Британија ќе го испитува ефектот од примена трета доза на ковид-вакцина
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Британската влада почна клинички испитувања, кои наводно се први во светот, на имунолошкиот одговор предизвикан од третата доза на вакцината против ковид-19.
Со речиси 128.000 смртни случаи, состојбата во Велика Британија значително се подобри по долг и тежок зимски карантин и масовна кампања за вакцинација.
За да го задржат напредокот, властите планираат да започнат кампања наесен, по завршувањето на клиничките испитувања, за имунолошкиот одговор предизвикан од третата доза на вакцината.
Ова истражување на јавната здравствена служба, во кое ќе учествуваат 2.886 целосно
вакцинирани волонтери, ќе ги проучува ефектите на седум различни вакцини: „Оксфорд/АстраЗенека“, „Фајзер/Бајонтек“, „Модерна“, „Новавакс“, „Валнева“, „Џансен“ и „Кјурвак“.
Владата го финансира истражувањето од 19,3 милиони фунти, чии први резултати се очекуваат во септември.
Британската влада се надева дека ќе ја задржи својата предност во однос на пандемијата, бидејќи земјата продолжува да се отвора.
Пабовите се отворија во понеделникот, се одржуваат културни настани и се отвораат стадиони иако загрижува брзото ширење на индиската варијанта на вирусот, особено во северозападниот дел на земјата и во Лондон.
Владата е обвинета дека задоцни со заострување на ограничувањата за патниците од Индија во април, кога премиерот Борис Џnонсон планираше патување во Њу Делхи. Патувањето на крајот беше откажано поради новиот бран во Индија, која беше додадена на британската црвена листа. Патниците од Индија мора да одат во карантин во хотел на сопствен трошок.
Извор:
ВВС
Фото: Freepik