Иновација или ужасна идеја - невообичаена метода за правење пиво на една австриска компанија

Иновација или ужасна идеја - невообичаена метода за правење пиво на една австриска компанија

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Љубителите на пивото можеби ќе треба да размислат два, па и трипати пред да пробаат пиво какво што планира да произведе австриската компанија „öКло“.

Оваа компанија, инаку позната по продажбата и изнајмувањето на еколошки мобилни тоалети за разни настани, сега изненади со идеја да прави пиво од собрана урина.

Компанијата веќе обезбедила партнери за реализација на овој необичен проект, а тоа се Универзитетот за земјоделски науки во Виена и една голема пиварница чиј идентитет сè уште не е објавен.

 - Во првиот чекор ја филтрираме хранливата материја струвит, а потоа и остатоците од азот од урината. На крај останува прочистена вода која ѝ се предава на пиварницата - објаснува Николаос Богианцидис, основачот на „öКlo“.

И покрај неконвенционалниот извор на водата, тој уверува дека рецептурата на пивото нема да се менува, па не треба да има разлика во вкусот.

Овој проект ќе биде дел од центарот за компетенции што „öКlo“ планира да го основа во Волкерсдорф, во близина на Виена. Во рамките на овој центар ќе се истражуваат нови начини за повторна употреба на фекалии.

Извор: Vecernji.hr
Фото: Pixabay