УКИМ вежба: Студенти од 10 факултети имаат физичко на „Зум“
Подготвил:
Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Професорите преку видеозаписи подготвени во домашни услови изработија повеќе комплекси на вежби за истегнување, флексибилност, како и вежби за подобрување на градната, грбната, стомачната и мускулатурата на нозете. Сето ова е во функција на подобрување и развивање на моторичките способности и вештини, кои се во директна корелација со здравјето на младите, вели доц. д-р Бранко Крстевски
Додека сме дома и додека трае вонредната состојба, изнаоѓањето начини за физичка активност за сите нас е од големо значење. Добар дел од студентите следат онлајн-настава, минуваат доста време пред компјутерите или на телефоните и вежбањето е повеќе од потребно. Но, УКИМ најде начин како да вежбаат студентите со помош на професионалци.
Предметот спорт и здравје во тековниот семестар го следат десет факултети со повеќе од 1.300 студенти кои се поделени по групи. Откако се применува онлајн-наставата, Факултетот за спорт и здравје преку платформата „Зум“ воведе часови по физичко за сите овие факултети.
Доц. д-р Бранко Крстевски
Доцент д-р Бранко Крстевски, кој е раководител на Катедрата за физичко образование, спорт и спортски менаџмент на нематични факултети, вели дека по овој предмет може да се констатира дека посетеноста и посветеноста на вежбање во домашни услови е огромна.
- Платформата „Зум“ е лесно достапна за сите, а благодарение на ФФОСЗ, сите професори добивме соодветна обука што успешно ја применуваме со студентите. Професорите преку видеозаписи подготвени во домашни услови изработија повеќе комплекси на вежби за истегнување, флексибилност, како и вежби за подобрување на силовите способности на рачно-раменската, градната, грбната, стомачната и ножната мускулатура. Сето ова е во функција на подобрување и развивање на моторичките способности и вештини, кои се во директна корелација со здравјето на младите - вели Крстевски.
Тој додава дека во овие вонредни околности во кои живееме секојдневната физичка активност на студентите е од суштествено значење за нивниот психо-физички развој.
- Големо е задоволството кај нас, професорите, што деканските управи на факултетите и студентите со воодушевување го прифатија ваквиот начин на настава - вежбање во домашни услови - додава Крстевски.
Студентот Стефан Стојковски од Стоматолошкиот факултет ни споделува како кај нив се реализира наставата по овој предмет, кој го имаат еднаш неделно.
- Вежбите се различни секоја недела и добиваме широк асортиман на вежби наменети за практикување во домашни услови и за зајакнување на одредени делови на телото. Во вежбите се вклучени речиси сите студенти и сметаме дека со помош на вежбите што ни ги презентира професорот може да се развие навика за вежбање секојдневно и тоа придонесува за подобрувањето на здравјето - вели студентот.
И студентите од Факултетот за музичка уметност од Скопје истакнуваат дека ваков вид настава ги мотивира да бидат физички активни.
- Професорот Крстевски преку успешни методи ни го споделува своето знаење за значењето на физичката виталност на еден млад човек. Активно се вклучени сите студенти во наставата и има голем интерес. Сите сме свесни дека физичкото здравје директно влијае и врз психичката состојба. Практикуваме вежби од најразличен тип и предавањето се одвива во најдобар ред - вели Јулијана Деспотоска, студентка во прва година на ФМУ.
Според професорот Крстевски, светот денес се соочува со уште една пандемија - а тоа е физичката неактивност. Додава дека човекот е создаден за движење, за одење и за физичка активност. Историски гледано, физичките способности биле услов за преживување и опстанок на поединецот, семејството и општеството. Денес имаме силна тенденција во обратна насока.
- Повеќето луѓе во индустријализираните земји имаат начин на живеење со многу седење или, пак, се физички активни само повремено. Техничките новитети го подигнаа животниот стандард на повисоко ново, обезбедувајќи доста слободно време за луѓето, но од друга страна ги турнаа во пребрз ритам на живот и работа, нервно оптоварување и ги оддалечија од основните живото-важни активности, од физичкото ангажирање на организмот. Во својата секојдневна работа луѓето сè повеќе седат на стол пред телевизор, лаптоп - вели Крстевски и додава дека тоа резултира со брзо зголемување на телесната тежина во повеќето развиени земји, особено кај младата популација.
Новите можности, како што се купувањето и извршувањето на банкарските обврски преку компјутер, го зголемуваат овој тренд.
- Физичката неактивност го зголемува ризикот од повеќе болести, како што се коронарните болести, мозочните удари, високиот крвен притисок, шеќерната болест, ракот на дебелото црево, а можеби и ракот на дојката, остеопорозата, а со неа и поврзаните фрактури на екстремитетите. Физичката неактивност придонесува за намалување на физичките и функционалните способности кај младите и средовечните и го зголемува ризикот за смалување на независноста во подоцнежната животна возраст - споделува професорот.
Според него, доколку современиот човек сака да го зачува здравјето, да ја подигне работната способност и да го продолжи работниот век, ако сака да има емотивно богат и психичко урамнотежен живот, мора да посвети особено внимание на задоволување на потребата за физичка активност која претставува највредно и незаменливо превентивно средство.