Смеам ли да се вакцинирам ако имам алергија на антибиотик? Проф. д-р Никола Пановски ги разрешува дилемите

Смеам ли да се вакцинирам ако имам алергија на антибиотик? Проф. д-р Никола Пановски ги разрешува дилемите

Подготвил: Радмила Заревска / radmila.zarevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Според прашањата што често се поставуваат, пред и по вакцинација во „мода“ е добивањето тромби, како и мерењето на Д-димерите што, според Пановски, е сосема без потреба

Дали доколку некој е алергичен на одредени антибиотици, треба да се вакцинира и дали вакцината може да ја активира алергијата, која можеби се случила еднаш досега и тоа можеби пред повеќе од десет години.
Ова се прашањата на сè почестата дебата на социјалните мрежи за тоа дали вакцината има влијание врз здравјето на луѓето или не. Еден од последните примери се алергиите.
На што се должи тоа? Дали станува збор за страв од вакцина, лажни вести или оправдана претпазливост?
Едни од најчестите прашања во групите за размена на ковид-искуства на „Фејсбук“ се дали алергија на пеницилин или цефалексин може да има некоја контраиндикација од вакцинацијата.

Лековите даваат повеќе несакани ефекти отколку вакцините

Еден од оние што често ги разрешуваат дилемите на граѓаните е микробиологот, проф. д-р Никола Пановски, кој вели дека често размислувањата за одредени прашања се парадоксални.
Затоа, според него, стравот кај граѓаните е неоснован, зашто алергиите при вакцини постојат, но многу се поретки отколку кон некои лекови.

- Интересно, граѓаните без проблем и без многу прашања примаат различни лекови, било преку уста, мускулно било преку вена и не се плашат од алергии, како од вакцините, иако шансите да добијат алергија кон тие лекови се десетици пати поголеми - додава тој.


Фото: Архива

Кој треба да се провери?

Микробиологот е дециден и вели дека алергија на лекови не значи и алергија на вакцина.

- Алергија кон еден лек не значи алергија кон друг лек, ако двата се различни по состав. Алергија кон една храна не значи и алергија кон друга храна - вели тој.

Сепак, предупредува дека ако кај одредено лице кај кое постои склоност кон алергии, особено со бурна реакција на некои супстанции, треба да се пристапи со внимание при вакцинирањето и ако се случи бурна реакција, веднаш да се интервенира.

- Ако едно лице има податок дека е можеби алергично на некоја компонента од составот на вакцината, а ризикот од болест и од лош исход е голем, тогаш може да се тестира дали е алергично на таа состојка од вакцината - заклучува микробиологот.

Тромбоза и високи Д-димери се можни поради многу други состојби

Тој вели дека според прашањата што често се поставуваат на групите на социјалните мрежи за размена на ковид-искуства, пред и по вакцинација во „мода“ е добивањето тромби, како и мерење на Д-димерите што, според него, е сосема непотребно.

- Имено, десетици лекови почесто даваат тромби отколку вакцините. Ковид-19, како таков, дава 50 илјади пати повеќе шанси за тромб отколку што тоа е случај со вакцината на „Астра зенека“. Пушењето цигари е со сто пати поголем ризик за тромбоза од вакцината. Се прашувам зошто пушачите не мерат Д-димери пред да запалат цигара? Звучи смешно, но е пологично од мерење Д-димери пред операција - вели проф. Пановски.