За зуењето во ушите (тинитус), класификацијата и третманите, објаснува д-р Ариф Мемеди
Перцепција на звук без присуство на надворешен звучен стимул во околината се нарекува зуење во ушите (тинитус). Перципираниот звук може да се опише како ѕвонење, брум, звук на ветер или како звук од работа на машина, во различни тонови и карактеристики.
Постојат многу различни причини што можат да доведат до тинитус. Меѓу нив може да има едноставни причини, како акумулација на секрет во надворешниот ушен канал, но и сериозни состојби, како што се малигни тумори, иако тоа е ретко. Затоа е важно секое зуење во ушите да се сфати сериозно и да се извршат основни прегледи и процени.
Тинитусот се класифицира во две групи:
Објективен тинитус: Иако не може јасно да се слушне однадвор, постои реален звук кој потекнува од регионот на увото или од соседните органи и ткива. Овој звук може да се детектира и при внимателен клинички преглед. Најчесто се јавува кај тумори со богато васкуларно снабдување или васкуларни аномалии, при што звукот настанува поради турбуленција при протокот на крв низ садовите. Исто така, неволни ритмички контракции на мускулите околу средното уво или Евстахиевата туба можат да бидат причина. Станува збор за релативно редок тип на тинитус.
Субјективен тинитус: Претставува најголемата група на тинитус. Тоа се звуци што пациентот ги перципира без да постои надворешен или внатрешен извор на звук. Најчести причини се:
• Стареење на слушниот орган во внатрешното уво,
• Загуба на слух поради различни причини,
• Стеснување на крвните садови кои го снабдуваат увото и циркулаторни нарушувања,
• Изложеност на гласна околина (акустична траума),
• Воспаленија на средното уво,
• Болести на надворешниот ушен канал,
• Високо ниво на холестерол и други липиди,
• Хипертензија,
• Психолошки фактори (депресија, анксиозност),
• Употреба на одредени лекови (аспирин, некои антибиотици).
Препораки за пациенти кои се јавуваат со тинитус:
• Детална анамнеза и комплетен физикален преглед,
• Аудиолошки тестови на слухот,
• Мерење на крвен притисок,
• Лабораториски анализи на крвта,
• Радиолошки испитувања.
Ако со овие испитувања се утврди постоење на болест што може да биде причина за тинитусот, се започнува со третман на основната болест. Сепак, дури и успешниот третман на болеста не секогаш доведува до целосно исчезнување на тинитусот.
Третмански опции за тинитус:
Најчесто користен метод за намалување на тинитус е фармаколошкиот третман. Ако тинитусот е толку изразен што го нарушува секојдневниот живот на пациентот, корисни можат да бидат уреди наречени „тинитус маскери“, кои наликуваат на слушни апарати. Ако тинитусот се должи на присуство на тумор, се применува хируршки пристап.
Во последните години една нова метода што се користи во третманот е терапија со нискоенергетски ласер. Иако се добиваат добри резултати со серии третмани со соодветна бранова должина и доза, овој метод не треба да се смета за сигурен лек за сите типови тинитус.
Кај пациенти кај кои не се открива органска патологија и кои не реагираат на медикаментозен или ласерски третман, се препорачува терапија на адаптација на тинитус.
Автор: спец. д-р Ариф Мемеди (оториноларинголог)