиштата, но вирусот може да живее на површини 72 часа.

Таа одржува формални и конвенционални дневни брифинзи со други функционери и новинари, а и тогаш остава свој личен печат.

- Кога Трамп ги одржува своите брифинзи, тоа е различно шоу. Во ниту еден момент Џасинда не нападнала новинар кој поставил прашање - вели Хелен.

- Таа не дезинформира; таа не ја префрлува вината; таа се обидува да управува со сечии очекувања истовремено - вели Ван Џексон, научник за меѓународни односи на Универзитетот Викторија во Велингтон и поранешен службеник во администрацијата на Обама.

Стилот на Ардерн би бил интересен (светски лидер во удобна облека разговарајќи со милион луѓе) и ништо друго, ако не беше фактот дека нејзиниот пристап е поврзан со политики што произведоа реални, водечки светски резултати.

Уште од март Нов Зеланд беше уникатен во постигнувањето национална цел не само за израмнување на експоненцијалната крива на случаи на коронавирус, туку и целосно елиминирање на вирусот. И е на добар пат да го направи тоа. Тестирањето за Ковид-19 е широко распространето. Здравствениот систем не е преоптоварен. 12 луѓе починале, а бројот на населението е речиси 5 милиони.


Владата на Ардерн веднаш презеде решителна акција. Нов Зеланд воведе национална блокада многу порано од избувнувањето на пандемијата отколку некои други земји и им забрани влез на патниците од Кина уште на почетокот од февруари, пред да го регистрира првиот случај на Ковид-19. Ги затвори своите граници за сите што не се државјани кон средината на март, кога имаше само неколку случаи.

Мајкл Бејкер и Ник Вилсон, најголемите експерти за јавно здравје во Нов Зеланд, велат дека раната интервенција им даде време на службениците да развијат мерки со кои може да му се стави крај на пренесувањето на коронавирусот, како што е ригорозен карантин на границите на земјата и проширување на тестирањето на Ковид-19 и следење на контактите.

Џексон, научник за меѓународни односи, изјави дека одлуката на владата на Ардерн да го стави својот систем за предупредување на 4. ниво на почетокот од кризата беше одличен потег за психолошка подготовка за сериозноста на ситуацијата. Овој модел се разликува од пристапот на Трамп, кој работи од ден за ден.

Се разбира, успехот не се должи само на Ардерн, туку е производ на импресивен колективен напор на јавните здравствени институции, опозицијата и Новозеланѓаните како целина кои во голема мера се придржуваа кон социјалните ограничувања.

Но, некои опозициски политичари и експерти за јавно здравје сега бараат мерките да се укинат. Тие ја обвинуваат владата за прекумерно реагирање и тврдат дека Австралија успеала да ја намали бројката на заразени без мерките што ги постави Нов Зеланд.

Но, Џексон предупредува дека додека Ардерн и многу млади европски лидери стручно се справуваат со кризата, тој и понатаму е загрижен за тоа како оваа нова генерација на лидери ќе се справи со она што следува по кризата.

- Стратешкото одлучување и одлучувањето за време на кризата се различни. Светот се менува, главно на полошо. Се чини дека е неизбежна голема депресија. Стратегискиот опортунизам на Кина не знае за граници. Диктаторите насекаде ја користат пандемијата за да ја зацврстат контролата врз општествата. Минувањето на кризата без ништо да се промени е само уште еден чекор во долгиот процес кон храбар нов свет - вели Џексон.

Автор: Ури Фридман
Извор: The Atlantic