Земјите на Европската Унија се договорија за ковид-пасоши, објавени сите детали

Земјите на Европската Унија се договорија за ковид-пасоши, објавени сите детали

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Европската Унија постигна договор за ковид-сертификати, што треба да помогне за отворање на летната туристичка сезона во Унијата, објави Европскиот парламент.

Европратениците и португалското претседателство на ЕУ се согласија во четвртокот вечерта, по четири рунди разговори.

Сертификатот, попознат во јавноста како ковид-пасош, ќе постои во форма на QR-код на паметни телефони или на хартија, а властите ќе можат да го користат за да го утврдат „ковид-статусот“ на посетителите.

Кодот ќе покаже дали лицето е вакцинирано, ковид-негативно или има имунитет затоа што ја прележало болеста. Во практика ова ќе бидат три посебни сертификати.

- И покрај тоа што денешниот договор не ги исполнува целосно барањата на ЕП, тоа секако претставува значително подобрување на сегашната статус кво состојба за милиони граѓани на ЕУ - рече претседателот на Комитетот за граѓански слободи, Хуан Фернандо Лопез Агилар.

Дигиталниот сертификат ќе ја врати слободата на движење во рамките на ЕУ, бидејќи земјите-членки почнуваат да ги укинуваат ограничувањата низ цела Европа. Тој договор е првиот чекор кон обновување на шенген-зоната, додаде тој.

Регулативата ќе биде во сила 12 месеци

Регулативата за дигитални сертификати треба да биде во сила 12 месеци и сертификатот нема да биде предуслов за остварување на правото на слободно движење и нема да се смета за патна исправа, се вели во соопштението на ЕП.

Земјите-членки мора да прифатат сертификати издадени од други членки за вакцини одобрени во ЕУ. Во моментов, тоа се „Фајзер-Бајонтек“, „Модерна“, „Астра зенека“ и „Џансен“.

Членките на Унијата можат сами да одлучат дали ќе прифатат сертификати за вакцинација од други членки по национални постапки за овластување за итни случаи или за вакцини вклучени во списокот за итни случаи од Светската здравствена организација.

pasos
Фото: Freepik

Личните податоци не смеат да се чуваат во членките на Унијата каде што се патува

Сертификатите ќе бидат проверени за да се спречи измама и фалсификување, а ќе се потврди и автентичноста на електронските печати содржани во документот.

Личните податоци добиени врз основа на сертификати не можат да се чуваат во земјите-членки на Унијата каде што се патува и нема да има воспоставена централна база на податоци на ниво на ЕУ.

Списокот со институции што ќе обработуваат и ќе примаат податоци ќе биде објавен во јавноста за да можат граѓаните да ги остваруваат своите права за заштита на податоците, во согласност со Општата регулатива за заштита на податоците, според ЕП.

Парламентот не сака ниту една земја да воведува дополнителни ограничувања

Во преговорите, Парламентот побара да се обезбеди бесплатно тестирање за ковид-19 и ниту една земја-членка да не воведува дополнителни ограничувања за патниците. Германија и Шведска беа меѓу земјите што се спротивставија на предлозите.

На крајот, членовите се согласија да се воздржат од наметнување дополнителни ограничувања, како што се тестирање или карантин, освен ако не е потребно од јавно-здравствени причини.

Европската комисија, која исто така учествуваше во преговорите, вети 100 милиони евра за купување на тестовите, а уште 100 милиони се подготвени ако е потребно.

Договорот ќе му овозможи на ЕП да го донесе законот на 7 јуни, а голем број земји на ЕУ да го тестираат системот пред да го пуштат во употреба на крајот на јуни.

Сертификатите се одделени од плановите за отворање на ЕУ за вакцинирани државјани на трети земји.

Извор: Reuters.com
Фото: Freepik