Зошто прстите ни се збрчкуваат во вода?
„Зошто моите прсти се збрчкаа?“ Тоа е прашање што ги збунува сите деца при капењето, адолесцентите на часовите по пливање, а научниците некогаш мислеле дека овие збрчкувања се случуваат кога прстите отекуваат како сунѓер откако се натопени со вода.
Тајната на кожата без влакна
- Кожата на дланките и стапалата е уникатна. Тој дел се нарекува глаброзна кожа, име кое доаѓа од латинскиот збор „глабер“ што значи „ќелав“. Оваа површина без влакна игра суштинска улога во чувството на нашата околина. Преполна е со рецептори кои пренесуваат сигнали од нашата кожа во електрични импулси, кои нашиот мозок може да ги прочита. Ваквиот вид кожа не е единствена само за луѓето, туку ја има и кај животните - вели Данило дел Кампо, дерматолог од Клиниката за кожа во Чикаго.
- Истражувачите првпат сфатиле дека структурата на голата кожа може да е поврзана со збрчканата кожа предизвикана од вода, во студија пред речиси еден век - вели Лорен Таглиа, дерматолог од „Нортвестерн Медисин“.
Во еден труд од 1936 година сер Џорџ Вајт Пикеринг и Томас Луис пријавиле студии на случаи на луѓе со оштетување на нервите предизвикани од детска парализа, кои имале неверојатна отпорност на збрчкување на кожата. Без разлика колку долго седеле во вода, прстите им останувале мазни како мермер.
Овие пациенти претрпеле оштетување на нивниот среден нерв, кој се протега по раката и обезбедува моторни и сензорни врски со раката и подлактницата. Овој нерв е важна врска во симпатичкиот нервен систем.
Неуспешна борба или бегство
Симпатичкиот нервен систем го подготвува нашето тело за физичка активност. Во срцето, ја зголемува брзината на пумпањето и силата на контракција. Во окото, истиот систем ја проширува зеницата, дозволувајќи да влезе повеќе светлина. Овие функции често се нарекуваат наши одговори „бори се или бегај“. Истражувањата во 70-тите години идентификувале дека оштетувањето на овие симпатички врски во средниот нерв предизвикале престанок на брчкањето. Потопувањето на раката во топла вода било препознаено како вреден тест за овој вид оштетување на нервите.
Дури во 2003 година една студија идентификувала како симпатичкиот нервен систем предизвикува брчки на прстите. Истражувачите погледнале како се менува протокот на крв во рацете по потопување во вода. Брчките на прстите биле придружени со ненадеен пад на протокот на крв. Ова намалување е предизвикано од симпатичкиот нервен систем кој го стеснува дијаметарот на крвните садови во раката, процес наречен вазоконстрикција.
Овие студии конечно покажале како функционираа збрчкувањето на прстите. Останува само едно прашање: зошто доаѓа до збрчкувањето воопшто?
Научниците го решиле ова прашање во студија од 2021 година. Ник Дејвис, истражувач на Универзитетот „Манчестер Метрополитен“, организирал експеримент во Британскиот научен музеј. Дејвис ја проценил способноста на посетителите на музејот да фаќаат влажни и суви предмети. Потоа, тој ги замолил да ги потопат рацете во топла вода. Откако им се збрчкале прстите, тој повторно го тестирал нивниот стисок. Секој што се борел да го задржи шишето шампон за време на туширање знае дека за подигнување влажни предмети е потребна поголема сила отколку за сувите предмети. Анализата на Дејвис покажала дека збрчканите прсти полесно ги фаќаат влажните предмети отколку влажните, но незбрчкани прсти.
- Еволутивно гледано, можеби имало предност за нашите предци што можеле да фаќаат риби од водите. Нашите предци без чевли, исто така, би имале корист од тоа да можат да минуваат по потоци или реки без да се лизгаат со нивните збрчкани стапала - вели Таглиа.
Извор: popsci.com
Фото: Freepik